Родителите војуваат и по разводот преку грбот на децата

Со примитивната државна пракса со која децата му се доделуваат на едниот родител, а другиот во голема мерка се отстранува од нивниот живот, се врши перфиден тип на насилство врз децата

0
1212

Наум Рибароски е еден од иницијаторите за воведување на заедничко родителство по развод преку промена на појдовната основа за уредување на родителските односи по развод. Иницијаторите бараат промени со кои наместо доделување на децата кај едниот родител по развод, двајцата родители би останале еднакво одговорни и заедно би ги донесувале главните одлуки за животот на децата, освен во исклучителни ситуации. Исто така, тие бараат и воведување на јавна и транспарентна законска рамка за регулирање на видувањата на децата преку воведување на право на минимум загарантирано време од 120 дена годишно за родителот со кој детето не живее, односно принцип на еднакво видување (50-50) секогаш кога родителите живеат блиску и кога со тоа не се нарушуваат секојдневните обврски на детето. Рибароски е татко на две деца и самиот, во споредба со други татковци добил „премија“ – по разводот има право да ги гледа децата два викенди месечно и два ипол часа помеѓу овие гледања.
„Имаме цела армија на родители кои ги гледаат своите деца по 2-4 часа месечно и тоа во игротека, угостителски објект или во просториите на Центрите за социјална работа, понатаму родители кои ги гледаат своите деца еднаш во 10 дена или такви кои не можат да си ги гледаат своите деца и по цела недела иако живеат на иста улица. И се се тоа родители кои ниту се агресивни и насилни, ниту имаат било каква друга дамка. Единствен ‘грев’ им е што не можат да се договорат со другиот родител, кој најчесто не е заинтересиран за договор или поставува невозможни (најчесто финансиски) услови за да се дојде до некаков договор“, вели Рибароски за порталот „Мајка и дете“.

Чија е идејата за граѓанската иницијатива за воведување на заедничко родителство по разводот?
Идејата потекнува од група засегнати родители кои по развод го имаат изгубено статусот на рамноправен родител , и тоа без никаква причина, само затоа што се разведени. Ваквиот расплет е доста чест поради крајно примитивниот начин на постапување од страна на државата со децата од разведени бракови – тие се доделуваат на чување и воспитување на само едниот родител по развод и тој родител станува родител од прв ред, а другиот родител станува спореден родител и добива крајно редуцирани видувања, со што во голема мерка се исклучува од животот на детето.
Ваквите одлуки на државата се донесуваат ако родителите не можат да се договорат. Но, проблемот е што оваа пракса на државата е одамна позната, па едниот родител кој знае дека ќе остане родител од прв ред најчесто нема интерес да се договара со другиот родител. Наместо договор, тој родител свесно ги остава државните органи да решаваат според нивната застарена пракса, знаејќи дека на тој начин другиот родител ќе биде целосно или во голема мерка отстранет од животот на децата и на тој начин ја добива „војната“ со бившиот партнер(ка).

Иницијатори на оваа неформална група се главно татковци кои се чувствуваат обесправено по разводот?
Иницијаторите се татковци и најголем дел од групата се татковци бидејќи таков е системот – татковците се најчесто родители од втор ред. Но, нашата група одамна веќе не е составена само од татковци. Тука се и блиските роднини (баби, дедовци, тетки, чичковци, братучеди) кои не можат да си ги гледаат нормално своите внуци,мајки кои независно од законот, врз база на сопствена свест и совест практикуваат заедничко родителство и потврдуваат дека таквата пракса е во интерес на децата, а во последно време ни се приклучија и мајки кои го имаат изгубено правото да ги чуваат и воспитуваат своите деца, односно мајки од „втор ред“. Секако, тука се и бројни психолози, психијатри, педагози, семејни терапевти и останати стручни лица кои сесрдно даваат поддршка на нашата Иницијатива и особено Првата детска амбасада Меѓаши која препозна дека оваа Иницијатива ги става децата во прв план и ни е поддршка од самиот почеток на иницијативата.
Тешко е да се каже колку е вкупниот број на луѓе во нашата група од причина што секојдневно не контактираат нови родители и роднини. Со скоро секој нов развод ние регрутираме нови активисти. Непосредно активни сме стотина луѓе во скоро секој град, а по потреба би можеле да активираме и многу повеќе, не има илјадници засегнати. Наша проценка е дека секоја година има минимум 5-6 илјади нови засегнати деца, родители и роднини од сегашниот систем.
Примери има многу и секој е на свој начин трогателен. Типичните решенија на Центрите за социјална работа предвидуваат родителот од „втор ред“ да поминува со децата 5-6 дена месечно. Исклучоци со повеќе време од ова има многу малку, а примери со помалку време има навистина многу. И така, имаме цела армија на родители кои ги гледаат своите деца по 2-4 саати месечно и тоа во игротека, угостителски објект или во просториите на Центрите за социјална работа, понатаму родители кои ги гледаат своите деца еднаш во 10 дена или такви кои не можат да си ги гледаат своите деца и по цела недела иако живеат на иста улица. И се се тоа родители кои ниту се агресивни и насилни, ниту имаат било каква друга дамка. Единствен „грев“ им е што не можат да се договорат со другиот родител, кој најчесто не е заинтересиран за договор или поставува невозможни (најчесто финансиски) услови за да се дојде до некаков договор.

