Како децата да развијат истрајност, најважната особина за успех?

Истрајноста е најдобриот противотров за сите препреки кои стојат на патот кон остварувањето на нивните цели. 

0
2182

Зошто некои луѓе успеваат да и исполнат своите задачи и да ги остварат своите цели, а други се откажуваат? Научниците веќе со децении се обидуваат да одговорат на тоа прашање. Психологот Анџела Дакворт одлучила да ја посвети својата кариера на оваа тема и можеби повеќе од сите му се приближила на одговорот.

Во својата книга „Истрајност: Силата на страста и упорноста“ таа токму истрајноста ја истакнува како клучна особина која овозможува успех. Оваа карактерна црта Дакворт ја дефинира како комбинација на страста и упорноста. Со неа се одликуваат и најдобрите ученици и студенти, и врвните научници, спортисти, уметници и бизнисмени. Истрајноста е најдобар противотров за сите препреки кои стојат на патот кон остварувањето на нивните цели, смета таа.

Истрајноста е поважна од талентот, порачува таа. Ја одликува одлучноста да се заврши започнатото, да се повратите по неуспехот, тежнеењето по усовршувањето и подобрувањето и подготвеноста да се поднесе непријатноста поради целта и неуморно вежбање и работење.

Упорноста значи да се има кондиција за вложување напор, од ден во ден. Страст е кога успевате долго да останете заинтересирани за нешто.

– Открив дека само истрајните луѓе имаат четири заеднички особини: заинтересираност, вредност, надеж и чувство за смисол. За почеток, вистински се заинтересирани за тоа што го прават. Подготвени се да вежбаат додека не завладеат со нешто, постојано се корегираат. Убедени се дека тоа што го прават има смисла и придонесува за подобрување. И конечно, надежта им помага – кога работите не одат најдобро, веруваат дека ќе се подобри – смета Дакворт.

Нејзината теза за истрајноста како главна полуга на успешното образование последните години е афирмирана на бројни јавни настапи, а нејзиниот говор на ТЕД конференцијата е прегледано од повеќе од осум милиони луѓе, па многу американски државни училишта веќе го вовеле следењето на нивоата на истрајност кај своите ученици.

Дакворт во книгата советува родителите да се придржуваат на правилото „Тешки работи“. Ова правило има три дела:

1. Сите членови на семејството мора да прават нешто што е тешко

Тоа треба да биде нешто што бара вежба и што пружа повратна информација за тоа што не чини и на што треба повеќе да се работи. Дакворт се занимава со психологија и вежба јога, нејзиниот сопруг работи на тоа да стане подобар во својата професија, а постарата ќерка учи свирање на клавир.

2. Започнатото мора да се заврши

Ако нешто одлучите да почнете да го работите, морате до крај барем еден циклус да се придржувате на својата одлука. На пример, ако сум платила полугодие на часови по клавир, тогаш детето мора да ги посетува тие часови и да го вежба она што е зададено.

3. Никој не одбира „тешка“ активност за некој друг

Дури и кога децата и биле во предучилишна возраст, имале право самите да одберат своја тешка активност, пишува Дакворт. Нејзината помлада ќерка променила дури шест тешки работи додека не се задржала на свирење виола, што ја држи веќе три години.

Целта е, објаснува таа, родителите да им помогнат на децата да пронајдат нешто за што се заинтересирани и тогаш понатаму да го развиваат тој интерес. Така постепено ќе ги правите поистрајни и ќе им покажете дека оваа особина води кон успех.

Ако сакате вашето дете да биде истрајно, прво запрашајте се колку страст и упорност сами покажувате кога вашите животни цели се во прашање? А потоа, колку вашиот став влијае на вашето дете. Ако сте и самите истрајни и имате дете кое се труди да ве следи, веќе сте на патот да имате истрајно дете, порачува таа.

Фото: www.detinjarije.com

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]