Научете го детето како да се однесува при средба со непознато куче

Колку и да сака животни или пак од мали нозе навикнал во близина да има милениче-куче, претпазливоста никогаш не е доволна. Ова се однесува пред се на непознати кучиња на кои децата често им приоѓаат без размислување.

0
294

Родителите треба да се трудат да ги научат децата самостојно да знаат што треба да направат при средба со непознато или дури и непријателски настроено куче. Сеедно е дали станува збор за кучето на соседите или пак за сосема непознато куче кое првпат го гледа во парк. Кучињата често делуваат инстинктивно, онака како што им налага чувството за преживување. Децата често несвесно прават грешка претпоставувајќи дека сите кучиња се еднакво дружељубиви. Тоа особено се однесува на децата кои растат со куче и кои не можат да сфатат зошто некое куче се однесува поинаку од нивното домашно милениче. Важно е детето да научи да препознае непријателски расположено куче затоа што на некои кучиња едноставно им пречат нагли движења па во некои моменти можат да реагираат на неочекуван начин.

Најдобро е детето да го научите да избегнува секаков контакт со непознати кучиња, а најдобар пример за ова треба да му бидете вие. Доколку кучето е во придружба на сопственикот, потребно е прво да го прашате за дозвола дали смеете да му се приближите. Непријателски настроеното куче ќе го препознаете по наглите движења со главата и забрзано движење, како и одбранбен став и ржење кога некој ќе се обиде да му се приближи. Во случај кучето да тргне кон детето важно е да му објасните дека е најдобро да се оддалечи од него без нагли движења и без паника. Во случај на напад, колку и да е тоа тешко, сепак наглите движења не се препорачливи и би можеле дополнително да го испровоцираат кучето. Секако, овие совети е потребно да се прилагодат кон возраста на детето. Во текот на разговорот потребно е фокусот да се задржи на важноста од нежен пристап кон кучето. Можете да го прашате детето како тоа би се чувствувало во случај некој нагло да тргне кон него и да се обиде да го допре. Многу деца со ваков пример можат да се поистоветат со ситуацијата во која се наоѓа кучето и во иднина да размислат дали и како да му се приближат на кучето.

Она што е најважно, без оглед дали имате домашно милениче или не е да го научите детето да се однесува кон секое животно со почит затоа што и тие како и луѓето имаат чувства.

Потребно е да им укажете на неколку правила.

При играта со животните не смеат да бидат груби, не смеат да ги влечат за ушите или за опашката. Во такви ситуации и најпослушните мачки или кучиња стануваат агресивни. Исто така, на животните не би смеело да им се пречи во текот на спиењето или хранењето.

Се додека детето не ги прифати овие правила и не почне да се придржува кон нив, потребно е да се задржи родителскиот надзор. Тоа значи дека секогаш треба да има возрасна личност во просторијата во која детето си игра или се дружи со животното. Како родител никогаш не треба да претпоставите дека животното е навикнато на деца и дека е едноставно безопасно. Доволна е само една ситуација, како некое погрешно движење која може да заврши со напад.

[better-ads type='banner' banner='999' ]