Тато, кога веќе ќе дојдам да живеам кај тебе?

Ова прашање цели 10 години му го поставува на својот татко сега веќе 13-годишното девојче кое пораснало со насилна мајка, а институциите останале глуви на жалбите на таткото и поплаките на детето.

0
2044

Нашиот соговорник Стојан Ѓаковски е уште еден татко со тажна судбина, односно, живот без своето дете и борба долга цели 10 години. Со мајката на своето дете бил во вонбрачна заедница 3 години, кога мајката го зела девојчето, тогаш на возраст од 2 години и 2 месеца, и го напуштила нивниот дом. Оттогаш трае и битката на таткото за подобар живот на неговата сега веќе 13-годишна ќерка.

„Со мајката на мојата ќерка бев во вонбрачна заедница три години и за цело тоа време, откако се роди детето, сите наши кавги и несогласувања беа единствено околу детето, малтретирање, тепање на детето, недобро чување.

На пример, повод за нејзиното напуштање на домот на 31 август 2005. година беше тоа што детето ги извалкало пантолоните додека беше со мене на прошетка кај мој братучед кој живееше во близина. Честопати го казнуваше детето и затоа што имало потреба да оди по голема нужда повеќе од еднаш.

Можете ли да замислите?! Подоцна дознав дека и мајка ми често криела од мене кога била сведок на истурање на бесот на мојата партнерка врз нашата ќеркичка, сѐ само за да не дознаам јас, и со надеж дека ќе може да влијае врз неа да го поправи својот однос кон детето и да опстане оваа заедница во кое нашето дете ќе живее со двајцата родители.

Пред мене не смееше да го напаѓа детето, освен во два случаи кога се затвори во соба за да може на мир да ја натепа, па јас првиот пат се прекачував преку прозорец, а вториот пат, со оглед на тоа што се заклучи на вториот кат од куќата, бев принуден да ковам шајки за да можам да се искачам по ѕидот и да стасам до собата кадешто таа го малтретираше нашето дете.

Затоа и кога овој последен пат (претходно уште еднаш го напушташе домот, но се договоривме да се обидеме повторно, па се врати) го напушти домот, знаев веќе дека нема ништо да се смени и не се согласив да се врати повторно назад. Ги послушав мајка ми и моите најблиски кои ме советуваа да ѝ дозволам да го земе детето кога го напушти домот, и потоа да преземам сѐ што треба за да го регулираме нашиот натамошен однос и видувањата со ќеркичката“, ја почна својата приказна Стојан.


Сепак, откако си заминала, се случило она што најчесто се случува во сите вакви приказни – од страна на мајката која истовремено се обидувала и да се врати дома убедувајќи го преку заеднички познаници, детето било користено како оружје и на таткото не му било дозволено ниту да го види, ниту да го слушне своето дете цели три месеци.

Повторна средба

„Кога после три месеци ја видов ќеркичката, иако беше малечка, не ме заборави, веднаш ми се фрли во прегратки, веднаш знаеше каде ѝ стојат играчките, како никогаш да не си отишла од нашиот дом. Во тој период, иако нашите видувања веќе беа воспоставени, поради нејзината возраст, ми ја даваа да ја гледам многу малку, еднаш во две недели, и тоа од 12 до 17 часот. Со оглед на тоа што живееме далеку еден од друг (мајката на мојата ќерка се врати во домот на нејзините родители) возејќи наваму-натаму, губевме 1 саат од нашето време и не ни остануваше многу време да бидеме заедно, а секое одење назад кај мајка ѝ, беше трауматично, едноставно не сакаше да си оди. Се жалеше дека мајка ѝ ја тепа, а истото ми беше потврдено и од нејзиниот зет за сестра кој кажуваше дека откако починал дедото кој ја бранел од мајка ѝ, детето нема кој да го заштити кога мајката ќе ја фати напад на бес и ќе му се истури на детето. Зарем би настојувал толку долго, со години, би се жалел и би се тужел ако знам дека на моето дете му е добро и дека мајката добро се грижи со него? Да беше така веројатно како и многу други татковци, и јас ќе се помирев со тоа да ја гледам во период во кој ќе ми одреди Центарот за социјални работи, колку и да е сето тоа тешко за еден родител, можеби ќе се борев како и некои други за да бидам рамноправен родител на своето дете, но не би барал толку упорно да го преземам старателството“, вели Стојан.