Каква е вашата улога во сето ова?

Јас сум еден од „ветераните“ кои се од самиот почеток во иницијативата. Заедно со уште неколкумина ги донесуваме главните одлуки околу Иницијативата и ја координираме групата. Дополнително, ја имам преземено улогата на „портпарол“, односно јас сум тој кој најчесто ја претставува оваа иницијатива во јавноста.

На неодамнешната конференција по овој повод имаше и некои забелешки и дилеми дека оваа идеја за заедничко родителство е можеби и опасна со оглед на фактот дека постојат многу случаи на семејно насилство кадешто виновници за истото се токму татковците… Како вие би се справиле со ваквите случаи?

Кажавме и на конференцијата, а и безброј пати во јавноста – правото на заедничко родителство не може да се доделува без исклучок. Неподобните родители, за кои е докажано дека се вршители на насилство, понатаму родителите кои се борат со зависности, кои се душевно болни итн. секако би биле предмет на исклучок.
Други исклучоци би биле случаите кога едниот родител не сака или не може да практикува заедничко родителство, кога го има добиено правото, а не го користи (односно не го поминува времето со децата кое е пропишано) и кога се работи за бебиња до 2-годишна возраст кои поради биолошките фактори треба да поминуваат повеќе време со мајката, но во тие случаи заедничкото родителство би се воведувало постепено додека децата не дојдат на 5-годишна возраст.
Она за што ние се бориме е заедничкото родителство да биде презумпција, т.е. почетна основа.за одлучување. Праксата покажува дека во огромно мнозинство случаи, независно од разводот, двајцата родители се уште сакаат, можат и се подобни да се грижат за децата и во тие случаи заедничкото родителство мора да биде прва опција. Со исклучоците наведени погоре ќе се постапува поинаку. Не е логично мнозинството да страда заради ретките исклучоци.
Кога сме кај насилството, со нашите предлози во голема мерка ќе се отстрани најчестиот тип на насилство врз децата од разведени бракови, а тоа е родителското оттуѓување од едниот родител по развод како резултат на дејствија од страна на другиот родител. Психолозите потврдуваат дека ова е перфиден тип на насилство кое остава трајни последици врз децата. Во моментов, државата со своите одлуки е соучесник и го мотивира ваквиот тип на насилство врз децата.

Што говорат вашите искуства, каков е сооодносот на обесправени татковци во однос на мајките и кои се според вас главните недостатоци на сегашното семејно законодавство во пракса?

Како што кажав и претходно, огромно мнозинство, преку 90% од обесправените родители по развод се татковци. Сепак, не би ставиле полов предзнак на овој проблем, прво, затоа што децата се засегнати независно од полот и второ, затоа што покрај засегнатиот родител страдаат и најблиските роднини, исто така од двата пола.
Главен недостаток на сегашниот закон е што не ги штити интересите на децата, туку интересите на родителот „од прв ред“, такашто ги става родителите во нерамноправна ситуација при развод. Со тоа, се разгорува тензијата и наместо да се насочуваат родителите кон договор во интерес на децата, истите влегуваат во уште поголема војна кој ќе остане родител од прв ред и ќе го „победи“ другиот родител. Овие војни завршуваат всушност врз грбот на децата кои се во средина на конфликтот на родителите.
Други големи недостатоци се немањето јасна и праведна рамка за тоа како ЦСР (Центарот за социјални работи) ги определува видувањата и немањето на ефективен механизам кој ќе обезбеди остварување на решенијата на ЦСР, дури и вакви какви што се. Од овие големи недостатоци потекнуваат низа проблеми со кои голем број граѓани и особено деца секојдневно се судираат.
Се работи за систем кој е карикатура на тоа како треба да бидат поставени работите и затоа нашата заложба не е да се направат козметички промени, туку темелни измени со кои државните институции конечно ќе почнат да работат навистина, пред се, во интерес на децата.

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]