Ивце Пивце: Ако не си на ТВ, исто како да те нема

Татко ми има многу пари, ама не ми купува фудбал... Од кај знаеш дека има пари? Па гледам: има голем новчаник...во Александар Палас работи.

0
1186

Ивица Маринковиќ попознат како Ивце Пивце, децата, а и возрасните го паметат по една од најпопуларните детски ТВ емисии „Ај ти замижи“, но и пред неа, а и по неа, целиот негов професионален ангажман е врзан и посветен на децата. Зборувавме со него за неговата професија, за детските „бисерчиња“, но и за неговото семејство, родителството и актуелните ангажмани.

Што се случува со Ивце Пивце денеска, работиш ли се уште на некој проект со деца, ТВ-емисија или нешто слично?

Ивце Пивце работи на многу проекти исклучиво за деца, но за жал, само телевизијата излегува на виделина.

Откако престана ТВ емисијата, до сега изработев проект со Пакомак, каде што со еден 3Д Еко автобус посетивме 140 училишта во Македонија. Во проектот учествуваа точно 45.722 деца заедно со уште 1.696 наставници, во 11 града низ Македонија вклучувајќи го и Скопје.

Откако не сум на ТВ, работам радио проект наречен „Ееее…во мое време, заедно со Ивце Пивце“ секое неделно утро од 10-12 часот live емисија на Урбан ФМ. Во неделата беше 174 емисија.

Од минатиот ноември глумам во Еко претставата „Зелена планета“, во ораганизација на Пакомак и реализација на невладината „Проект среќа“ на Кристина Арнаудова.

До сега претставата е изведена во десетина града со повеќе илјадна публика, а од есен продолжуваме во останатите градови низ Македонија.

Активно сум вклучен во уште еден голем детски проект – списанието за деца Колибри кое излегува веќе 59 години во дневниот весник Нова Македонија.

Ако на тоа се додадат и по десетина настапи годишно на разни настани…Ивце Пивце е многу активен.

Но такво време дојде, ако не си на ТВ, те нема.

Како почна твојот ангажман поврзан со децата и дали во тој период имаше свое дете или тоа дојде подоцна?

Сосема случајно.

Едно мое хоби од студентски денови, прерасна во професија.

Кога бев студент, случајно станав водител на детска радио емисија, иако сонот на секој радио водител тогаш беше да води ноќна програма.

Потоа го водев првото и најголемо диско за деца во дискотеката Хард Рок…

Дури 4 години потоа се роди ќерка ми Јана.

Јана е сега голема, колку години има, дали веќе студира и за што се определи?

Да, сега ќерка ми е голема. Има речиси 20 години. Студира на Правниот факултет Јустинијан Први и од есен ќе слуша втора година. Се определи за смер Односи со јавност.

Во слободно време многу е активна на разни проекти и тоа исклучително со многу луѓе. Има нешто…

Дали твојата ќерка растеше со емисиите на Ивце Пивце и дали некогаш посака да биде дел од нив?

Неминовно беше ќерка ми да расте со емисиите на Ивце Пивце.

Таа влезе во мојот професионален свет и излезе кога излезе од детската возраст. Впрочем како и сите деца.

Воопшто не и го одземав правото да биде дел од големите проекти што се работеа во тоа време.

Но за разлика од другите деца, таа мораше да вложи екстра напор за да се докаже и за да излезе од сенката на Ивце Пивце. Со сопругата тоа го правевме смислено, за да се избори за своето име. Да биде Јана, а не „ќерката на Ивце Пивце“.

Мислам дека успеавме. Всушност, суштината на вашето прашање го потврдува тоа.

Јана е моментално во Америка преку „Ворк енд травел“. Таму не постои Ивце Пивце.

Од твоите емисии се гледаше дека уживаш во друштво на децата, каков си како родител, дали на твојата ќерка ѝ го правеше животот забавен како што беше случај со твоите деца-гости, или приватно си строг татко со големи очекувања и планови за своето дете? Кој е построг, ти или твојата сопруга?

Не сум многу поразличен од ТВ и приватно. На крајот на краиштата не сум до толку интелигентен да водам двоен живот: забавен на ТВ и строг дома.

Секако дека дома и на ТВ е различно затоа што и предизвиците се различни.

