Се до третата година од животот детето го покажува првиот интерес за пишаниот јазик, низ детските книги и сликовници со кои е опкружено. Во четвртата година детето може да почне да пишува од лево на десно и од горе надолу, а забележува и дека зборовите се состојат од букви.
Во претшколскиот период детето почнува да ја прифаќа синтезата и анализата на кратките зборови, повторува зборови, си игра со нив и памти кратки песнички.
На училишна возраст детето забележува дека изговорените зборови соодветствуваат на напишаните зборови па во тој период се усвојува техника на читање која се базира на препознавање на пишаните букви. Околу деветата година од животот детето може автоматски да чита без размислување и без тешкотии.
Ако детето не напредува како што е наведено, можно е да има проблеми со дислексија која може да биде развојна и која се појавува како пореметување на читањето.
Дислексијата кај децата се манифестира со тешкотии при читањето и пишувањето, а нешто подоцна и со тешкотии при употребата на пишаниот јазик и лош правопис. Дислексијата е честопати наследна, а почеста е кај машките деца. Меѓутоа, не се знае точна причина зошто доаѓа до неа.
Општи тешкотии кои се јавуваат кај дислексијата се тешкотиите во поврзувањето на буквите со препознавањето, одвоено читање буква по буква, прескокнување на букви во зборовите, повторување на прочитаниот дел од зборот, слоговно читање, озиставање на букви и слогови, замена на зборови и друго.
Специфичните тешкотии се јавуваат кај децата кои немаат дислексија, а кои при читањето имаат различни паузи и блокади, ги читаат зборовите напамет, многу брзо забораваат што прочитале, бавност, пореметен ритам на читање, тешкотии во разбирањето на прочитаното и лесно одвлекување на вниманието од прочитаното.
Дислексијата е проследена со слаба моторика која е помала од очекуваната на одредена возраст, полоша ориентација во време и простор, однесување, потешкотии при пишувањето и друго.
Ако се посомневате на дислексија ќе мора да направите преглед кај невролог и оториноларинголог. Ако сите наоди се уредни, детето се упатува кај логопед и кај психолог кои ќе се погрижат детето полесно да ги совлада проблемите со читањето. Она што вие можете да го направите е да го поттикнувате читањето кај детето затоа што со многу вежбање, тоа ќе чита се подобро.