Дете, препуштено само на себе

„Замислете како е да живеете во сознание дека вашето дете постојано го малтретираат, дека нема кој да го испрати на училиште, да го разбуди за на училиште и да му помогне да се облече па е постојано настинато од септември до јуни. Да, моето дете кое честопати сум го будел телефонски понеделнички за на училиште, кога ќе ја прашам каде е мајка ти, секогаш ми вели дека мајка ѝ спие. А дете како дете, кога ќе го оставите само да се подготви за на училиште, не знае како да се облече и дали му треба нешто подебело или не. И додека сите деца едвај чекале да си дојдат дома од училиште, моето дете не можеле да го избркаат од училиште да си оди дома затоа што таму добивало повеќе љубов од наставничките кои се запознаени со нејзината ситуација, отколку од мајка ѝ.

А со Центарот за социјални работи отсекогаш сум имал проблеми. Едвај се изборив за 15 дена одмор со детето затоа што знаев дека ми следуваат, иако тие упорно ми даваа само 10 дена. Мораше да ургирам и да оди сета работа докај директорот за да си го остварам тоа што ми следува. А моето дете ако не отиде на одмор со мене, не оди никаде. Мајка ѝ не е во можност да ѝ го овозможи тоа, како и многу други работи, па отсекогаш била повлечена и само трчкала по другите деца додека на пример овие возат велосипеди. Ме прашувате, зошто јас не сум ѝ купил велосипед… секако дека ѝ купив и ѝ го однесов. Но веќе после неколку дена ми кажа дека не може да го вози затоа што гумите биле издишани. Кога ја прашав мајка ѝ за ова ми кажа дека таа е жена и не може да лепи гуми. Отидов таму и го однесов велосипедот кај вулканизерот во близина. Го замолив човекот да ѝ ги залепи гумите и секогаш кога детето ќе има некаков проблем и ќе му го однесат велосипедот, да ѝ го поправи, дека јас ќе му платам за сѐ. Тој не само што се согласи туку рече дека и нема потреба да му плаќам, дека ќе направи сѐ што треба за детето па и чоколадо ќе ѝ купат за да се занимава додека ѝ го прават точачето. Но, не ѝ го даваше, па така велосипедот остана нов и неизвозен, а моето дете и натаму трчаше по децата од маало додека тие ги возеа своите велосипеди. Сега е веќе голема, деветто одделение, и кога доаѓа кај мене го вози мојот велосипед. Ѝ купив и мобилен за да можеме да се слушаме, а таа самата, самоиницијативно, во една пригода го снимила нејзиниот разговор со мајка ѝ, кадешто таа и нејзините роднини ѝ се закануваат и ѝ вршат притисок да престане да зборува дека сака да живее со мене, па истото јас го преснимив на ЦД и го приложив како доказ во својата жалба до Министерството за труд и социјална политика. Со години се борам за да му овозможам на детето нормално детство, но сфатив дека не е проблем мајката, која е почесто невработена, отколку вработена, па веројатно сака детето да остане подолго со неа само заради издршката што ја плаќам за неа, туку се борам за да си го спасам детето од државата која дозволува сето тоа да му се случува на едно дете само заоа што според нив, мајката, каква и да е како родител, е поважен родител од таткото. Знаете дека кога кај нас се зборува за семејно насилство, редовно се мисли на насилство од страна на мажот, а кога станува збор за насилство од страна на мајката, тогаш постапката е сосема поинаква. Јас не велам дека причина за ваквиот однос не е тоа што мажите се многу почесто насилниците во семејствата, но што со оние кои не се, треба ли и ние кои не сме, кои сме добри и посветени родители и кои сакаме да се грижиме за своите деца, да страдаме само затоа што сме мажи?“, прашува овој татко.

Бегство од дома

Инаку, девојчето уште на осумгодишна возраст, после една кавга со мајка ѝ која ѝ рекла дека ќе ја убие ако ја најде дома кога ќе си дојде од работа, тргнала сама од својот дом, до Бутел, населбата во која живее Стојан. Се качила на автобус, стасала до Народна банка и таму, бидејќи не знаела каде точно стои автобусот број 57, за да стаса кај татко ѝ влегла во такси и ја кажала неговата адреса.

