Живот помеѓу стравот од социјална осуда и поривите на сексуалните манијаци

Препуштена само на своите човечки сили кои ги црпи од љубовта кон детето самохрана мајка низ грч раскажува за својата борба со животот.

0
414

Со месечни примања од 10.000 денари, од кои плаќа кирија и сметки, одделува за непрекинато образование на своето дете, и постојана потрага по дополнителна работа за дополнителни приходи, оваа жена чиј идентитет на нејзино барање останува познат на редакцијата, поради страв од последиците по социјалниот живот на своето дете, е излог за институционалната негрижа кон самохраните родители, посебно самохраните мајки – жртви на семејно насилство.

– Самохрана мајка сум веќе 9 години. Откако преживеав жесток напад со сериозни повреди од мојот бивш сопруг, следеше судски спор за развод и старателство врз детето. Старателството го добив јас затоа што бев вработена, а тој не беше. Така детето оттогаш живее со мене. На почетокот имав многу мала поддршка од блиските, затоа што кога си жена и си претепана од сопругот, колку и да си жртва сепак мора да постои причина поради која си ти виновна, па така сите гледаа со сомнеж на мојата состојба и малку ми излегоа во пресрет. Освен моите родители и неколку пријатели скоро и да немав друга помош. Од институциите пак, воопшто никаква. Поради тоа што бившиот сопруг е невработен, во прашање беше доведена и алиментацијата која судот му одреди да ја плаќа. Егзистенцијата со 8.000 денари стануваше сѐ потешка да се издржи, затоа што морав да се грижам и за моите стари родители. После извесно време решив да се преселам со детето во Скопје и да пробам да најдам работа тука. Не сум неквалификувана и необразована. Јас сум медицинска сестра со искуство и барав работа во мојата струка. Но големата надеж за подобар живот за мене и моето дете, донесе само поголемо разочарување – раскажува мајката.

Тешка мета – лесен плен

Речиси и да нема контакт со поранешниот сопруг, освен за неопходни консултации кога детето е во прашање. На детето не му ги ограничува средбите со таткото, затоа што, како што смета таа, добро е за развојот на детето да има контакт со својот татко кога ќе посака. Вели дека финансиите ѝ се најголем проблем, зашто со нејзината плата не може да ги подмири сите трошоци за одгледување на детето. Згора на тоа, дополнителна мака ѝ задава неодговорното исплаќање на месечната обврска кон детето, која ја има поранешниот сопруг.

Заглавени на раскрсницата помеѓу социјалната осуда, (не)приликите на општеството кое се декларира за отворено и одговорно кон ранливите групи граѓани, оваа мајка истакнува дека постојано наидува на сексистички испади, непристојни и напати вулгарни предлози како услов за да добие вработување, не бивајќи прашана за своето образование и работно искуство. Дури, нагласува, и кога ќе добие работа по регуларен пат, не поминува долго до моментот кога работодавачите се користат со нејзината состојба за на мала врата“ да почнат со „суптилно“ сексуално вознемирување, знаејќи дека веројатноста да сносат последици за тоа е мала поради пресметаниот ризик од губење на работното место.

– На институциите не се надевам многу, едноставно не им верувам, затоа што знам како си ја „завршија работата“ уште првиот пат. Невладините организации кои наводно нудат помош за самохраните родители, се сведуваат на групи за разговор каде секој си ја кажува маката и повторно се враќа дома со празни раце. Многу често не успевав да се задржам на едно работно место поради односот на претпоставените и сопствениците. Кога ќе разбереа за мојата состојба, не губеа време да пробаат „да добијат нешто“ од младата мајка. Мојата ранливост ја третираа како предност, претпоставувајќи дека толку очајно ми треба работата што ќе молчам и ќе им ги исполнувам валканите желби. Поради тоа и често менував работи, затоа што само така можев да се заштитам од понатамошни уцени и сексистички вознемирувања, а со тоа и да го заштитам своето дете. Со платата од 10.000 денари која моментално ја заработувам успевам да платам кирија, сметки и да ги обезбедам основните потреби за образование на детето. За работи како интернет, телевизор, не ни размислувам, затоа што не можам да си ги дозволам како трошок. Намирниците за живот поскапуваат, детето расте, а со тоа и трошоците и потребите. Се обидувам да најдам и втора и трета работа. Би работела се што ми е во доменот, од нега на болен во домашни услови, до чување деца и стари лица, но освен манијаци кои го злоупотребуваат бројот од огласите кои ги има пуштено, засега безуспешно. Преплашена сум кога размислувам за иднината, мислам дека нема да можам да издржам уште долго – раскажува мајката.

