Посебните деца имаат и посебни родители

Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби е фокусиран на промоција на профилот на лице со потенцијал, а не лице со посебна потреба. Значи, во најдобрата смисла на зборот „посебно“, овој ресурсен центар кој активно функционира од 2014.година има мисија да им служи токму на тие деца и на нивните родители.

0
551

Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби е формиран во 2012. година (активно започнува со работа во 2014 година) како родителска организација со мисија да им служи на сите деца со посебни потреби и на нивните семејства преку обезбедување на поддршка, помош, пристап до информации, обезбедување на остварување на нивните права и овластувања во сите сегменти на животот, успешна социјална инклузија  и подигнување на јавната свест и одговорност.

Имено, уште во 2010 година, УНИЦЕФ идентификува група на родители кои се обучени од страна на  Pacer (Ресурсен центар на родители со седиште во САД), со цел да се креира ваква родителска организација во Македонија.

Инициран, формиран и воден од родители на деца со посебни потреби, а замислен како национален родителски сервис кој им служи на родителите и нивните деца со посебни потреби, Ресурсниот Центар делува како партнер на родителите, на здруженија чии активности и делување се однесуваат на децата со посебни потреби, но едновремено и на институциите кои работат на подобрување на условите на животот на децата со посебни потреби. Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби нема членство, а нашите сервиси и услуги се така дизајнирани, да ги поддржат семејствата во нивниот секојдневен живот, вели претседателката на центарот Јасна Мандиќ.

Според неа, Ресурсниот центар е фокусиран на промоција на профилот на лице со потенцијал, а не лице со посебна потреба.

„Веруваме дека секое лице со посебна потреба има право да живее свој сопствен живот и да тежнее кон своите цели без ограничувања, предрасуди и очекувања од другите луѓе“, вели таа.

Мисијата на Ресурсниот центар да им служи на сите деца со посебни потреби и нивните семејства се одвива преку обезбедување на поддршка, помош, пристап до информации, обезбедување на остварување на нивните права во сите сегменти на животот со цел – што поуспешна социјална инклузија, како и подигање на јавната свест и одговорност за постоењето на тие права.

Во својата досегашна работа центарот веќе реализирал неколку проекти со УНИЦЕФ, (под чија капа и е формиран) и Британската Амбасада во Република Македонија, кои се негови верни поддржувачи.

„Според последните податоци на државно ниво, во Македонија има приближно 8000 лица со посебни потреби. Но, тоа е податок кој се базира на корисници на ПОСЕБЕН ДОДАТОК што ни приближно не е вистинската бројка бидејќи нашите податоци зборуваат за постоење на многу поголем број (има многу лица кои не го  земаат посебниот додаток, не се информирани или финансиски таа сума не им прави голема разлика). Последно мапирање било уште во 1966 година. Светските бројки велат дека 10 % од вкупната популација се лица со посебни потреби“, вели Мандиќ.

Во склоп на активностите поддржани од УНИЦЕФ, досега Ресурсниот Центар организирал неколку т.н психолошки кампови за родители на деца со посебни потреби, за прв пат во Македонија. Ресурсниот Центар е партнер на многу здруженија и НВО организации.

Инаку, претседателката на Центарот, нашата соговорничка Јасна Мандиќ е потпретседател во здружението Дајте ни Крилја со кои тесно соработуваат, па зеднички се остварени многу активности: терапевтско јавање, терапевтско пливање итн. Проблемот со одржливоста на овој тип на активности, велат оттаму, вклучувајќи ги тука и окупационата терапија, АБА Метода, сензорната терапија и други, се состои во фактот дека, и покрај покажаната корисност на овие методи и активности за лицата со посебни потреби, и покрај нивната присутност во Македонија (претежно преку проекти) повеќе години – тие никако да влезат во регуларниот здравствен систем.

[better-ads type='banner' banner='999' ]