Мелина Милески: Кој вели дека со пет деца се нема време и за убавина?

Мелина Милески е сопственичка на салоните за убавина „Силуете“ и мајка на пет деца – Дино, Лука, Лина, Лана и Леон.

0
37192

Мелина Милески е сопственичка на салоните за убавина „Силуете“ и мајка на пет деца – Дино, Лука, Лина, Лана и Леон. Денот и почнува вака:

Те буди лаеж на две мали кучиња, сите пет деца се плеткаат околу тебе со своите желби кои чиниш со магично стапче треба да ги исполниш. Надвор пред тебе се исправа еден голем гладен пес, пауни, гулаби, сето тоа лета наоколу, се создава фонија од звуци, измешани крици од деца и животни… сè до онаа речиси медитативна и нестварна тишина која магично се шири низ домот навечер. Тоа е оној дел од денот кога ќе можеме малку да се опуштиме со сопругот, да се видиме, да поразговараме и да се посветиме еден на друг.

Како на Вас како личност влијаеja мајчинството и родителството?

– Тоа необично убаво чувство што го носите во себе откако ќе станете родител е тешко да се објасни, на моменти ми се чини како да е тоа едно надреално чувство, но сепак истовременo толку блиско, човечко и топло. Она што со сигурност можам да го кажам е дека мајчинството му дава една поинаква димензија на животот на една жена, ве прави побогати за уште неколку нови неосознаени светови кои треба да помогнете да се изградат и кои истовремено ја богатат вашата личност.

1

Со оглед на тоа што сте мајка на пет деца, но и сопственик на повеќе салони за убавина препознатливи како бренд, како се снаоѓате во трката со времето?

– Времето за мене е една недофатлива категорија, сакам да кажам дека постојано сум во трка со него, но сепак успевам на некаков магичен начин да го искористам максимално. Деновите ми почнуваат и постојано се проследени со милион прашања од типот: Koj требаше да оди на кој час, кој денес е на фудбал, кој на англиски, а кој на гимнастика? Со кого ли сè треба денес во салонот да се слушнам или колку деловни средби и состаноци треба да имам или да договорам? Зборувам за еден константен хаос кој тежнеам да го доведам во ред, па и да воспоставам одредена хармонија во организацијата. Потребна е голема енергија, посветеност, концентрација и мотивација за да се постигне сето тоа. Се разбира дека самата природа на мојата работа си создава одредени барања, а притоа мислам и на двата салона во Скопје (матицата во центарот на градот и салонот во Ситимол), како и уште четири салони низ Македонија.

1a

Како го поминувате времето со децата и дали е тоа доволно за нив?

– Понекогаш посакувам да можам да го растегнам времето и да можам да поминувам што повеќе време со моите најблиски, посебно со децата. Па, затоа го користам максимално, и одбирам за нив соодветни театарски претстави кои би можеле да ги гледаме заедно, ги носам на различни игри и активности преку кои постојано би можеле да доживуваат, и учат различни, интересни и нови нешта. Дино има 13 години, близнаците Лука и Лина имаат по 7 години, Лана има 5 години, а Леонче има 1 година и два месеци. Различни возрасти, различни желби и обврски, а и секое од нив е посебен свет кој си носи свои сопствени специфичности. Дино и Лука одат на фудбал пет пати во неделата, Лина и Лана на гимнастика. Јас и мојот сопруг сме големи вљубеници во спортот, и бидејќи овие активности никогаш не им биле наметнувани на нашите деца, најверојатно едноставно, таа љубов се пренела и кај нив. Вистина било тоа дека со помалите деца сè е полесно, кога ќе пораснат се зголемуваат нивните барања, а со тоа и проблемите. Многу е важно прецизно да го ускладиме времето за да можеме да поминуваме време и поединечно со секој од нив бидејќи на овие возрасти децата стануваат и љубоморни едни на други, па понекогаш дури и прегратките мора да се даваат насамо со секое дете посебно.

IZ4A1601Колку сте строг, а колку попустлив родител?

– Се трудам да бидам праведна во одлуките и воопшто во животот, а посебно кога станува збор за нешто толку кревко како што се децата. Истото се однесува и за исполнувањето на бескрајните детски желби. Сакам уште од мали нозе да ги научам и тие да прават добри и праведни избори, и секако, да научат дека сите желби не можат да им бидат исполнети, дури и сега додека се деца, а уште помалку кога ќе бидат возрасни, дека светот нема секогаш да биде толку нежен со нив како што знаат да бидат родителите. Секако, како секој родител често знам и да ги разгалам, нешто што секој родител го прави повремено, а и како не би го правеле кога децата се толку прекрасни и неодоливи суштества.

Дали ги воспитувате децата на традиционален начин во смисла – девојчињата треба да знаат да работат женски работи по дома, а момчињата – машки?

– Не правам строги определби во однос на тоа кој треба да ги прави машките, а кој женските работи. Секое дете го учам дека треба да си ги завршува своите обврски и смислувам начини да го заинтересирам доколку има тешкотии или одбивност кон некоја работа која треба да ја научи. Сметам дека сепак постои одреден бонтон кој треба да го почитуваат децата од двата пола, притоа мислам на тоа дека на момчињата им обрнувам внимание на тоа дека треба да имаат фин и нежен однос кон девојчињата, да им помагаат кога се во неволја, а моите девојчиња уште од малечки ги учам да бидат свесни за своите вредности и да се однесуваат како вистински мали дами.

На какви вредности ве научиле Вашите родители и на какви вредности Вие ги учите или планирате да ги научите Вашите деца?

– Моите родители ме научиле на неколку основни, иако навидум едноставни, но според мене многу важни вредности. Дека во животот е потребна голема и постојана борба за да се постигнат големи работи. И сето тоа не само за на крај да ви дадат некаква награда или титула, што секако понекогаш знае да мотивира и да ве поттикне. Туку, повеќе поради некоја своја, духовна сатисфакција која е потребна за да ја комплетирате вашата личност. А тоа е нешто што знае да влијае и на други полиња и на односите со другите луѓе, нешто што знае целосно да го трансформира вашиот живот во позитивна насока. Своите деца ги учам да бидат силни, борбени, истрајни, но и чесни, трпеливи, самосвесни битија подготвени да се соочат со светот, од него да го земат најубавото, да се изборат со лошото, и да бидат задоволни од себе.

2
Вашиот рецепт за успешна мајка е:

– Можеби и не постои некој посебен универзален рецепт кој треба да се следи за да се биде успешна мајка, тоа чувство треба да го имаме во себе, па самите низ искуството да учиме и да си креираме сопствени рецепти кои би биле значајни за нас и за нашето семејство. Сепак, нешта кои низ моето искуство како родител на пет деца се покажале како важни се: голема посветеност и вложување на енергија, трпение и многу љубов.

Што Ви помага да го негувате детето во себе?

– Со самото тоа што сте родител, неминовно е враќањето во детството, навраќањето на детето во себе. Пак ќе напомнам дека тоа чувство најсилно го доживувам за време на детската игра во која редовно се приклучувам, па додека со нив играм, пеам и се смеам, на моменти сфаќам дека станувам едно со нив и уживањето во тоа е слично на нивното. Во тие моменти возрасниот човек заборава на сите грижи и се препушта на играта како во времето кога и самиот бил дете.

Разговараше: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]