„Беше 20 часот навечер кога некој ми тропна на вратата. Кога отворив ја здогледав неа со ширум отворени очи, исплашена и вознемирена. ‘Тато, оди плати му на чичкото што ме донесе’, ми рече. Прашав што е работата, како стасала и отидов кај таксистот да го распрашам каде ја нашол и како ја донел дотука. Му зедов и податоци за да посведочи ако треба, па се јавив кај мајка ѝ. Меѓутоа, кога ја прашав каде е ќерка ни, таа мртва ладна ми рече дека е дома. Ѝ кажав дека е детето кај мене, се разбира дека бев лут. Осумгодишно дете да талка само навечер и да помине таква релација, од населбата Даме Груев, во општина Ѓорче Петров кадешто живее со мајка ѝ, до Бутел!
Вечерта пријавив во полиција за случајот затоа што доколку јас не го сторев тоа, се плашев дека таа ќе ме пријави мене и ѝ кажав дека ќе остане да преспие затоа што е веќе доцна и дека следниот ден ќе ја вратам. Откако раскажав во Центарот дека детето побегнало од дома затоа што мајката сабајлето ја тепала и ѝ се заканувала, го префрлија нашиот случај во одделот за семејно насилство. Мајката не се појави во Центарот па ми наредија да го вратам детето. Што да ви кажам, ја однесов со автомобилот а таа не сака да излезе, плаче, јас ја вадам од кола таа од другата страна влегува, се пика под седиштето. Мајка ѝ си дошла дома и пак ја малтретирала, па детето повторно го направи истото, на автобус, на такси и пак кај мене уште подоцна навечер од првиот пат. Во Центарот им реков: „Двапати ми доаѓа, ако дојде третпат веќе не ви го враќам детето. Пак едвај ја вратив, со плачење и по третпат побегна во рок од една недела. Во Центарот им кажав да дојдат тие да го земат детето и да напишат изјава зошто е детето кај мене, дека е веќе нивна вина сѐ што се случува. Наместо тоа, и од Центарот и од полиција ми се јавуваа и ми се закануваа дека ќе одам во притвор зашто не го враќам детето.
Во период од цела година детето со гребнатини и со модринки од штипење ми доаѓаше. Му кажав на еден пријател и тој ме посоветува на лекар да го однесам детето. Го однесов, беше со гребаници од нокти кај окото, по телото. Извадив лекарско уверение, го поднесов до Центарот, а таму три месеци ми го криеја, рекоа го испратиле до Јавниот обвинител. По неколку месеци јавниот обвинител донесе одлука дека не може да се покрене обвинителен акт.

Документ од Центарот во кој мајката „се задолжува да не врши насилство врз ќерката“

Често кога има насилство од страна на мајката, пракса на центрите е да ѝ дадат имунитет на мајката, да напишат дека не е ништо сериозно и наместо да работат на подобрување на односите помеѓу нас за доброто на детето, тие создаваат уште поголем раздор помеѓу родителите. За да се заштитат самите, претпоставувам дека ја посоветувале мајката да поднесе пријава за киднапирање на дете. И во август годинава, мојата поранешна партнерка ми поднесе пријава, поточно, ја пријавила мајка ми дека таа го киднапирала детето, дошле дома, мајка ми се расплакала.
Точно е, ќерка ми беше цело лето кај мене и мајка ѝ ниту еднаш не се спротивстави на ова затоа што знае дека е детето веќе големо и дека не може со сила да ја тераме веќе да оди таму кадешто не сака, а веројатно и ѝ одговараше детето да не е таму а таа сепак да си добива алиментација и да си ја троши за себе, па ова пријавување дојде како гром од ведро небо. Кога е кај мене, може кога сака да се јави и да ја слушне, но не можам ништо ако детето самото не сака да зборува со неа. На пример, синоќа плачеше и ме прашуваше до кога веќе ќе трае ова и кога конечно ќе може да дојде да живее кај мене. Јас веќе не знам што да ѝ кажам. Од септември веќе ќе оди во средно, смешно е да ја присилуваат да живее со мајка ѝ. Кога наполни 13 години веднаш почнав постапка, но иако детето сака да живее со мене, никој не го почитува нејзиното мислење. Напротив, негираат дека во Центарот детето напишало изјава во која вели дека сака да дојде да живее кај мене или дека така кажало усмено.

