Сани: Мојата ќерка е убава на тато, паметна на мама

Снежана Јаначковска-Богдановска, алијас Сани е еден од пионерите на македонската модна сцена, една од нашите најпознати и најуспешни манекенки, а веќе 20 години и моден новинар. Одвреме навреме се уште чекори по модната писта, рамо до рамо со својата ќерка Анастасија. За „Мајка и дете“, Сани зборува за своето родителство и ги советува младите мајки: „Живеам за тебе“ е најголем товар кој можете да му го наметнете на своето дете. „Ти си ми смисол на животот“ - најголем егоизам.

0
4951

Ја познаваме како една од првите манекенки во Македонија, и жена која повеќе од 20 години ја следи модата низ призмата на моден новинар, најмногу преку своите емисии на „Телма“, но и со колумните во некои магазини.  Од пред извесно време, одвреме навреме, се уште чекори по модната писта, рамо до рамо со својата ќерка Анастасија.  Неодамна таа ја издаде и книгата „Моите стории – мојот живот”, во која се сместени авторски текстови, објавени во списанието „Лајф“ во форма на модни колумни и интервјуа со еминентни ликови, а почна со работа и со модно училиште, школа за регрутација на беспрекорно обучени модели. За нашиот портал Сани зборува за својот родителски ангажман, за односот со нејзината ќерка Анастасија, за нивните заеднички модни проекти, но и ги советува младите мајки.

Имате долгогодишно искуство кое веројатно го изострило вашиот осет за препознавање на оние кои се едноставно родени за модниот свет. Дали е тоа случај и со вашата ќерка, со оглед на тоа што веќе имате настапувано заедно на ревии?

-Анастасија е на писта откако е проодена. Беше по сила на приликите најмалата курсиска на часовите кои тогаш ги држев, бидејќи  наједноставно, најприфатливо и најзабавно беше да ја носам со мене. Дека не можеше да куртули од талентот беше веднаш воочливо не само по движењето несвојствено за физиолошката возраст туку и по тоа како ги паметеше кореографиите кои и за повозрасните деца изискуваa неопходно внимание. Па беше забавно да се гледа како така помала од сите ми асистира и ги корегира другите. Но со мојот  премин во модни новинари и нејзината предаденост со мулти талентираноста во многу други полиња (музика, математика, јазици, спорт), но и мојата грижа да не ја оптоварувам со наследството на мајката, тој талент неоправдано го запоставивме, занемаривме, деградиравме и потиснавме. Нешто што денес со право ми го забележува. Но талентот не може да се скрие, па иако беше можеби доцна за сериозна кариера исчекорите кои ги направи во модниот свет само го потврдија и акцентираа талентот.

Кога се најдовте првпат заедно на модната писта и какво беше чувството, сепак, вистинска реткост е да се видат мајка и ќерка како чекорат заедно по модната писта? 

-Еден мој проект („Новинарите стилизираат“) беше мотивот за разоткривање и артикулирање на манекенката во неа. Беше тоа воедно и нејзино прво качување на потпетици и по долги години стапнување на писта со сигурен и самоуверен чекор, реоткривање на заборавениот потенцијал. Имаше многу егзалтираност во тој наш заеднички настап. Потоа ревијата кај Славица Блажевска ја сработивме успешно и организациски и манекенски заедно како тим, на големо заедничко, но и општо задоволство. Беше дел и логистика на мојот проект „Малата бела кошула”. А изработивме и неколку едиторијали и тоа мислам дека е единствен пример на мајка и ќерка кај нас, додека во светот се повеќе се случува. Сега, како неизбежен дел од модните настани како тандем сме очекувана комплетна појава па нејзиното отсуство е секогаш забележително.

Дали за Анастасија овие ревии беа само мал излет или сепак нешто со што посериозно би се занамавала, евентуално и некаде надвор од Македонија?

-Анастасија има завршено компјутерски науки и постипломски студии на Мјузик инжињеринг во Комо, Италија. Токму одењето во Италија ја потхрани идејата за можен влез на интернационалната модна сцена, но тоа е професионализам кој не трпи компромиси, па потентната можност и успешниот обид сепак беа покорени на сметка на науката. Но модата дефинитивно тече во незините жили па животот во Милано и овозможи влез во тесните модни кругови и непосреден допир со модната сцена, и сега е редовен посетител на MFW, а благодарение на неа јас сум првиот и се уште единствен моден новинар од МК кој присуствувал и известувал од интернационална модна недела. Се повидлива кај неа е желбата но и упатеноста кон ова поле и се ми се чини дека тука всушност ја чека можност за многу успешна кариера.

 Како мајчинството ви го смени животот, во кој период од вашиот живот се случуваше тоа, се плашевте ли дека бременоста ќе влијае лошо врз вашата кариера?

-Не само што мајчинството ми го смени животот и мене комплетно како личност (на подобро во секоја смисла), туку буквално и ми го спаси животот. Беше тоа период кога се борев со депресија поради болеста и загубата на мојот татко и единствено ангажманите како модел ме одржуваа на некој начин. Чудесно божествено подавање рака на спас. Стравот не беше за кариерата, речиси и да немаше прекин (кога бев 4 месеци бремена снимав едиторијал со костуми за капење а само 2 месеци по породувањето се појавив во топ форма на „Модест” – од тоа денеска би направиле ексклузивна вест, но тогаш не значеше никому ништо). Стравот сепак беше за одговорноста која требаше да ја преземам. Па додека сите околу мене офкаа од болка додека се породуваа јас покриена преку глава тивко плачев од страв дали ќе знам да одговорам на благословената задача која ме чека. Но моментот кога ја ставија на моите гради ме претвори во лавица. Моќ која не знаев дека ја поседувам. Бескрајно сум и благодарна што одбра да се роди.

