Бебињата се поизложени на микропластика од возрасните

Истражувачите од Медицинскиот факултет на Универзитетот Гросман во Њујорк откриле дека доенчињата имаат 10 до 20 пати поголема концентрација на микропластика во столицата од возрасните, особено кога станува збор за микропластика ПЕТ (полиетилен терефталат).

0
73

Најновото истражување покажало дека кај бебињата е откриено дека имаат до 20 пати повеќе микропластика отколку возрасните, јавува Anadolu Agency (AA).

Микропластика се пластични честички помали од пет милиметри, кои се испуштаат во околината со кршење поголеми пластични предмети. Тие се закана за животната средина бидејќи не се распаѓаат лесно, а неодамнешните истражувања ги откриле во прашина, храна, овошје, флаширана вода и, како резултат на тоа, во животински и човечки измет.

Според Гардијан, изложеноста на човекот на микропластика е причина за загриженост, но малку се знае за нејзиниот обем. Истражувачите од Медицинскиот факултет на Универзитетот Гросман во Њујорк откриле дека доенчињата имаат 10 до 20 пати поголема концентрација на микропластика во столицата од возрасните, особено кога станува збор за микропластика ПЕТ (полиетилен терефталат).

Овој тип на микропластика се користи, на пример, во производството на текстилни влакна, шишиња за вода и футроли за мобилни телефони.

„Изложеноста на луѓето на микропластика е здравствена грижа. Мора да вложиме напори да ја намалиме изложеноста на децата. Детските производи не треба да се направени од пластика“, вели Курунтахалам Канан, професор на одделот за педијатрија на Медицинскиот факултет Гросман и главен истражувач на студијата.

Истражувањето е објавено во списанието на Американското хемиско друштво, Environmental Science and Technology Letters.

Се проценува дека просечниот човек може да внесе до пет грама микропластика неделно. Дел од микропластиката незабележливо поминува низ дигестивниот систем и се излачува преку столицата, дел од микропластиката се акумулира во органите на телото, а неодамнешните истражувања покажале дека некои парчиња ги преминуваат клеточните мембрани и влегуваат во крвотокот. Други студии покажале генерациски пренос на микропластика од бремените жени до плацентата.

Сѐ уште не е доволно познато тоа колку микропластиката влијае и може да го оштети човечкото тело, но некои тестови врз лабораториски животни покажале воспаление, изумирање на клетките и проблеми со метаболизмот.

Фото: Pexels/Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]