Изборното ветување на СДСМ во однос на зголемувањето на работното време и бројот на вработени во јавните детски градинки низ целата држава, со цел да им излезат во пресрет на потребите на родителите кои остануваат на работа и после 18 часот, или работат во смени, полека почна да се реализира иако се чини дека во пракса кај родителите нема голем интерес за ова.
Имено, во август годинава, од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопштија дека од први септември се воведува двосменско работење во градинките, со што се создава можност за згрижување на децата и по 18 часот. Ваквиот начин на работа на градинките почна да се применува онаму каде што има интересирање за тоа, а како што информираа од МТСП , досега од вкупно 65 детски градинки во 54 општини, 13 детски градинки во 9 општини почнале со двосменско работење и притоа згрижуваат вкупно 189 деца.
Во однос на првата работна сабота, од вкупно 65 детски градинки во 54 општини, 20 детски градинки во 18 општини почнале со работа во сабота и притоа згрижуваат вкупно 132 деца.
Од МТСП велат дека овие податоци се од септември и можно е во меѓувреме состојбата да се променила во некои места.
„На градинките им беше оставена можноста сами да го организираат двосменското работење, согласно потребите на родителите (за што имаа обврска да спроведат и анкета)“, вели Павлина Симоноска Арсиќ, од Кабинетот на министерката за труд и социјална политика.
Засега, втората смена функционира во детските градинки во следниве општини – Битола, Демир Капија, Демир Хисар, Куманово, Македонски брод, Ресен, Тетово, Центар и Чаир.
Првата работна сабота функционира во детските градинки во следниве општини – Битола, Берово, Богданци, Велес, Гостивар, Демир Капија, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Куманово, Македонски брод, Неготино, Охрид, Радовиш, Ресен, Тетово, Центар и Чаир.
„Што се однесува на прашањето за потребата од вработувања во детските градинки, одредени анализи покажуваат дека системот на згрижување на деца со години систематски бил занемаруван, бидејќи недостига кадар од над 2000 лица во постоечките градинки. Овој податок е настрана од реалната потреба за отворање нови градинки, со цел да се зголеми опфатот на деца, кој е многу низок речиси во сите општини во државата.
Планот за 2018 година е, секако во соработка со локалните самоуправи, да се вработат околу 200 лица во детските градинки, пред се, таму каде што потребата од персонал е ургентна“, вели Симоноска Арсиќ.
Во согласност со одлуката на Владата од 10 јули годинава, првата смена во градинките кои воведоа двосменско работење почнува од 7 до 14 и 30 часот, а втората од 14 до 21 и 30 часот. Градинките ќе работат и секоја прва сабота во месецот од 8 до 16 часот.
Според одлуката на Министерството, во оние јавни установи за деца, каде што ќе се утврди дека нема потреба од воведување на втора смена, тие ќе продолжат да работат како и досега. Сепак, воведувањето на втора смена не зависи од бројот на позитивно изјаснети родители, што значи дека доколку и само едно дете треба да биде згрижено во втора смена, установата е должна тоа да го организира.
Некои од општините, како што е скопската Општина Карпош, тогаш информираа дека поради немање на соодветни услови и капацитети, градинките во Карпош овој септември нема да бидат во можност да работат во две смени.
Ситуацијата во нив е се уште непроменета.
„Немаме услови, ниту персонал за да ги задоволиме потребите за сегашните деца во нашите градинки, а не пак за двосменско работење за кое и онака нема голем интерес кај родителите кога станува збор за градинките „Мајски цвет“, велат оттаму.
И од општина Аеродром велат дека иако општината е отворена за воведување двосменско работење во детските градинки, засега нема голем интерес меѓу родителите за втора смена.
На 18 овој месец (октомври) регионалната битолска телевизија „МЕГА“, информираше дека месец и половина откако беше овозможено да се работи во смени, интересот кај родителите, децата да им одат втора смена, е многу мал и дека во градинките во Битола само едно дете е згрижено во втора смена .
Вработените во градинките за оваа телевизија изјавиле дека и покрај големиот интерес на родителите пред стартот на учебната година за воведување втора смена која ќе функционира од 14 часот до 21 часот и 30 минути, сепак интерес за истата сега нема. И тоа едно дете кое било пријавено, сега го нема бидејќи родителите не сакале да седи само во занималната.
Што мислите вие за можноста за двосменско работење на градинките?
Дали како родители имате потреба и сте побарале во градинката во која оди вашето дете да се воведе овој тип на работење и каков е одговорот оттаму?
Драгица Христова