Нашата најпозната манекенка и модел Катарина Ивановска која се породи пред неполн месец, сега е во Охрид и ужива во мајчинството, а нејзиниот Вања, раскажува таа, е навистина мирно бебенце. Се породила спонтано, со епидурална анестезија и вели дека тоа било преубаво искуство кое сека да и се повтори барем уште еднаш. Зборувавме со неа за нејзиното тазе мајчинство и за идните планови во врска со кариерата.
Какво е твоето искуство од породувањето, дали се породи по природен пат, со епидурална анестезија или со царски рез?
Се породив спонтано со епидурална. Не ни размислував за царски рез, ниту пак сакав. Искуството е преубаво, кратко и сакам да ми се повтори најмалку уште еднаш.
Што мислиш за актуелните трендови во светот од породување дома, во базен, и слично?
Секој си има право на свој избор. Немам ништо против тоа како една мајка ќе донесе нов живот на овој свет. Тоа е нејзин личен избор. Се разбира, се додека не го загрозува нејзиниот и животот на бебето
Дали на твоето породување присуствуваше твојот партнер и доколку присуствувал, како тој го поднесе породувањето?
Не присуствуваше, мислам дека немаше потреба.
Се уште ти е многу тазе се, но сепак, се поднавикна ли малку на новата улога на мајка, како се снаоѓаш со Вања, дали го доиш, дали самата го бањаш или ти помага некој?
Го дојам, го бањам, но секогаш имам помош и поддршка од партнерот. Мислам дека и двајцата сме создадени да бидеме родители.
Сега сте во Охрид…како ви поминуваат деновите со Вања, што правите најчесто?
Вања е многу мал и се уште нема полн месец, такашто освен цицање и спиење не прави ништо друго. Ако ги отвори очите понекогаш на наше големо задоволство, ни ја дава шансата малку да уживаме во неговиот поглед. Едвај чекам да подпорасне, да почне да се интересира за светот што го опкружува.
Од што мораше да се откажеш овие денови…велиш дека е мирно бебе и дека спие, но сепак…не е исто…има ли непроспиени ноќи?
Вања е мирно бебе и не можам да се пожалам. Овие денови, а и неколку месеци во иднина, ќе се откажам само од храната што може да му создаде грчеви. Некои викаат, не е докажано дека храната што ја јаде мајката е причинител за грчеви, но можам да се воздржам 3 месеци и да внимавам што јадам.
Колку се измени твоето тело со бременоста, колку килограми доби со неа и колку симна по породувањето…за колку време сметаш дека можеш да се вратиш на модните писти?
Ако ми ја следите кариерата, ќе видите дека долго време не учествувам на ревии, но снимањата за каталози, кампањи и реклами ми се закажани веќе во јануари. За време на бременоста се здебелив 6 килограми, а по породувањето симнав 7. Ми недостасува трчањето, качувањето на Водно и вежбањето во теретана. Ги бројам деновите.
Дали се консултираш во врска со Вања со твоите колешки и другарки кои се мајки, кој ти е најголемиот советник за сите твои дилеми во однос на мајчинството?
Нормално дека се консултирам со сестра ми, со мајка ми и со другарките кои веќе се мајки. Сестра ми ми е на прво место, но ако ме интересира нешто им се обраќам и на педијатарот и гинекологот. Но сепак, сите деца се различни. Не мора да значи дека ако некое чајче или лек е добро за едно бебе ќе му одговара и на друго бебе.
Какви се твоите идни планови?
Да уживаме тројцата и да шетаме многу, да го научиме Вања на нашето темпо на живот без да го нарушиме неговото… да се прилагодиме.
Текст: Драгица Христова