Во текот на бременоста се случуваат низа промени во организмот на жената. Честите нагони за повраќање, промените во исхраната и хормоните доведуваат до промени во усната шуплина.
Многу често жените што веќе родиле сведочат како во текот на бременоста забрзано им се расипувале забите, иммале чести болки, воспалени гингиви кои често крварат. Погрешно е мислењето дека забите „се трошат“ во бременоста заради зголемената потреба на калциум. Забите не се депо на калциум , ако има потреба за калциум организмот го надоместува од коските на мајката.
Доколку бремената жена има утрински мачнини и повраќање, киселината од стомакот ја оштетува забната глеѓ. Во тие случаи се препорачува миење на забите со помала четкичка, користење на течности за испирање на устата.
Се препорачува веднаш по повраќањето да не се мијат забите, прво да се испере устата со вода , со течност за испирање , па после еден час да се измијат забите со четка и паста за заби.
Гравидниот гингивит или воспалувањето на непцата во бременоста се јавува кај голем број на трудници. Најчесто се јавува во второто тромесечје во бременоста. Ако правилно не се одржува хигиената во усната шуплина, се задржуваат остатоци од храна на забите, кои бактериите ги користат како храна и се зголемува нивниот раст и бројноста. Доаѓа до оток и црвенило на непцата, болка и крварење при четкање на забите, а во потешките случаи и до спонтано крварење. Доколку навреме не се делува може да се појават и првите знаци на пародонтопатија, па може да се дојде до губење на здравите заби.
Во бременоста се дозволени стоматолошките интервенции, освен во некои ситуации ако е потребно да се извршат потешки хируршки интервенции. Поправањето на кариесот, ендодонските третмани, полесни вадења на забите, по добро земената анамнеза можат слободно да се направат, без никакви компликации за мајката и детето. Исто така мајката може да прими и анестезија, за дозата и вазоконстрикторот се одлучува после земањето на анамнезата и во зависност од интервенцијата што треба да се изврши.
Рентгенското снимање во првото тромесечје не треба да се прави, додека во следниот период може, исклучиво со минимална доза на зрачење и со примена на сите мерки на заштита.
Најдобра заштита мајката може да обезбеди со правилно и редовно одржување на оралната хигиена. Од особена важност се редовните контроли кај стоматолог, за навремено да се отстранат постоечките инфекции и да се превенираат нови. Употребата на флуорот, во доза која е препишана од стоматолог, е од голема важност за да се спречи кариесот кај мајката и да се формираат јаки забни структури кај детето.
Правилната исхрана, избегнување на шеќерите, внесувањето на повеќе калциум и витамин Д, зголемена консумација на зеленчук и овошје што во својот состав имаат витамин Ц, во голема мера придонесуваат за здрава насмевка.
Пишува: Јасмина Трајковска – Пети