Погодете која е: Скопјанка што родила битолчани и свири на харфа

Единствениот фејсбук статус кој го напишала досега бил оној кога близнаците имале 3-4 месеци и гласел: Ах да имав четири раце!

0
5899

Весна Станојевска Микиќ пошироката публика ја запозна откако дебитираше во филмот на Милчо Манчевски, „Сенки“. Но оние кои ја знаат повеќе, ја знаеја и претходно, по нејзините достигнувања во доменот на музиката. Сепак, од моментот кога се појави во „Сенки“ стана вистинска ѕвезда. И не само тоа. Токму благодарение на улогата во филмот Весна можеше конечно да си купи харфа – главната „алатка“ за нејзината основна професија.

Денеска таа е мајка на речиси двеиполгодишните близнаци Ена и Иво и пред нешто повеќе од една година, по завршувањето на породилното отсуство повторно ѝ се врати на работата во оркестарот на Македонската опера и балет, но и на настапите со ансамблот на современа класика „Контемпора“.

Бидејќи не сум ја видела неколку години, мислев дека во меѓувреме се случила некаква неверојатна промена во нејзиниот изглед, но Весна се појави со својата препознатлива кратка коса од времето на „Сенки“, насмеана и зборлеста. Има неколку килограми повеќе од претходно, но тоа е нешто со што се соочуваат сите мајки, особено оние со близнаци. Доаѓа лето, па и слабеењето е полесно, но не и најважно на свет. Важно е тоа што сега, за разлика од првите месеци по породувањето кои биле тешки, хаотични и нестварни, е се под контрола.

„Понекогаш уморот и неспиењето прават да се чувствуваш исцрпено. И на мене и на Микиќ првиот месец, дали од возбуда или незнам од што, ни се случуваше и по два дена едноставно да заборавиме да јадеме. Сето наше внимание и грижа беа усмерени кон децата, а тие пак никако не можеа да фатат ред, кога е ден, а кога ноќ, и беше логично така ненаспани и во хаос, да забораваме на себе. Ама фала богу тоа сега помина“, ја почна Весна приказната за Ена и за Иво која е особено интересна и поради тоа што тие, и покрај долгата скопска лоза на двете семејствата, наместо во Скопје се родиле во Битола.

Животот го почнале во болницата „Плодност“, и тоа, прва се родила Ена, а три минути по неа и Иво.

Приказната почнува такашто Весна и нејзиниот сопруг, актерот Александар Микиќ, многу сакале деца, па откако поминала една година, а Весна не останувала бремена, веднаш го презела следниот чекор.

„Гинеколозите велат, ако помине една година и не забремените, веднаш преземете мерки и не си го губете времето. Јас сум од тие што веднаш преминуваат на следен чекор, па одлучив да одиме на ин витро. Најпрвин не бев сигурна што да правам и каде да одам, се распрашував и откако една докторка, ме упати кај доктор Таше Трпчевски во Битола, се одлучив за неговата болница. Пресуден момент ми беше тоа што докторката која ме упати таму беше гинеколог. Му кажав на Микиќ, тој се согласи и потоа следуваше еден од нашите најубави периоди. Патувањето во Битола не го сфативме како мачење, туку напротив, како авантура, како забава, па задолжително секое одење застанувавме некаде да јадеме, да видиме нешто, секое одење го спојувавме со некое задоволство па со оглед на тоа што е Македонија мала, отидовме навистина на многу места, Вевчани, Охрид,, наваму натаму, ова беше исклучително убав период од нашиот живот. Иако на почеток беше планирано да се породам во Скопје, на крајот, откако се зближивме и се спријателивме со докторот во кој стекнав исклучителна доверба, сепак решив да се породам таму. Сите ми се чудеа, и моите, и родителите на Микиќ се секираа како ќе патуваме потоа со двете бебиња назад во Скопје, ме убедуваа да ги родам тука, но Микиќ ме поддржа и ете, после генерации и генерации родени во Скопје, ја прекршивме лозата на скопјани и отидов да родам битолчани.

Децата имаа пет дена кога тргнавме назад за Скопје, но немаше никаков проблем. Иако беше февруари, денот беше прекрасен и по пат застанавме само еднаш за да им дадеме млекце. Првите три месеци ги доев и ги дохранував, бидејќи немав доволно млеко за да бидат двајцата најадени и тие три месеци беа најтешкиот период. Доењето беше и многу напорно, на моменти речиси неизводливо. Како да немавме време за ништо друго освен за нив, како да бевме во бунило од неспиење и од замор, само ги гледавме нив дали се добри, а ние бевме како зомби. Тие три месеци ни беа навистина хаотични.

