Родителите или старателите кои нема да ги вакцинираат своите деца ќе бидат казнени со парична казна во вредност од 245 до 1.226 евра, предвидено е со Законот за заштита на населението од заразни болести, кој денеска го усвои Собранието на Србија, пренесува Танјуг.
Тој износ ќе го платат и оние кои во постапката на епидемиолошко испитување не ја зборуваат вистината и не даваат точни и целосни податоци значајни за откривање на изворот и начинот на пренесувањето на заразните болести.
Казната е предвидена и ако лицето не се придржува на препораките од лекарот кога е одреден задолжителен превоз со амбулантно возило или мерки на изолација и лечење, како и ако при патување во земји во кои има колера, чума, големи сипаници, жолта грозница, вирусна хеморагична треска и маларија, како и по враќањето од таа земја, не се придржуваат на обврските кои им ги наложува законот.
Српскиот Министер за здравје Златибор Лончар, нагласи на собраниската расправа дека со законот се обезбедува „високо ниво на заштита на животот и здравјето на луѓето, спречување и сузбивање на заразни болести, како и нивно отстранување и искоренување“.
Како што истакна Лончар, за престојот за деца во предучилишна возраст, како и во институциите за престој за деца без родители, неопходна е задолжителна имунизација, освен во случај на постојани медицински контраиндикации кои ги утврдува лекар.