Дали некогаш се најдовте пред изборот: мајчинство или кариера?

-Изборот беше на Господа, буквално. Воопшто не размислував за деца, уште повеќе мислев дека не би била доволно умешна во грижата како мајка. Имавме недозволиво долга врска со Кљок и едноставно решивме дека е време да се земеме. По четири месеци се јави Ана. Излезе дека е зачната на празникот Младенци. Веста ме стаписа но со првото запознавање со неа на Ехо  јас веќе бев друга личност. И ништо друго веќе не беше важно. Кариерата и онака никогаш не беше целно креирана туку само плод на љубов, предаденост и предодреденост.

Дoaѓа ли вашиот сопруг Љупчо Богдановски-Kљок на вашите заеднички настапи? Како ги коментира?

Па мора да доаѓа, хахаха. Но секогаш е искрен, прецизен и многу вистинит во судот. Иако можеби тоа дека Ана би можела да ме наследи  го веселеше кога настапуваше како мала, ми се чини не му беше  омилена мисла за професионална определба, но сепак дека не можеше да го скрие задоволството од нејзините  исчекори како модел.

Што ја советувате вашата ќерка?

-Советот се сведува само на единствено нешто – што и да прави, тоа да ја чини среќна. Ни помалку ни повеќе. Мерка за правилно изодување на патот.

Што е она што мислите дека го наследила од вас, на што сте најмногу горда?

Анастасија физички многу повеќе наликува на татко и, а на мене нешто по малку по сензибилитет. Убава на тато, паметна на мама можеби од прва звучи збунувачки но само доколку не сте ја виделе или запознале. Горда сум што е токму каква што е во целиот тој свој наследен микс и не можам да ја замислам поинаква. Тврдењето на научниците дека интелигенцијата децата ја наследуваат од мајките ми импонира, но нејзината натпросечна интелигенција (член е на МЕНСА) го  надминува мојот капацитет. Па сепак, со сигурност можам да кажам дека таа е елоквентен репрезент на моето тврдење дека естетското чувство, односно сензитивноста за мода е во ДНК-та, секако надоградено со влијанијата на опкружувањето. Изострениот усет за визуелното и неверојатната креативност, бескрајната имагинација и свежина на идеи е нешто што постојано ме фасцинира но и континуирано ме мотивира.

Со оглед на тоа што имате возрасна ќерка, дали можете да се замислите себеси во улога на „баба“, што би направиле вие денеска поинаку како мајка?

-Одамна сум подготвена за претпоставената, потенцијална улога и постојано со жар раскажувам дека една од желбите ми е да си го возам внучето на чопер. Од извлеченото „што не треба“ како во сопственото искуство дефинитивно би се произнесувала за помалку потресеност околу улогата. Грижата на родителот детето да не ја доживува како притисок туку едноставно како неопходно потребно внимание. „Живеам за тебе“ е најголем товар кој можете да му го наметнете на своето дете. „Ти си ми смисол на животот“ – најголем егоизам.

Каков е вашиот однос и како изгледа вашето мајчинство сега во споредба со она кога Ана била се уште мала?

-Животот со Ана како мала и животот со Ана како возрасна се сосем различни приказни. Истата блискост но во различен облик и кореспонденција. Па иако преминот е благ и неприметен, нарацијата е на друго ниво а ликовите со новоосознаен квалитет. Бебето, девојчето и тинејџерката останаа во претходниот живот. Сега, во овој новиов, мојата „крв и месо“ е стамена девојка со бистри ставови кон животот и светот. Мое огледало, пријател, поткрепа, коректор но и учител и исцелител. Кога детето  аргументирано ти укажува на грешките знаеш дека си завршил добра работа. Нова димензија, релација и поврзаност која не е „држење за здолништето на мама“, туку безрезевна упатеност една кон друга. Од таму потребата да минуваме многу време заедно, зашто многу од работите што ни се важни ги  правиме заедно. Од обичен шопинг кој е цела приказна за себе (фасцинатна идентичност на вкусот, секогаш ќе лоцираме исто парче но ќе го носиме на толку различен начин што воопшто нема да се забележи дека е исто), преку вежбање, пливање, грижа околу храната (но и нашата традиционална пита за добредојде и довидување), културно -забавниот живот па до професионална соработка која во иднина благодарение на нејзината енергија и свежина на идеи во комбинација со  моето искуство очекуваме  да изроди сериозни проекти.

Што би им порачале на младите мајки, оние кои допрва треба да ги пребродат пелените?

-Да не брзаат никаде. Да уживаат максимално во секој изоден чекор од мајчинството. Да го впиваат секој можен заеднички момент – и кога те боли кога него го боли, и кога остануваш со ноќи буден, и кога се чувствуваш беспомошен, збунет или исплашен  и кога врескаш од среќа на првото запче, првиот збор и првиот чекор.

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]