Најскапиот ден во годината

Најголемиот дел од парите се наменети за нова гардероба, што јасно говори што би требало да сметаме за најважен аспект од школувањето на детето.

0
578

Почетокот на учебната година е идеална можност за медиумите да ги втурнат родителите во нова психоза. Секој септември се повторува истата сензационалистичка приказна за родителите на кои единствено им преостанува да продадат бубрег, да добијат на лото или да се задолжат во банка за да ги опремат своите деца со најпотребното за училиште. Нема таков медиум кој сериозно не се посветил во пресметувањето на неопходниот износ кој на родителите им е потребен, а лицитацијата во ова неофицијално „натпреварување“ во тоа кој повеќе ќе ја скандализира јавноста обично сопира на околу 10.000 денари.

Не се одрекува дека на повеќето родители им е тешко да скрпат и за она најнеопходното, но кога подобро ќе се погледне листата на трошоци, во игра влегуваат и многу други „неопходни“ работи без кои ниедно пристојно дете не може да го замисли први септември.

Најважното од се – школската торба, чини „до 5.000 денари“ – бидејќи не можеме да дозволиме на детето да му пука ‘рбетот од некоја неквалитетна торба. „Квалитетните“ тетратки, моливи, бои, гуми и линеари (дали некој научил геометрија од „неквалитетен“ линеар) – се да е внимателно попишано и пресметано, нормално најскапото од рафтовите. Кутија за моливи – 1.700 денари. Секако, има и поевтини, но психолозите советуваат, а новинарите пренесуваат, дека не можеме да се ценкаме кога нешто важно е во прашање, туку на децата да им допуштиме самите да ги изберат приборот и останатото, за почетокот на школската година да им биде помалку стресен. Кој ќе се стресува поради цените и на кого ќе му пука ‘рбетот за тоа колку заработува, навистина е помалку важно – на родителите ‘рбетот ионака веќе им бил на тапан некогаш порано кога оделе во школо со старата торба наследена од братот или од сестрата.

Најневеројатното во целата приказна е што најголемиот дел од парите се наменети за нова гардероба, што јасно говори што би требало да сметаме за најважен аспект од школувањето на детето. Најпосле, што е први септември ако не прилика по ходниците на училиштето да се прошета со најновите модели брендирани патики и тренерки. За новата гардероба потребно е, според проценките на новинарите, околу 8-10.000 денари, и тоа без опремата за физичко. Патиките, повторно „до 3.000 денари“. И самите родители, иако се во долгови, признаваат дека „децата не можат да го дочекаат почетокот на школската година без нови тренерки и патики“. Навистина, тие мораат да внимаваат да не ги потресат децата, а децата бараат „не само маркирани патики и јакна, туку и ранец и кутија за моливи“. Децата гледаат едно од друго и притисокот на околината е страшен, па паѓаат во депресија ако не ја следат модата која им ја наметнуваат децата чии родители се побогати.

„Не, тоа никако не можеме да го дозволиме, нашите златни деца да паднат во депресија. Нема пари? Ма, не може да нема!“
„За да ги исполнам желбите на мојот син ќе морам да земам кредит“, се исповедува една мајка, чие дете, бар додека мајката успева да жонглира со ратите и отплатите, може да се надева на каква-таква психичка стабилност.

Да се купува облека за школо, рака на срце, воопшто не е нова појава – во прашање е стар обичај. Само, има една мала разлика. Некогаш децата на први септември ја добивале првата пристојна гардероба во животот, бидејќи едноставно не било во ред да се појават босоноги и во носени партали. Но, тој проблем некако не ги мачи денешните деца. Денешните деца ги мачи депресијата поради скршената кутија за молив и минатогодишниот модел на патики. Освен што се во потполн несклад со реалноста и здравиот разум, ваквите вести придонесуваат бивањето родител да се доживее како една далеку поскапа, помачна и постресна задача од што таа навистина е или би требало да биде. Што нормално не значи дека, повторувајќи ги упорно секоја година истите мантри за тоа што е „потребно“, „нормално“ или „минимум“ за кој родителите треба да се испружат кога е во прашање школувањето, среќата и душевното здравје на нивното дете, таквите процени не стануваат пореални. Бидејќи, да бидеме искрени, кој воопшто би прифатил неговото дете да биде црна овца, која своите родители ги чини помалку од минимумот за кој се зборува на телевизија. Меѓу другото, и без еден бубрег убаво се живее.

Се на се, се чини дека причината поради која постои школото веќе не е образованието. Школото стана место каде се врши терапија на депресивните и потресени деца преку покажување на скап училишен прибор и облека.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]