Кога беше помала дури ми рече дека тетките во Центарот кои ми ги опиша како изгледаат и се токму оние кои го водат нашиот случај ѝ се заканиле дека ќе ѝ ја искубат косата ако каже дека сака да дојде да живее кај мене. Што да ви кажам повеќе? Има уште многу други перипетии кои ми ги направија во Центарот, но иако се пожалив и до Министерството дека не го водат случајот како што треба, мојата жалба беше одбиена. Пред неколку години ги прашав, што уште ви треба кога гледате дека детето се мачи, ми рекоа дека им треба психолошка проценка дали имам родителски капацитет. Го направив и тоа, а после излезе дека треба да плаќам и за мајката, а знаете, сепак станува збор за постапка која чини 15 илјади денари и дека ако некој од родителите не е во можност да ја плати, тоа треба да го стори Центарот. Ме испратија и во Првиот семеен центар Хера, кадешто ги однесов документите и рекоа ќе ме повикаат но никогаш не ме викнаа. Потоа во решение од Центарот, Центарот се повикува на мислење на Прв семеен центар Хера. Како можат да се повикаат на нив кога никогаш не ме повикале таму и не сум стапнал подалеку од портирницата? Ми запишаа податоци, рекоа ќе се јавиме, но никогаш не се јавија. Има и други работи. Наводно не сум се интересирал за детето во училиште. Ги прашав наставничките, рекоа дека дошле за три деца, меѓудругите и за моето и дека тие кажале сѐ најдобро за мене. Па мене секоја недела ми доаѓа на телефон извештај за детето од училиштето, постојано сум во контакт со нејзините наставници, тие се запознаени со случајот.
Толку од нашите институции. Годините си поминаа, детето од стрес доби витилиго и алергија. Непосредно по насилството поради кое трипати бегаше од дома. Сега плаче, децата ѝ се потсмевале поради витилигото, јас ѝ купувам сѐ и сешто, иако знам дека нема лек за оваа состојба, сепак се обидувам со разни лекарства, земам од Грција, од Германија, а ја носам и на кожно во „8 Септември“. Кога беше помала, мајка ѝ не сакаше ниту лековите што ѝ ги нарачував од Германија да ѝ ги дава. Сега сама си ги зема лекарствата.
И да ви кажам искрено, јас и ден денеска го прекршувам решението со тоа што во недела, за време на викендите кога е кај мене, не ја враќам пред 21 часот иако би требало да го направам тоа до 20 часот. Не можам на сила да ја бркам да си оди, свесен сум дека измислува разни работи за да се задржи повеќе, ама голема е веќе, ѝ објаснувам дека мора да си оди и таа едноставно не сака. Што треба да правам, да ја тепам и јас за да си оди? Постојано ме прашува до кога ќе мора да се враќа таму, јас не сакам сѐ да знае, сепак е дете, ама не можам да ја спречам да настојува.
Не сакам да зборувам лошо за мајка ѝ, а свесен сум дека се што кажав во текот на овој разговор со вас, е лошо, ама не измислувам ништо. Јас веќе не се борам со мајката, јас се борам со државата и со нејзините институции кои немаат слух за ваквите случаи. Детето со години е малтретирано, толку време страда, а ним им е најважно само да остане по секоја цена со мајката. Зарем јас би настојувал толку ако моето дете беше среќно и убаво живееше кај мајката? Колку и да ми е тешко без детето, ќе го гледав кога ќе можев но немаше да го барам и толку да настојувам да ми го доделат мене ако беше сѐ во ред затоа што на децата им требаат и мајките, секако, особено на девојчињата. Но во случајов, за жал, нашата ќерка не сака да биде со мајка ѝ. Зарем јас би можел да вршам таков притисок и толку да влијаам на детето кога тоа живее со мајката, а не со мене?!“, ја завршува својата приказна Стојан.

Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]