Јас немам планови и очекувања за својата ќерка. Јас имам само посакувања за сите луѓе, па и за ќерка ми: посакувам да биде здрава и жива; да си ги оствари сите убави соништа; посакувам да стане квалитетен човек со среќно семејство.

Јана е на вистинскиот пат …се радувам…

Што се однесува до строгоста кон Јана, повеќе би рекол дека сум принципиелен отколку строг. Инаку, исто сме строги со сопругата, само стилот ни е различен. Сопругата започнува со „Мами…“, а јас со „Јок“.

За некој кој толку многу сака деца и ужива во нивното друштво, е некако очекувано да има и повеќе свои деца…дали ти е понекогаш жал што останавте со едно дете? 

Господова работа. Девет години во врска посакувавме три, ни подари едно. Бескрајно сме благодарни.

Каков е твојот впечаток, со оглед на тоа што во целокупниот твој професионален ангажман врзан со децата имаше можност да запознаеш и да зборуваш со многу деца, кои се нивните најчести проблеми?

Најголемиот нивен проблем е што некој друг им ги „решава“ нивните проблеми.

Ретко кој ги сфаќа. А за да ги сфатиме, треба да ги поканиме и да им дадеме можност да кажат, а не ние да кажуваме што тие сакаат.

Тоа е исто како кога би сакале да решиме некој проблем на некое Здружение, а да не прашаш член на здружението кои се нивните потреби, заложби, барања, проблеми…

Тоа жаргонски се вика „аман, не ме брани веќе“.

Само декларативно сме рамноправни. Кон децата сме строги, кон себе бараме оправдување за незавршена работа.

Еве конкретен пример: глупоста наречена екстерно, или поточно екстремно оценување. Важеше само за децата а не и за возрасните.

Замислете сега некој да ви каже: Драгица, задутре ќе ви се паднат 30 прашања од „базен од 500 прашања“ за сите работи што сте ги сработиле како новинар од 1.септември до 10 јуни. На располагање ќе имате 60 минути и врз основа на тоа ќе ве оцениме каков новинар сте!

Тоа беше класично изживување врз категорија на луѓе кои немаат што да прават.

Единствено да молат бога „пазачите“ да се свртат, за да ѕирнат и да препишат од некаде. Среќа што го укинаа.

Бисерите на децата се секогаш посебна приказна, која е најсмешната епизода која си ја имал досега, најсмешното бисерче?

Имаше многу смешни и слатки ситуации и епизоди.

Ќе изберам три бисери:

Моника (5 години):

-Кирил многу ме сака.

– Од кај знаеш?

– Секогаш кога доаѓам во градинка, ме чека на прозор.

Михаел 7-8 г.:

– Ја стегнаа државава…ја стегнаа!

– ???

– Забранија ајвар да се прави позади зграда.

Стефан 6 г.:

– Татко ми има многу пари, ама не ми купува фудбал.

– Од кај знаеш дека има пари?

– Па гледам: има голем новчаник…во Александар Палас работи.

 Дали некогаш се најде во ситуација некое дете да ти се довери, да побара помош од тебе, дали некогаш се соочи со некој посериозен проблем и каква беше твојата реакција?

Иако секогаш имаше најмалку двајца камермани и вклучени камери, децата тоа го занемаруваа. Мене ме доживуваа како некој кому можат да се доверат.

Секогаш сум ги сослушувал. Тоа нив највеќе им требало: да ги сослуша некој возрасен.

Низ разговор сме се обидувале да го анализираме или решиме проблемот. Од тоа честопати произлегле и многу смешни ситуации кои се прикажале во емисијата.

Обично тоа беа нивни детски проблеми со луѓето со кои секојдневно биле во комуникација: соученици, учителки, деца од зграда или маало, роднини, родители.

Те препознаваат ли денеска се уште кога си на улица некои од децата кои гостувале кај тебе, родителите и како реагираат кога ќе те видат?

Секојдневно ме препознаваат и јас сум особено среќен.

Кога шетам, се случува да се разминеме со некои тинејџери и отпосле  да довикнат: Ивце Пивце. Денот ми се разубавува.

Со оние пак што сме снимале емисија, често знам да ги препознам, да застанеме и да се поздравиме. Имињата не ги памтам, но насмевките се вечни.

Драгица Христова

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]