Родителот е најдобар пријател на детето. Најновите истражувања покажуваат дека тој наод е исправен во уште еден случај: родителот е уште и најдобар тренер на своето дете. Детето е ваша крв, а тоа најмноу доаѓа до израз во спортот, кадешто крвта, месото и другите материјали играат важна улога.
Значи, бидејќи детето е како „вие во мало издание“, логично е дека спортот со којшто ќе се занимава (или нема да се занимава) зависи исклучиво од вашите склоности. Поради тоа, за да утврдите што е најдобро за детето, прво пронајдете се себеси во некоја од спортско-родителските категории.
ТИП 1:
Роден спортист или Ако можам јас…
Ако вие активно сте се занимавале со некој спорт, вашето дете не може да падне подалеку од крушата. Мора да може сѐ што сте можеле и вие, дури и да го постигне тоа што вам не ви пошло на рака. Мора да победи на турнирот на кој ве мразел судијата, да влезе во состав на тимот што вас не ве прифатил или да го добие медалот што не сте го добиле за влакно. За жал, постои можност вашето дете да наследило повеќе гени од другата страна и воопшто да не го сака спортот, но вашиот спортски дух не може да потклекне пред таква пречка. Тоа што повеќе ги сака боичките од топката, не значи ништо. Дури и ако тренерот или наставникот по физичко ви вели дека вашето дете не е талентирано за спорт, не го слушајте. Вистинскиот тренер би морал да знае дека талентот е еден процент, а работата 99 проценти, и тоа е клуч на успехот.
Можно е детето да биде несреќно поради вашиот метод „крв, пот и солзи“, но еден ден, сепак, ќе ви биде благодарно што сте го малтретирале в зори да прави склекови. Еден ден, кога ќе ви се оствари сонот, на сите ќе им покажете кој сте вие, всушност, и сите ќе ви се восхитуваат, а особено тие што денес ви се закануваат дека ќе ве пријават во Друштвото за заштита на децата.
ТИП 2:
Симпатизер или Можеш ти и подобро
За разлика од претходниов тип, „симпатизерот“ е родител што никогаш не се занимавал со спорт, но тоа не му пречи да биде пламен познавач на една или на повеќе дисциплини. Тоа што вие ја набљудувате играта од фотелја, не ве прави послаб тренер од оние на теренот. Факт е дека неопходната дистанца ви помага да наѕрете во суштината и да ја согледате разликата помеѓу шампионите и почетниците. Секако, не сакате вашето дете да биде во вашата категорија. Ако веќе се знаимава со некој спорт – тогаш нека победува! Оставете ги приказните за рекреативното развивање на спортскиот дух и на другарството – можеби кај Ла Фонтен глушецот имал иста важност како лавот, но животот не е басна. Изреката „Важно е да се учествува“ ја користат само губитниците (нормално, што друго им преистанува). Кому му се важни оние илјадници анонимни сперматозоиди што „учествувале“, но и не победиле во создавање на вашето дете?!
ТИП 3:
Неопределен тип или тоа го прави и синчето на Живко!
Ако се пронајдете во оваа категорија, веројатно сте личност што нема цврсто изградени ставови и која спортот за детето ќе го одбере во зависност од трендот или локацијата. Ако децата на вашиот пријател играат тенис, ќе играат и вашите. Ако живеете покрај фудбалско игралиште, зар не е подобро вашата ќеркичка да игра фидбал отколку да ја водите два пати неделно во друг крај од градот – да вежба гимнастика на партер. Не е важно што сака детето и со што има желба да се занимава – битно е да има некоја обврска, тоа ќе го научи на дисциплина (посебно важи за девојчињата, кои нема да одат во Армијата).
Добро не што поскоро да се распрашате за можностите, можеби уште пред да се роди детето. Штом ќе дознаете кој спорт е во мода или кои спортски активности можат да се изведуваат во близина вашата козметичарка или омиленото кафеанче, направете распоред за вашето идно дете. Инаку, треба да го убедувате дека тоа што ви е згодно е многу поинтересно од тоа што му се допаѓа нему. Нема да дозволите пилето да ја учи кокошката?!
ТИП 4:
Противник или Зар сакаш да си го скршиш вратот?
Со должно извинување до родителите кои се препознаваат себеси во претходниве категории, морам да кажам дека постојат и антиспортисти, па дури и заколнати противници на сите физички активности. Тој роидтелски вид лесно се препознава: ако сте го возеле детето во количка сѐ до прво одделение, вие сте еден од нив. Но, пооради тоа, не сте помалку значаен. Верувам дека вашите стравови се оправдани – опасноста демне на секој чекор; детето може да падне од нишалка, да голтне џамлија, да ја скрши ногата. Затоа е нужно да не го изложувате на ризик – нема играње со топка, трчање низ домот, скокање, дури ни викање. Може да се испоти, а тогаш… Не смеам да помислам што сѐ може да му се случи на едно испотено дете.
Тие што сметаат дека немате право да го спречувате детето да си игра и дека треба да го научите самото да се варди, нека го закачат тоа на мачкина опашка. Што му недостига на вашето дете ако убаво седи дома и си везе гоблен? Гоблен? Ах, па може да се боцне со иглата! Или, да седи и да црта. Со што кога фломастерите се отровни, а боичкит остри? Нема крај за вашите маки! Читањето го расипува видот, во печатарската боја има олово, куклите се полни со влакна, играчките се составени од мноштво ситни делови, бакнежите пренесуваат вируси…. А детето запнало да тренира кошарка. Човек просто да полуди од грижи?!
ТИП 5:
Противник по убедување или Зар за тоа се борев?
Овој тип родители, често, и неправедно се поместува во претходната категорија. Во двата случаи станува збор за заколнати противници на спортот, само што „противникот по убедување“
За својот став има силнаморално-естетска заднина. Тој смета дека физичките активности се помалку значајни и дека не им прилегаат на интелектуалците, кон кои наскоро ќе се придружат и нивните деца.
Ако се согласувате со овој став, морам да признаам дека сте наполно во право. Човекот не слегол од дрвото за да се враќа сега на него! Кој нормален сака да ги прави оние смешни движења, да се поти и да збревта како животно? Зар никој не им објаснил дека супермаркетите и ладилниците се измислени за да не мора човекот секое утро да лови храна? Објаснете му го тоа на своето дете и отпишете го од сите спортски секции или најдобро, ослободете го од наставата по физичко. Ако наставникот има забелешки, прашајте го зар не му смрди од соблекувалните? Вам ви пречи смрдеата, најпосле, поради тоа и побегнавте од селото! Зар затоа се мачевте, купувавте пијано и толку собрани дела во кожен повез – за вашето дете сега да трча по некаква топка, на ливада? Ако сте морале вие, детето не мора.
~~~
Ако не успеавте да се препознаете себеси во ниту еден од понудените родителски типови, тоа значи: или вашиот случај е многу тежок и досега не е обработен во литературата, или, пак, вашето дете има спртска среќа да налета на исклучителни родители.