Настаните кои се организирани во рамки на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ имаат за цел да се прикажат иновативни начини на подучување со кои се задржува интересот за читање кај децата и да го подигнат прашањето за важноста на раната писменост на децата кај целата јавност.
Станува збор за настани насловени како „Читањето и математиката се забавни“, во чии рамки познати личности читаат сликовници со најмладите ученици од основните училишта и тоа: на 22 февруари во ОУ „Толи Зордумис“ – Куманово, на 24 февруари во ОУ „Његош“ – Идризово со пејачката Кристина Арнаудова и актерот Бујар Саити и на 28 февруари во ОУ „Браќа Миладиновци“ – село Миладиновци, Илинден со актерот Ѓорѓи Нешкоски.
Од 2013 година досега, Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ соработува со десетици познати личности како актери, спортисти, пејачи. Дел од нив се актерите Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Амернис Нокшиќи, ракометарот Наумче Мојсоски, пејачите Дани Димитровска, Тони Зен итн.
Организирани се над 90 настани „Читањето и математиката се забавни“ во основни училишта, ромски центри и јавни библиотеки низ целата земја, и на истите учествувале над 6000 ученици, наставници и родители.
Во рамки на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ создадена е и „Библиотека на тркала“ – специјално пренаменето возило кое од 2014 година има посетено над 150 различни локации, со над 14000 посетители. Предност имаат рурални и оддалечени училишта кои немаат училишна или јавна библиотека во близина, па „Библиотеката на тркала“ им носи сликовници и ресурси за учење на најмладите.
Проектот на УСАИД „Со читање го лидерство“ го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, во соработка со Министерството за образование и наука и сите основни училишта во Македонија. Целта на проектот е да се проценат и подобрат јазичните и математичките вештини на учениците од почетните одделенија, да се унапредат педагошките вештини на наставниците и да се подигне свеста на целокупната јавност за важноста од овие почетни вештини неопходни за развој и успех на најмладите ученици.
Во рамки на проектот, за првпат во државата се адаптирани меѓународни алатки за процена на почетната јазична и математичка писменот. Проектот подготви и eлектронска библиотека со аудио-дигитални сликовници и активности достапни за целата јавност. Во 2015 година, проектот отпечати и дистрибуира повеќе од 120.000 копии сликовници до сите основни училишта и јавни библиотеки во Република Македонија, а во декември 2016 организира он-лајн кампања за здрави читачки навики со Доктор Читко. Проектот ќе се спроведува до ноември 2017 година.