Како да им помогнете на децата да го разберат разводот?

Начинот на кој децата го разбираат разводот на своите родители многу зависи и од нивната возраст па многу е важно родителите да знаат какви мисли и чувства имаат децата од одредена возрастна група за да го сменат и прилагодат своето однесување и да им помогнат на децата да се прилагодат.

0
273

Тажната статистика говори дека речиси 50 отсто од браковите во светот завршуваат со развод, но колку и да е болно тоа искуство за вас, ако имате деца морате да се потрудите тие да останат заштитени.

Разводот е емотивно тешко искуство дури и доколку двајцата се согласувате дека понатаму не можете веќе заедно.

Начинот на кој децата го разбираат разводот на своите родители многу зависи и од нивната возраст. Важно е родителите да знаат какви мисли и чувства имаат децата од одредена возрастна група за да го сменат и прилагодат своето однесување и на тој начин да им помогнат на децата да се прилагодат кон разводот.

 

Бебиња

Разбираат:

И забележуваат промени во количината на енергија кај родителите но и нивната емоционална состојба

Поголемите бебиња забележуваат кога едниот родител повеќе не живее дома

Чувства:

Стануваат почувствителни, почесто плачат и чувствуваат немир

Промени во ноќното и дневното спиење и во останатата дневна рутина.

Ако некоја нова возрастна личност се досели во домот, постарите бебиња можат да станат нервозни и плашливи.

Што можат да направат родителите за бебињата:

Да се држат до вообичаената рутина и распоред.

Да ги уверат бебињата дека се секогаш тука со допири и со постојано зборување.

Детските играчки, кебенца или омилените кадифени играчки нека бидат постојано на дофат на рака.

Постепено запознавање на постарите бебиња со новите возрастни лица.

Мали деца

Разбираат:

Забележуваат дека еден од родителите не живее повеќе дома.

Можат да покажат емпатија кон другите, односно кон родителот кој е тажен.

Чувства:

Можат тешко да се одвојуваат од родителите.

Можат да покажуваат лутина кон родителот.

Можат да се вратат назад и да изгубат некои од научените работи, на пример, повторно да се вратат во пелени.

Малите деца можат да покажат некои однесувања кои ги прераснале, како на пример, цицање прст.

Може да се смени рутината на дневното и ноќното спиење.

Можат да имаат кошмари.

Што можат да направат родителите:

Да обезбедат повеќе време кога се подготвуваат на одвојување, на пример, кога ги носат во градинка, да одат 10-15 минути порано.

Да покажат телесна и вербална потврда за нивната љубов и грижа кон детето

Да покажат грижа и разбирање на грижите на детето, да сфатат дека старите однесувања како цицањето палец ќе исчезнат со време и со нивна поддршка, а пелените повторно ќе бидат заборавени со малку повеќе трпение.

Разговор со останатите возрасни како и со оние кои се грижат за детето за тоа како да го поддржат детето во овој период.

Претшколски деца и деца во првите одделенија од основно.

Разбираат:

Претшколците знаат дека едниот родител повеќе не живее во истиот дом.

Основците почнуваат да разбираат дека разводот значи дека нивните родители повеќе нема да бидат во брак и нема да живеат заедно, како и дека родителите повеќе не се сакаат.

Чувства:

Веројатно ќе се обвинуваат себеси за разводот.

Можат да се грижат за промените во секојдневниот живот.

Имаат повеќе ноќни кошмари.

Можат да покажуваат знаци на тага и жал заради отсуството на едниот родител.

Претшколците може да бидат агресивни и лути кон родителот што го обвинуваат.

Претшколците постојано се борат со разликите помеѓу фантазијата и реалноста па може да си фантазираат дека нивните родители ќе се смират и ќе бидат повторно заедно.

Што можат да направат родителите:

Постојано да им повторуваат дека не се тие одговорни за разводот.

Да ги уверуваат дека нивните потреби ќе бидат задоволени и да им објаснат кој ќе се грижи за нив и за нивните потреби.

Да разговараат со нив за нивните мисли и чувства, да бидат сочувствителни кон детските стравови.

Да го планираат распоредот на времето предвидено за посета на другиот родител и да го поддржуваат односот на детето со другиот родител. Патем, не зборувајте лошо за него пред детето. Со тоа само ќе го повредите роденото дете. Бидете пристојни и одбирајте зборови кога зборувате за вашиот поранешен партнер.

Нежно но цврсто да ги потсетуваат децата дека е разводот конечен и дека родителите повеќе нема да бидат заедно.

Предтинејџери и адолесценти

Разбираат:

Разбираат што значи разводот но можат да имаат потешкотии со прифаќањето на стварноста за промените што ги носи разводот во нивното семејство.

Иако размислуваат на малку покомплексен степен, и понатаму можат да се обвинуваат себеси за разводот.

Чувства:

Можат да се чувствуваат напуштени од страна на родителот кој повеќе не живее со нив.

Можат да се повлечат и да престанат да се дружат со долгогодишните пријатели и омилените активности.

Можат да се однесуваат на невообичаен начин (на пример, да почнат да зборуваат грди зборови, да станат агресивни или бунтовни).

Можат да се чувствуваат лути или несигурни во своите мисли и чувства кон љубовта, бракот и семејството.

Можат да почувствуваат дека пребрзо растат.

Можат да почнат да се грижат за „работите на возрасните“, како на пример за семејната финансиска сигурност

Можат да се чувствуваат дека мора да ја преземат одговорноста на возрасен во семејството.

Што можат да направат родителите?

Да ја одржуваат отворената комуникација со децата, да ги уверуваат во својата љубов и постојана присутност во нивниот живот.

Кога е можно, и двајцата родители треба да останат вклучени во животот на детето, да ги знаат неговите пријатели, како и да се информираат за напредокот на детето во училиште и во останатите активности.

Да се почитуваат семејните ритуали и рутини (неделен ручек, време за пишување домашно, купување на намирници, заедничко гледање на омилените тв програми)

Ако имате потреба да ги зголемите одговорностите на детето во куќата, поделете ги улогите но внимавајте тие да се прилладни за возраста на детето (фрлање ѓубре, постравување на масата, раскревање, чистење на куќата) и покажете благодарност за неговото учество во сето тоа.

Избегнете да го поставувате во улога некој на кој ќе му се доверувате, планирајте посебно време за себе кога ќе излезете со пријателите  или со другите членови на семејството.

Кажувајте им на децата кој ќе биде присутен на посебните пригоди во нивните животи доколку е невозможно да бидете тука и двајцата, на пример, на спортските натпревари, на матурската и слично, особено ако планирате да го вклучите во тоа и својот нов партнер.

Кога некоја нова личност ќе влезе во вашиот живот, почитувајте ги чувствата на своето дете. Ако врската станува сериозна, објаснете му на детето дека вашиот нов партнер е некој кој ви значи, но никогаш не спомнувајте „ова е вашата нова мајка“ или „ова е вашиот нов татко“. Најдобро би било пред вашето дете да го запознаете со новиот партнер, да се посоветувате со психолог. И уште нешто, доколку вашиот поранешен сопатник има нова врска, а вие сте сами, никогаш за новиот партнер/ка не говорете лошо пред детето. Можеби некогаш ќе ви е тешко да се воздржите, но секогаш имајте на ум дека тоа е за доброто на вашето дете.

Кога ќе дојде до развод, потрудете се децата да бидат опкружени со љубов, а вие да одржувате цивилизирани односи и никогаш не очекувајте поддршка од нив. И кога ви е најтешко, секогаш имајте на ум дека вие сте родители, a тоа е само дете.

[better-ads type='banner' banner='999' ]