Потоа некако работите почнаа да се средуваат, Ена и Иво си го фатија полека редот па и ние со нив. Ена сега си спие по цела ноќ, а Иво и до ден денес се буди барем еднаш во текот на ноќта, ќе си поплаче, ќе го погалам, пак ќе си заспие и така, сепак е полесно. Двајцата си спијат сами во својата соба, иако вратата е секогаш подотворена за да можеме да наслушнуваме ако некој се разбуди или не бара.

Додека тие спијат пак, ние двајца се договараме како треба да се поставиме за да не се случи едниот да им кажува едно, другиот друго па тие да се чудат и да не знаат како всушност треба да биде. Кога сме слободни гледаме да сме постојано со нив, да си ги гледаме сами, без баби и дедовци, кои пак, кога има потреба, односно, кога имаме ангажмани во исто време, Микиќ со претстави и проби, јас со концерти и проби, се секогаш тука“, раскажува Весна.

Инаку, Весна тргнала на работа кога децата имале една година затоа што за малку не го фатила новиот закон со кој породилното отсуство беше продолжено на 15 месеци. Вели дека немале проблем со навикнувањето во градинка, но како и сите деца, така и тие на почеток постојано се разболувале.

„Сега одат во градинка по шест часа дневно, од 8 ипол наутро до 14 и 30. Мислам дека им е доволно толку, иако навистина лесно се навикнаа на градинката која излезе одлично решение со оглед на тоа што е навистина тешко да најдеш некој кој ќе се нафати да се грижи за две толку мали деца наеднаш. Си одат во градинка со песна и си го знаат редот, а таму научија и многу работи, како на пример, да си ја креваат чинијата откако ќе се завршат со јадењето, да се измијат и слично.

Сега и ние дома сме поорганизирани. Се е прилагодено на децата па речиси и немаме дневна соба туку и таа е претворена во простор во кој Ена и Иво ќе можат слободно да се движат и да си играат. Со Микиќ си ги поделивме обврските, па така јас ги облекувам и ги спремам за во градинка, а тој ги носи, ги земаме заедно или кој како е слободен, јас перам, чистам, тој готви, двајцата пазаруваме, средуваме по дома и така“, објаснува Весна.

Иако, се подразбира дека подеднакво си ги сакаат и двајцата, вели дека им се чини дека Ена е поприврзана со Весна, а Иво со Микиќ. Дури и во изгледот се поделени така, па Ена личи на мама, а Иво на тато.

Со оглед на тоа што денешните деца уште од пелени се со телефоните и таблетите во раце, Ена и Иво се исклучоци па се уште не знаат за компјутер, лап топ или телефон, а и телевизија почнале да гледаат од скоро, и тоа само бебешкиот цртан филм Прасето Пепа (Pepa pig), синхронизиран на македонски јазик и тоа само кога на мама и тато им треба малку мир за да се подготват за некаде и самите себе и децата.

„Мислам дека е проблемот во родителите. Јас во 99 отсто од случаите, освен кога е најнеопходно да се јавам, не само што не го земам мобилниот во рака, туку гледам тој воопшто и да не им е во видното поле. Маж ми пак, е многу по друштвените игри па дома имаме можеби стотина најразлични. Додека немавме деца многу често кај нас се собиравме со пријатели и игравме друштвени игри до утринските часови. Се разбира, сега не го правиме тоа, но затоа Микиќ кој дотогаш купуваше друштвени игри за возрасни, сега веќе почна да прави колекција од друштвени игри за деца и планира да почнеме да ги играме сите заедно. Неодамна беше во градот Есен, во Германија, на саем за друштвени игри и се врати со неколку.

Имаме и многу играчки, практично, Микиќ постојано им купува нови и нови, па старите ги носиме во градинка, или ги складираме некаде додека не ги подзаборават. Обично се тоа најразлични коцки, едукативни играчки, разни фигури, но имаат и вообичаени играчки од типот на топки, автомобилчиња и кукли. И дали е тоа научено во градинка или ние несвесно сме им го наметнале изборот, но Ена сака куклички, а Иво сака колички. Кога ќе види кукла, веднаш вика: ова на Ена! Еднаш ми побара да му ставам шноличка, му ја ставив, се погледна во огледало, ја фрли и ми рече: Ена, Ена. Инаку, многу се различни и иако обично се мисли дека девојчињата се позборливи и попрво прозборуваат, кај нас е обратно, Иво зборува се и сешто, а Ена се уште кажува само одделни зборови, но многу послабо, постојано е со цуцла во устата, но затоа пак е одличен имитатор и всушност, знае се да раскаже и токму така, со пантомима и имитирање – се смее Весна.

