УНИЦЕФ повикува на подобрување на услугите за децата со попреченост

Во извештајот за алтернативните форми на згрижување и услуги за поддршка на семејствата на деца со попреченост, што денеска го презентираше УНИЦЕФ, како најпозитивен тренд во земјава се истакнува тоа што овие деца претежно живеат со своите биолошки семејства, наместо во формални видови згрижување.

0
197

На денешната промоција на извештајот „Проценка на алтернативни форми на згрижување и услуги за поддршка на семејствата и децата со попреченост“, владините партнери, организациите на лицата со попреченост, родителите на децата со попреченост и експертите дискутираа за главните наоди и препораки од извештајот. Во оваа проценка, нарачана од УНИЦЕФ во соработка со Министерството за труд и социјална политика, се разгледуваат сите достапни форми на алтернативни услуги за грижа и семејна поддршка кои државата и другите актери ги обезбедуваат за семејствата и децата со попреченост.

Извештајот се занимава со два главни аспекта: во колкава мера услугите се ориентирани кон семејствата, и во колкава мера се насочени кон развојот на децата.

Во него се обрнува внимание на потребата од континуирана поддршка на децата од моментот на утврдување на попреченоста, па сè до самостојно живеење. Ова опфаќа достапност на поголем број различни услуги, со што се обезбедува можност за избор на услуги кои најдобро одговараат на потребите на децата додека растат. Во моментов постојат 30 државни дневни центри за деца со попреченост кои се наоѓаат само во поголемите градови и им даваат услуги само на 10% од сите деца со попреченост во земјата.

Другите препораки опфаќаат натамошно зајакнување на меѓусекторските врски меѓу службите заради подобар одговор кон потребите на децата со попреченост и рана интервенција, со фокус врз идентификување на случаите преку работа во заедницата. Во извештајот се повикува на втемелување на основните принципи на човековите права и на Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) во сите услуги за децата со попреченост.

Во однос на правата на децата, во извештајот, како најпозитивен тренд во земјава се истакнува тоа што децата со попреченост претежно живеат со своите биолошки семејства, наместо во формални видови згрижување. Утврдена е празнина во системот за давање услуги во делот на рана идентификација на попреченоста (особено за попречености што стануваат забележливи подоцна по раѓањето). Детектирањето на попреченост во моментов не е поврзано со сеопфатна проценка на способностите на детето и затоа се слаби изгледите дека може да претставува основа за изработка на соодветен план за развој на детето во доволно рана фаза.

Во извештајот се посочува и на тоа дека развојните активности во рамките на различните услуги (ДЦ, градинка, центар за ран развој итн.) не се доволно индивидуално приспособени за да може на флексибилен начин да одговорат на вистинските потреби на детето според фазата на развој, способностите, возраста итн.

Патот од процената на попреченоста до постигнувањето на крајната цел на самостојно живеење е тежок и нереално е да се очекува дека може да се помине со постојниот број и ниво на разновидност на услугите.

[better-ads type='banner' banner='999' ]