Лулка ги обучува родителите како да се грижат за предвремено родените бебиња

Предвременото породување е една од главните причини за новороденечка смртност и причина за над 50% од смртноста на децата до 1 година.

0
446

Организацијата Лулка – Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца преку својата платформа ПремНова и во соработка со европската фондација EFCNI по повод 17-ти Ноември, Светскиот ден на предвременото породување, организираше Панел-дискусија на тема „Предизвиците на предвременото породување во Македонија“, на која беа поканети претставници на лекарските здруженијата, на поголемите болниците во кои се раѓаат и третираат овие бебиња, претставници на организацијата на дефектолози и организацијата на професионални физиотерапевти, како и родители кои ја збогатија дискусијата со споделување на своите искуства.

– На панелот тимот на Лулка го презентираше концептот на „Нега насочена кон семејството“ и ги пренесе впечатоците на родителите и нивните искуства поврзани со предвременото породување. Ги запознавме посетителите со тековниот европски проект за креирање на „Стандарди за грижа за новородени (European Standards of care for newborn health Project)“ од кој е дел и Лулка, со што се очекува постепено изедначување на негата во сите делови на Европа. Заклучоците од Панел-дискусијата беа дека е важно заедничко одбележување на ваквите настани и дискусија, каде засегнатите страни и професионалци ќе разменуваат впечатоци, идеи и
предлози за подобрување на условите со кои се соочуваат родителите како заедничка цел на сите фактори. Заклучивме дека се соочуваме со системски предизвици и проблеми и дека ни е потребен системски пристап кон решавањето на предизвикот наречен предвремено породување, од аспект на соодветно следење на бременоста, унапредување на грижата за бебето, но и за семејството во текот на престојот во болница и континуирано следење на развојот на овие деца во следните години. Заклучивме дека ни е неопходна подобра интерсекторска комуникација и меѓусебна поддршка, вклучително и од граѓанскиот сектор, организации и неформални групи на родители, со цел пружање подобра нега на прематурното бебе и унапредување на следењето на неговиот развој – вњелат од Лулка.

Организацијата Лулка, која како еден од трите главни фокуси ја има токму поддршката на предвремено родените бебиња и нивните семејства, во изминатите денови подари пет пакети со материјали во знакот на Светскиот ден во 5 болници во Скопје (приватни и јавни), со цел и нашите оддели за неонатална интензивна нега да го одбележат овој ден како секаде во светот.

За следниот период најавуваат низа активности за брзо достапно информирање и едукација на родителите веднаш по предвременото породување, активности за поддршка и обука на медицинскиот персонал во насока на нега насочена кон семејството, и за промовирање на проектот „Европски стандарди за грижа на новородените“.

Предвременото породување е актуелен глобален проблем кој сѐ повеќе се става во фокусот на јавно-здравствените активности и политики. Насекаде во Европа, предвременото породување е една од главните причини за новороденечка смртност и причина за над 50% од смртноста на децата до 1 година. Процентот на преживување постојано расте благодарение на напредокот на науката и медицината. Но, организациите на родители и здравствените работници кои работат со оваа популација веќе не се фокусираат само на преживувањето, туку и кон обезбедување најдобар можен почеток во животот за овие бебиња и подобро искуство на нивните семејства, додека бебињата се во болница и по доаѓањето дома.

[better-ads type='banner' banner='999' ]