Според последната достапна статистика на сајтот на Државниот завод за статистика која е за 2015 година, забележани се 1.011 починители и 1.140 жртви на семејно насилство, но нема податоци за бројот на самохрани родители ниту пак запис за институции надлежни за згрижување на оваа група граѓани.

– Македонското законодавство, подзаконските акти и програми предвидуваат заштита за самохраните родители преку мерките на активна социјална политика каде што се регулираат прашањата на социјална превенција, вонинституционална заштита, институционална заштита, права на парична помош од социјална заштита, како и заштита од дискрминација. Со активните мерки и политики за вработување се предвидуваат низа механизми за зголемување на вработеноста кај ранливите групи, вклучително и на самохраните родители. Од една страна, на хартија ги имаме сите овие права и можности кои би требало непречено да се уживаат, меѓутоа, во реалноста постојат низа предизвици и потешкотии за да може истите да се ползуваат и на тој начин да се обезбеди социјална вклученост кај ранливата група самохрани родители. Би сакала да потенцирам дека ризикот од социјална вклученост е особено изразен кога станува збор за самохраните мајки, бидејќи тие се соочуваат со повеќекратно насилство, меѓутоа, поради нивната особено ранлива положба дури и со бездомништво. Ваквите прилики претставуваат дополнително бреме во борбата за обезбедување на нивна заштита и поддршка, и конечно за обезбедување на достоинствен живот. Ова ни кажува дека проблемот на социјална вклученост има родова перспектива и дека тој во поголема мера ги погаѓа жените – изјави Наде Качакова, активистка за женски права.

Поголема доверба во граѓанските организации отколку во државните институции

Самохрани родители најчесто се жени, односно осум од десет родители што ја преземаат грижата за децата по разводот се мајките. Во најголем број случаи мажите стануваат самохрани родители само ако нивната сопруга почине. Како што бележи Државниот завод за статистика, во земјава е зголемен бројот на разводи и сѐ повеќе родители се соочуваат со проблеми во врска со плаќањето издршка за децата. Висината на алиментацијата се движи од 2.000 денари до 50.000 денари месечно, во зависност од висината на платата што ја има родителот што ја плаќа алиментацијата. Нема податоци за неплаќачите на алиментација. Самохраните родители имаат право на надомест за најмногу три деца додека не наполнат три години. Истовремено добиваат и детски додаток. За мајка и дете износот на социјалната помош е 4.600 денари, а ако се две деца 6.600 денари.

– Моето директно искуство во работата со жените и девојки жртви на насилство, вклучувајќи ги и самохраните мајки говори дека оваа ранлива група на граѓанки има далеку поголема доверба во невладините организации, наспроти надлежните институции на државата. Тоа е така поради флексибилноста со која располага граѓанскиот сектор, меѓутоа и спремноста и сензитивноста за ефикасно и полесно справување со проблемите со кои се соочуваат самохраните мајки кои се жртви на семејно насилство. Со Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, законодавецот ги вклучил и невладините организации, па така во член 6 се вели: „Заштитата на жртвите на семејно насилство може да ја обезбедат и здруженија, кои се регистрирани за давање на вакви услуги, согласно со Законот за социјалната заштита“ – вели Качакова.

Иако е позитивен фактот што државата на некој начин финансиски ја поддржува оваа група граѓани, ова право е рестриктивно и во однос на времетраењето на неговото користење и во однос на бројот на деца.

– Земајќи ја предвид ранливоста и изложеноста на самохраните мајки на низа ризици, може да се потврди дека тие се соочуваат и доживуваат разни форми на сексуално насилство, вклучително и сексуално вознемирување на работното место. Она што е особено важно е препознавањето на самохраните мајки како специфична ранлива категорија и дефинирање на нивниот статус во рамки на домашната легислатива како би можеле тие да се повикаат на одредени законски гарантирани права, а паралелно со тоа треба да се покрева јавната свест околу негирањето на стереотипните гледања за еднородителските семејства со цел да се обезбеди ефикасен институционален одговор во решавањето на проблемите кои ги погаѓаат самохраните мајки – додава таа.

Истовремено, загрижувачки е фактот што оваа група граѓани се вбројуваат во категориите на лица неспособни за работа, бидејќи станува збор за привремена состојба, и погрешното поимање може да доведе до континуирана зависност од социјални бенефиции. И покрај недостигот на јасна дефиниција за поимот самохран родител, одредени закони во Македонија дефинираат некои права кои може да ги користи оваа категорија граѓани. Досега не е извршена евалуација на спроведувањето на Законот за работни односи и нема податок дали и колку навистина се спроведени овие права.

[better-ads type='banner' banner='999' ]