Речиси цело време сме надвор, 99% од времето, освен кога имаше магла. Имаме огромен двор и сите можни реквизити во него, тобоган, лулашка, куќичка, магаре за прерипување, големи камиони, практично, истите играчки што ги има во игротеките ги имаме и во дворот, па кога се враќаат од градинка остануваат надвор до 19 ласот, а во 20 веќе спијат. Јадат и пијат самите, и тоа уште од една година. Заслужен за тоа е Микиќ. Тој е многу посмел од мене па од малечки им даваше во рака самите да јадат, иако на почеток тоа значеше голем хаос околу нив. Затоа пак сега е се во ред. Не пребираат јадење и си јадат се, а интересно е што наместо чоколади и бонбони многу сакаат да јадат свежи пиперки, овошје и зеленчук. Исто така, и за спиењето имавме проблем затоа што мораше да ги думкаме за да заспијат и повторно благодарение на Микиќ, ги ставивме на ред. Микиќ се изнервира еден ден и рече дека ќе ги научи сами да заспиваат. Почнавме да ги легнуваме без думкање и возење со количките, ќе им дадевме чајче со мед, ќе им затворевме врата и ќе им кажевме – ај чао. Прво плачеа, па влегувавме на две, па на 5 минути и така Ена за три дена ја сфати работата, а Иво цел месец не прифаќаше дека мора сам да заспие. Сега немаме проблем со тоа. Со нас во кревет никогаш не биле, прво од практични причини, тие се двајца и ние сме двајца, а четворица се премногу за во еден кревет, но и самите не сакаат. Еднаш кога Ена беше болна ја ставив во нашиот кревет, ама таа сама се побуни и си побара да си оди во своето креветче. Затоа сега е греота да се жалам, како беше на почеток, сега е навистина се многу многу полесно“, признава Весна.

Таа и нејзиниот сопруг планираат од септември, доколку е возможно, да ги одвојат Ена и Иво во различни групи во градинка, а во училиште со сигурност знаат дека нема да ги стават во исто одделение. Сметаат дека е подобро за децата да не бидат заедно 24 часа на ден за да немаат проблеми подоцна во животот и за да не се врзуваат еден за друг до толку за подоцна да страдаат повеќе отколку што е нормално ако животот ги одвои. Пример за тоа дека ним им е веќе незамисливо да бидат одделени е единствениот случај кога Иво бил болен, па останал дома со Весна, а Ена ја однеле во градинка. Иво ѝ бил смртно налутен, а Ена пак тагувала во градинка, постојано го барала со поглед и била помирна од кога било.

„Нашите пријатели кои исто така имаат близнаци и живеат во Германија, велат дека нивните психолози ги советуваат дека близнаците треба да се одвојуваат и да не се дозволи да бидат заедно 24 часа на ден. Иако кај нас некои родители сметаат дека е тоа страшно за децата, јас не мислам дека е така. Тоа е како да имаш две различни деца од различна возраст, вспрочем, и тие не се постојано заедно па мислам дека ќе им направиме добра услуга ако ги одвоиме. Наскоро ќе почнеме да ги носиме на театарски претстави за деца, а се разбира, и на концерти и опери за деца. Но нека наполнат прво по три години. Се уште се мали, но за Ена со сигурност знам дека е многу музикална, со оглед на тоа што одлично го фаќа ритамот и танцува такашто го следи главниот ритам, за разлика од Иво кој наместо главниот, го фаќа ритамот што е во позадина и наместо да игра, скока. Микиќ не е баш музикален, па и да не биде има на кого“, се смее Весна.

Таа пак, иако треба секојдневно да вежба и да свири на харфата, признава дека понекогаш е тоа навистина невозможно. Се обидела неколку пати да свири во нивно присуство и иако тие внимателно ја слушаат првите десет минути, потоа веќе се обидуваат да ѝ седнат во скутот и да ја гушнат затоа што се плашат дека харфата ќе им ја земе мама. Затоа Весна има посебен третман за овој скап инструмент – го покрива со дебел јорган и го чува во соба во која на Ена и на Иво им е „забранет“ влезот.

Професионално, Весна е исполнета со работата во МОБ, но и со настапите со „Контемпора“, а понекогаш и со соло настапи на коктели и приватни забави. Што се однесува до глумата, после „Сенки“ имала мала епизодна улога и во филмот „Медена ноќ“ и вели дека е тоа нешто во што ужива исто како и во свирењето на харфа. Иако не е образована актерка, нејзиниот сопруг вели дека добро се снаоѓа, а кога така вели мајстор на занаетот, тогаш нема дилеми дека е навистина така.

А сега Весна и Микиќ, и особено Ена и Иво, ќе уживаат во заслужениот семеен одмор, онака, опуштено, сите заедно.

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]