Зошто денеска толку деца имаат аутизам?

Во минатото причината за аутизмот се барала во теоријата за „ладни мајки“, потоа теоријата за вакцините, а денеска се знае дека аутизмот не е единствена состојба туку широк спектар, а секоја индивидуа со аутизам е различна, вели Стив Силберман, автор на книгата Neurotribes

0
2335

Култниот филм „Дождливиот човек“ од 1988 година со Дастин Хофман во главната улога, ја смени сликата за аутизмот во јавноста, тврди Стив Силберман, автор на книгата Neurotribes: The Legacy of Autism and How to Think Smarter About People Who Think Differently.

Иако од тогаш до денес се знае многу повеќе за аутизмот, во новата книга, авторот се осврнал на историјата на аутизмот, односно, на тоа како се гледало низ историјата и што се се сметало за причина за ова пореметување. Во 20.век, за виновници за социјалната изолација на децата со аутизам се сметале родителите, а особено мајките. Највлијателниот детски психијатар од средината на 20.век, Лео Канер, сметал дека аутизмот е: „…трагичен тип на детска психоза, слично на шизофренија, предизвикан од неадекватно родителство“. Според неговата теорија, т.н. „ладни мајки“ им ја ускратувале на своите деца приврзаноста која ним им била потребна за да се развиваат правилно и на тој начин кај нив предизвикале аутизам.

Во текот на историјата, многу угледни истражувачи и стручњаци ги обвинувале жените дека сакале кариера и се сметало дека жените им замерувале на децата и емоционално ги напуштале.

Угледниот академик Бруно Бетелхајм напишал: „Фактор за појавата на аутизмот е желбата на родителот неговото дете да не постои. Ако е потполно напуштено од луѓето пред да може да се грижи за себе, човечкото суштество ќе умре. А ако физички се погрижат з анего такашто ќе може да преживее, но е емоционално напуштено, или е препуштено само на себе, ќе стане аутистично“.

Овој стручњак пишувал написи за познати списанија, а насловите биле: „Зошто вработените мајки се чувствуваат виновни“ и „Опасноста од учењето на детето како да чита“, а го издал и бестселерот „Празна тврдина“.

Теорија за вакцините

Следната теорија била дека вакцината MMR е виновник за аутизмот. Оваа теорија подоцна е соборена, трудот на лекарот кој ја објавил е опишан како „измама“, а нему му било забрането да ја продолжи медицинската пракса.

Според трудот објавен во 2014., едно од 68 деца во САД има аутизам, а британското Национално здтружение за аутизам проценува дека аутизам има едно од 100 деца, додека во 1975.година се проценувало дека ова пореметување го има едно во 5.000 деца. Бидејќи бројот на поставени дијагнози нагло пораснал, многумина почнале повторно да веруваат во старата теорија за вакцините.

Широк спектар

Но Силберман објаснува дека за порастот на случаите на аутизам придонесле многу фактори. Голема причина е тоа што е аутизмот дури од неодамна препознаен. Односно, до крајот на 20.век се класифицирал како тип на детска шизофренија. Пред да биде точно препознаен, психијатрите не можеле ниту да го дијагностицираат ова пореметување. Уште една причина за порастот на случаите со аутизам е општата свесност и информираност. Претходно многу деца се биле затворани во институции, а откако пораснала свесноста за тоа, повеќе родители имаат каде да побараат помош.

Трета причина е конечното сфаќање дека постои широк спектар на аутистични пореметувања. Откако се прошириле границите кај дефинирањето на аутизмот, пораснал и бројот на случаи кои спаѓаат во тие пошироки граници.

Повеќето истражувачи сега веруваат дека аутизмот не е една единствена целина, туку „мноштво криени состојби“. Со други зборови, секоја личност со аутизам е поинаква. Затоа најчесто се зборува дека е тоа пореметување од аутистичниот спектар, за да се нагласи ширината и различноста.

„Важно е да се види личноста, а не состојбата“

Силберман вели дека никој уште не е сигурен дали е аутизмот пораспространет кај високообразованите семејства или таквите родители едноставно имаат повеќе самодоверба да побараат помош. Верува дека се уште постојат и групи кај кои аутизмот поретко се дијагностицира.

И покрај истражувањата, научниците се уште не разбираат зошто точно се појавува аутизмот, но знаат дека е спектарот широк и исклучително разновиден. „Лицата со аутизам се уште поразновидни од неуротипичните личности. Некои се зборливи, некои лесно се препуштаат, други сакаат интензивни чувства и возбуда. Повеќе различности има во овој спкетар отколку во „нормалноста“, напишал Силбермен.

Иако во минатото се потрошени многу средства на истражувања за да се најде медицинската или генетската причина за аутизам, Силберман пишува за важноста од помагање на личностите со аутизам да се интегрираат во општетството. Една од клучните пораки во ова книга, што им е важно на родителите и на учителите, е дека е најважно да се види личноста, а не состојбата.

На крајот од својот говор на конференцијата TED Силберман рекол дека раниот истражувач на аутизмот, др.Ханс Аспергер верува дека лекот за повеќето аспекти на аутизам може да се најде во: „…учителите полни со разбирање, во прилагодливите работодавци, поддржувачките заедници и во родителите кои имаат верба во потенцијалите на своите деца“.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]