Вашето седумгодишно дете – зрело ама зависно

Престанете да размислувате наместо вашето дете. Сега е добро време да се научи дека секоја акција си носи свои последици.

0
1371

Честитки за следниот чекор на патот кон растењето. Прекрасно е да се имаат седумгодишни дечиња наоколу. Веќе делумно ја напуштиле зависноста и несигурноста од раните години и кон сè што прават пристапуваат со љубопитност и ентузијазам. Совладувањето вештини, како читањето и решавањето едноставни математички задачи, му даваат на вашето дете самодоверба и возбуда кон образовниот процес.

Седумгодишниците обично поставуваат многу прашања, бидејќи се внесени во набљудувањето на околината и имаат потреба да дознаваат сè. Се навикнуваат на редот и подобро се справуваат со промените од порано.

Зрело ама зависно

Вашето седумгодишно дете е доволно зрело за да си создаде сопствено мислење за многу работи. Тоа ги формира своите идеи огледувајќи се на врсниците, како и на возрасните авторитетни личности. Сепак, неговите родители остануваат светлина и центар на неговиот универзум. Седумгодишниците сè уште сакаат да се галат, да се држат за раце и да ги искажуваат своите симпатии на начин кој што вообичаено исчезнува со текот на годините.

Иако вашето дете зборува, се однесува и изгледа постаро, запомнете дека сè уште не е толку пораснато. Зависно е од вашето насочување и дисциплинирање исто колку и порано. Обидете се да ги прилагодите своите очекувања со неговата возраст и развојни вештини.

Зборува како возрасен

Речникот, изговорот и граматиката кај децата на оваа возраст функционираат скоро на ниво на возрасен човек. Речникот и разбирањето допрва ќе се прошируваат – сè до средношколската возраст. Повеќето говорни маани и погрешниот изговор на зборовите се надраснати на седумгодишна возраст.

На седум години, вашето дете би требало да:

– Ги изговара гласовите с, ч, л, ц и џ

– Да користи широк вокабулар во распон од 20.000 зборови

– Да знае да чита околу 200 збора

– Да ги разликува спротивностите (светкаво/мат, облачно/сончево…)

– Да ги поврзува сродните зборови (овца – јагне, крава – теле..)

– Да ги парафразира на глас информациите кои што ќе ги прочита.

На оваа возраст вашето дете исто така ќе научи да чита повеќе зборови, да пишува точни реченици и правилно да ја користи интерпункцијата.

Помошник во шопинг

Вашето дете сега е сосема спремно да ви помага кога купувате. Тоа може да чита артикли од листа, да ги наоѓа на полиците од продавниците и да носи ќеси со набавки. Претворете го купувањето во игра, така што ќе побарате од вашето дете да ги чита етикетите и да ви каже кој од двата слични производи е поскап.

Научете го вашето дете дека не може да добива сè што ќе посака така што ќе поставите граници на тоа што ќе му купите: „Можеш да си одбереш кои мусли и сладолед ги сакаш, но нема да ти купам ништо што не ми е во списокот денес“.

Доколку се одлучите да го почестите своето дете со тоа што ќе ви го побара, јасно кажете му зошто го правите тоа и дека се работи за специјален исклучок: „Да, можеш да ги земеш тие колачиња затоа што не се бунеше кога ти реков ‘не’ минатата недела. Навистина бев горда со тебе.“

Другарството е важно

Улогата на другарите ќе биде позначајна во животот на вашето дете на оваа возраст. Можеби вашето дете ќе има и „најдобро дргарче“. Овие „најдобри другари“ можат да се менуваат од недела до недела, во зависност од околностите кои ги споиле: играње во ист тим во некоја спортска игра, седење во иста клупа на часовите или живеење во исто маало.

Со проширен распон на внимание, вашето дете сега е способно за подолготрајни дружби. Дружбата со врсниците функционира сè подобро. Игрите на седумгодишниците често вклучуваат меѓусебно имитирање. Ова е сосема во ред бидејќи им помага на децата да учат. За жал, заедно со добрите навики, вашето дете може да поприми и некои лоши.Објаснете му како различни семејства имаат различни правила. На пример, можеби на неговото другарче му дозволуваат да трча низ дома, но тоа не значи дека тоа може да го прави и кај вас.

Години за поврзување

Овие години се нарекуваат и „години за поврзување“, бидејќи вашето дете ги надминало претшколските денови и се наоѓа во нова, релативно мирна, пријатна и ентузијастичка фаза. Промените во расположението и бунтовноста се уште се во „далечната иднина“.

Ова е одлична фаза за да минувате многу време со вашето дете, да ги запознавате неговите вкусови и преференци, слабости и силни страни. Тоа се уште отворено ги прима вашите вредности. Оваа возраст е добро време за да му ја приближите на вашето дете, на пример, вашата волонтерска работа или залагањето за каузи кои што сметате дека се значајни.

