Добредојде бебе!

Наместо татковците да трчаат наваму-натаму, од денеска, сите мајки кои ќе се породат во Скопје, доколку веќе имаат смислено име, во рок од 48 часа пред да бидат испишани од породилното одделение, можат за своето дете да добијат извод.

0
652

Сите мајки кои ќе се породат во Скопје, почнувајќи од денеска, во рок од 48 часа, доколку сакаат и веќе имаат одредено име, пред да бидат испишани од породилното одделение можат за своето дете да добијат извод од матичната книга на родените. Услов е да се приложат личните карти на двајцата родители и, се разбира, името за новороденчето.

Ова го овозможува проектот „Добредојде бебе“, кој Министерството за здравство денеска го промовираше на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

По тој повод, министерот за здравство Арбен Таравари и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ја посетија оваа јавна здравствена установа.

Таравари посочи дека станува збор за работа која што можеби е многу едноставна, но е многу значајна.

– Сите ние што имаме деца знаеме дека тоа е процедура по породување, да се оди во МВР, во Министерството за правда да се извади извод за детето, а сега тоа можат да го добијат во болница. Родителите кои немаат одредено име на детето, тогаш можат изводот од матична книга на родените да го извадат во нормална процедура – нагласи Таравари.

Додаде дека услугата од 1 септември ќе биде достапна во сите 18 породилишта во Македонија.

Проектот се воведува во соработка со МојТермин, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда-Управа за водење матични книги, на кои министерот им се заблагодари.

Министерот Спасовски рече дека со проектот ќе се олесни постапката со цел родителите да не талкаат по институциите, туку при исписот од породилиштето да си го добијат изводот од матичната книга на родените за своето дете ако за тоа ја имаат потребна документација и ако изразат желба.

„Има начини, средства, човечки ресурси, технологија која ја ставивме во функција. Од 1 септември ќе го реализираме проектот и во другите градови во Република Македонија како едно олеснување. Се надевам дека треба да биде поттик и за сите други институции да направиме проекти кои ќе бидат во интерес на граѓаните и кои ќе им ги олеснат секојдневните потреби“, додаде Спасовски.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]