За него велат дека не подучува туку дека – инспирира. Годи Келер е норвешки педагог кој некогаш работел со деца, а денес многу повеќе со возрасните. Патува од Норвешка до Исланд, од Шведска до Балтикот, Азија, Унгарија, Словенија и ги советува наставниците и родителите како од децата да го извлечат најдоброто, како да им помогнат да ги развијат своите потенцијали, бидејќи секој ги има, иако многумина не ги препознаваат, па стануваат фрустрирани луѓе кои, ако не се вклопат во системот, живеат обележани со неуспех.
– Во Европа скоро 25 отсто од средношколците го напуштаат училиштето, се откажуваат најчесто во 16-тата и 17-тата година. Некои од нив завршуваат во криминал, дрога… Тоа главно се луѓе кои системот ги навел да ја изгубат самодовербата, вербата у сопствените способности – вели Келер.
Треба да ги мотивирате
– Денешните училишта често не знаат да ги мотивираат децата, но знаат да ги заплашат и да им порачаат дека не се доволно добри – вели Келер кој десетина години предавал на универзитет во Осло, а сега веќе своето училиште за родители го одржува низ работилници и семинари. Родителите со кои работи, без разлика дали се од Арменија, Хрватска или Исланд, се многу слични, вели тој.
– Во ова време на глобализација секаде гледам сличен тип на индивидуализми. Западниот начин на размислување зема замав – вели Келер.
Што тоа значи во училиштето и во педагошката пракса?
– Образовната средина во поголем дел е униформиран и кратковиден, ги подготвува децата за следниот испит, но не и за животот. Понекогаш така се однесуваат и родителите. Ставаат голем притисок на децата да имаат добри оценки, да бидат успешни тука и сега, но подготвувањето на детето за живот не значи дека треба да барате од него задолжително да биде извонредно по сите предмети и во се што од него бара училиштето.
Бројките го убиваат духот
Педагогијата е уметност на мотивирањето, повеќе пати повторува Келер, кој ги подучува возрасните како да ги мотивираат децата, како мрзливите и неработниците да блеснат, да се препознаат во што се добри.
– Ако детето не покажува добар успех по училиштните испити, секој нов тест кој ќе го добие на училиште за него е единствено стрес, а пораката која ја слуша е дека не е доволно добар и паметен. На училиштето битно му е да има статистика, бројчани показатели, системот инсистира на тоа. Детето кое е често тестирано, а не постигнува добри резултати, ја губи самодовербата. Тоа е многу поголем проблем од лошите оценки. Уште ако ученикот е заигран, немирен, недоволно концентриран, често се случува да добие и некаква дијагноза како на пример, АДХД или нешто слично, бидејќи тогаш, со дијагноза, веќе не ја расипува регуларната статистика, туку станува дел од некоја друга, специфична статистика. Во училиштето нема индивидуален пристап, поединците кои не се вклопуваат во средината се третираат како пречки. Во училиштето не постои култура на доверба туку култура на стравот, а стравот не оди по тоа да бара поединечни решенија за секое дете, туку секое дете што побрзо да ги натера да се вклопи во системот. – На некои деца тестовите и испитите одлично дејствуваат. Но, на многумина не. Сум ги прашал наставниците колку често гледаат дека лошата оценка е поттикнувачка за детето, дека детето коешто ќе добие лоша оценка вели: Е, сега ќе го направам тоа подобро“, па тогаш навистина работи и добива подобра оценка. Лошите оценки главно демотивираат. Ако лошата оценка може да го мотивира детето, тогаш има смисла. Но, ако видите дека му ја руши самодовербата, тогаш мора да најдете друг начин. А поинаков начин е да барате кои му се силни страни, да размислите како да го охрабрите и поттикнете да се развива во некое подрачје во кое е добар. Тука родителите можат да направат повеќе од наставниците – вели Келер.
Поддршка од родителите
Најлошо е кога детето кое добило лоша оценка на училиште и порака дека тоа не чини, ако таква иста атмосфера го пречека и дома. Децата кои на училиште не биле добри ученици, но станале задоволни и успешни луѓе, тоа се деца кои имале поддршка од родителите, кои им порачале дека во нив имаат доверба. Родителите битно влијаат на создавањето на самодовербата, тоа е нивна задача, а не да бидат продолжена рака на неподдржувачкиот училиштен систем, додава Келер.