Трча брзо

Во текот на оваа година, вашето дете ќе покаже големи физички вештини. Тоа ќе може прецизно да фрла или да шутира топка, да прескокнува јаже и да трча и балансирано да вози точак на две тркала. Координацијата помеѓу рацете и очите е многу добра и детето може да трча брзо и да сопира без да падне.

Разликите во вештините помеѓу врсниците ќе станат поочигледни, во зависност од две работи: 1) природни таленти 2) вежбање и тренинзи. Децата кои што се генерално активни имаат тенденција да бидат физички поспремни од другите.

Пронајдете некоја физичка активност која нема да му врши голем притисок на вашето дете, како на пример часови по пливање или скијање, или пак редовни излети во паркови. Направете ја забавата на отворено дел од секојдневието на вашето дете. Најпрвин може да чуете од него дека „нема што да се прави“, но фасцинантно е што се ќе измисли неговиот инвентивен ум со тек на време.

Не правете ги работите наместо него

Престанете да размислувате наместо вашето дете. Сега е добро време да се научи дека секоја акција си носи свои последици. Доколку вашето дете го остави својот велосипед во дворот наместо во гаражата, тој може да накисне од дождот. Не го внесувајте во гаражата наместо него. Или пак, доколку по трет пат си ја заборави дома тетратката со домашни задачи, не му ја носете на училиште – дозволете му на вашето дете да се соочи со наставничката самото. Тоа се вика „учење на потешкиот начин“ и одлично функционира во учење на одговорности.

Воведете предвидливи правила

На седумгодишните деца им е потребна рутина и ред. На оваа возраст вашето дете има прилично точна претстава за време и го следи текот на настаните дома и на училиште. Тоа знае дека има серија настани кои што треба да се поминат за да се подготви наутро за на училиште, на пример.

На училиште, пак, следува ритамот на денот: распоред на часови, паузи за оброк, голем одмор и така натаму.
Можете да ја искористите оваа тенденција и дома, држејќи се до релатинвно конзистентна рутина наутро и навечер. Будете го вашето дете во исто време секој ден. Во ред е да спие повеќе во викенд, но внимавајте редот да не му се наруши толку многу што ќе му биде тешко да стане во понеделник.

Воведете предвидливи правила. На пример, „Нема доручек додека не се облечеш“. Секогаш оставајте ги чевлите на одредено место. Ова ќе ги олесни утринските процедури.

Сочувајте ги неговите ремек дела

Креативните вештини на седумгодишно дете можат да попримат многу форми. Овие деца сакат да работат со најразлични средства, па имајте повеќе работи од обичните боенки и боички низ дома.

Пластелин, фломастери и други материјали можат да го држат седумгодишното дете внесено и повеќе од еден час. Чувајте кутија со најразлични материјали, дрво, хартивчиња во секакви текстури, лепило… со која што вашето дете ќе може да си игра.

Уште една идеја: дознајте што прават децата на училиште по ликовно. Децата сакаат понекогаш да ги работат истите проекти и дома.

Може да забележите дека цртежите на вашето дете се полесни за разбирање. Омилените нешта кои што ќе ги црта се најверојатно неговото семејство и работите од непосредната близина.

Сега кога вашиот малечок уметник произведува ремек-дела и дома и на училиште, што ќе правите со сите нив? Не е практично да се сочува секое парче. Спакувајте ги сортирани по возраст и дата во портфолио. Друг начин да се сочуваат делата е да ги сликате и да ги чувате во дигитална форма. Ова е одличен начин да ги сочувате делата, а да не ви одзема простор во домот.

Без родови стереотипи

Девојчињата обично се дружат со други девојчиња во помали групи, шепотат и се кикотат. Момчињата, пак, гравитираат кон други момчиња и се вклучуваат во спортски игри. Децата можат да ги повторуваат стереотипизираните генерализации, како на пример „девојчињата се шмизли“ или „момчињата се глупави“. Некои деца се срамат доколку не се вклопат во родовите стандарди поставени од врсниците. Следењето на „правилата на врсниците“ му помага на детето да се вклопи и да го дефинира својот род. Во секој случј, можете да охрабрите поширока перспектива и да го поттикнете детето да не биде ограничено од ваквите ставови.

Погрижете се вашето дете да ги гледа мажите и жените во многу улоги – женски кошаркарки, мажи домаќини, женски докторки, машки готвачи… Не играјте на картата на стереотипите од типот „големите момчиња не плачат“.

Кој и да е полот на вашето дете, имајте разни играчки: активни (топки), креативни (прибор за цртање), чувствителни (кукли и облеки).

Користете ги медиумите за да стимулирате дискусија за стереотипите и да го учите детето на почит.

Викајте деца и од спротивниот пол да си играат со вашето дете.

Бидете добар пример. Дали се борите повеќе со вашиот син а цртате тивко со вашата ќерка? Измешајте ги улогите.

