За време на почетниот пресуден период од 1.000 денови во животот на секое дете, мозочните клетки може да градат и до 1.000 нови врски секоја секунда – брзина што се јавува само еднаш во животот. Овие врски придонесуваат за функционирање на мозокот и учењето кај децата, и претставуваат темел за нивното идно здравје и среќа. Недостатокот на нега и заштита – т.е. соодветна исхрана, стимулација, љубов и заштита од стрес и насилство – може да го попречат развивањето на ваквите пресудни врски.
Кампањата на УНИЦЕФ #EarlyMomentsMatter (#ПрвитеМоментиСеВажни), поддржана од Фондацијата ЛЕГО има за цел да ја зголеми свеста околу значењето на првите 1.000 дена во животот на детето, како и околу влијанието на раните искуства врз развојот на мозокот.
Кампањата стартуваше со #EatPlayLove (#ЈадиИграјСакај) – дигитална и печатена иницијатива насочена кон родителите и старателите, во која се даваат научни информации за тоа како се развива мозокот на бебињата. Со алатките на #EatPlayLove, научните информации се објаснуваат директно, визуелно и интересно, со цел да се поттикнат родителите и старателите да го искористат овој незаменлив период во животот на своите деца за да им обезбедат најдобар можен почеток.
Преку ангажирање со семејствата, иницијативата, исто така, е насочена кон зголемување на побарувачката за квалитетни и финансиски достапни услуги на ран детски развој и кон повикување на владите да инвестираат во програми наменети за најзагрозените деца.
Според неодамнешните истражувања објавени во „Лансет“ (The Lancet), речиси 250 милиони деца во земјите во развој имаат ризик од слаб развој, поради застој и сиромаштија. Но, потребата за поголеми инвестиции и акција во раниот детски развој не е ограничена само на земјите со низок приход. Маргинализираните деца кои живеат во земјите со среден и висок приход, исто така, се изложени на ризик. УНИЦЕФ проценува дека уште неколку милиони деца ги минуваат формативните години растејќи во нестимулирачка и небезбедна средина, ставајќи го во ризик нивниот когнитивен, социјален и емотивен развој.
Инвестициите во раното детство се еден од најисплатливите начини за зголемување на способноста кај сите деца да го достигнат својот целосен потенцијал – преку зголемување на нивната способност за учење в училиште, а подоцна и на нивниот капацитет за заработка како возрасни. Ова е особено значајно за децата кои растат во сиромаштија. Една 20-годишна студија покажа дека сиромашните деца кои учествувале во квалитетни програми за ран детски развој додека биле мали заработувале и до 25 проценти повеќе како возрасни, во споредба со своите врсници што не добиле иста поддршка.
Интервенциите на ран детски развој, како што е пакетот Грижа за детскиот развој, кој опфаќа обука за здравствените работници во заедницата да ги поучуваат семејствата околу важноста на играњето со децата на начин што поттикнува здрав развој, чинат малку, т.е. 50 американски центи по жител годишно, кога ќе се искомбинираат со постојните здравствени услуги.
УНИЦЕФ ги повикува владите да ги зголемат инвестициите во раното детство, да ги прошират здравствените и социјалните услуги што им се нудат на малите деца, како и да ги зајакнат услугите за поддршка на родителите и старателите.
Оваа кампања е дел од пошироката програма на УНИЦЕФ за ран детски развој, поддржана од Фондацијата Ејч-енд-Ем, Фондацијата на Конрад Н. Хилтон, АЛЕКС И АНИ, и Фондацијата ИКЕА.