Некои семејства одредуваат една вечер во неделата како семејна вечер. Идејата е да се одбегнат странични активности за време на оваа специјална вечер. Може да биде нешто сосема едноставно како нарачување пица и гледање филм или играње друштвени игри.

Големиот мал математичар

Фасцинантно е дека вашето дете напреднало до степен кога не само што ги памети броевите, туку и решава математички задачи. Во продолжение се работите кои што повеќето седумгодишници можат да ги направат. Доколку вашето дете не може да направи некое од овие работи, веројатно ќе ги научи во следното одделение.

– Да собира и да одзема двоцифрени, па и троцифрени броеви

– Да проценува количества (како на пример колку гравчиња има во теглата)

– Да користи линијар за мерење

– Да разбира како се мерат агли

– Да ги брои десетките до сто

– Да знае кој број следува (после 49 или 128)

– Да знае да гледа на часовник со прецизност до петнаесет минути

Начин да го одбегнете „ништо“ како одговор од вашето дете кога ќе го прашате како си поминало на училиште е да почекате пред да си легне и тогаш да го прашате „Која е најлошата/најдобрата работа што ти се случи денеска?“ Во оваа ситуација вашето дете ќе биде повеќе желно да ви раскаже.

Поттикнувајте ја љубопитноста

„Што ќе се случи ако…?“ – е омиленото прашање на седумгодишниците. „Што ако ја фрлам топкава кон врвот на дрвото?“ „Што ако патот заврши зад свиокот?“ Причината за оваа љубопитност е тоа што вашето дете е свесно за околностите и условите кои се менуваат. На некој начин тоа си поставува научните хипотези и се обидува да ги даде можните исходи.

Седумгодишните деца обожуваат да изведуваат експерименти и да ги евидентираат нивните откритија. Професорите им помагаат да го прават ова на училиште, но и дома можете да изведувате некои поедноставни експерименти. На пример, следете ги месечевите мени и водете едномесечен календар со цртежи од различните фази на месечината. Или пак ставете чаша овошен сок во замрзнувачот и следете колку време е потребно течноста да смрзне, а колку да се истопи.

Поттикнете го интересот на вашето дете со книги од библиотека. Иако може да ви се чини дека тоа е премногу за неговата возраст, сепак обидете се да ги читате заедно, така што ќе му ги објасните на вашето дете основните концепти во геологијата, природата или вселената. Однесете го вашето дете во околните музеи и видете дали нешто од тоа ќе го заинтересира.

Бидете му пример за смиреност

Да се биде болен воопшто не е забавно, а уште помалку да се има болно дете. Еве неколку начини да му ја олесните состојбата:

– Искрено кажете му дали сирупчето или лекот кој му го давате ќе биде горчлив. Објаснете му ја причината зошто треба да го зема лекот и оставете му простор да избира – дали сака да го земе сирупчето во лажичка или чашка, на пример.

– Бидете пример за смиреност и доверба. Доколку покажете дека сте загрижени, ќе го вознемирите вашето дете.

– Не инсистирајте со храната. Кога се болни децата губат апетит. Вашето дете нема да прегладне доколку не јаде многу за два-три дена. Неговиот апетит ќе се врати, но сепак охрабрувајте го да прима повеќе течности.

– Створете пријатна атмосфера. Направете му удобно гнезденце на каучот, наместо да седи во креветот каде што вообичаено го минува денот. Дозволете му да гледа повеќе телевизија од вообичаено или најдете му нова играчка или смислете некоја нова активност со која што времето би му минувало полесно.

Помалку лаже, повеќе чита

Сите сакаат да победуваат. Но кога вашето дете ќе изгуби во некоја игра или натпревар, треб да научи да се справува со тоа. Како што вашето дете ќе почне полесно да ги прифаќа правилата, ќе почне полесно да си игра со врсниците и да комуницира со возрасните.

На оваа возраст можете да забележите дека вашето дете лаже помалку и дека полесно се справува со своите грешки и со загубите. Во овој момент за него се погодни и посложени игри како на пример „Монопол“. Иако постојат интернет и дигитални верзии на друштвените игри, сепак инвестирајте во класичните комплети. Кога е во непосреден физички допир со фигурите и парите, вашето дете ќе учи многу полесно.

Иако вашето дете знае да чита многу добро, сепак не се откажувајте сосема од тоа вие да му читате по нешто. На тој начин ќе можете да му приближите концепти кои што се малку посложени. Па така, одвојте време за овој „читачки ритуал“, пред спиење, после школо или за време на викендот. Можете дури и да го поттикнете вашето дете тоа да ви прочита вам некоја книга. Можете да му набавите класици со комплексни приказни и илустрации на секоја страна така што ќе може полесно да се поврзе и внесе во содржината.

 

Извор: Babycenter.com

[better-ads type='banner' banner='999' ]