Нашиот соговорник, родител кој минува низ пеколот што со себе го носи одвоеноста на еден родител од неговото чедо, е канадски државјанин и по негова „вина“, односно, по дозволата која ѝ ја дал на својата поранешна сопруга да отпатува со детето на одмор во Македонија, го изгубил контактот, а со тоа и блискоста со својата ќерка.
Неговото име и презиме ѝ се познати на нашата редакција, но по негова желба ги објавуваме само иницијалите.
„Гледајќи дека темата за заедничко родителство по развод станува актуелна во Македонија, решив да ја споделам мојата сторија. Член сум на Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод бидејќи сметам дека тоа е единственото исправно решение за децата од разведени бракови.
Живеам во Канада, тука се роди и мојата ќерка која сега има 9 години. Во 2012 се разделивме со поранешната сопруга и започнавме да ги посетуваме овдешните институции со цел да постигнеме договор околу гледањето на детето. Расплетот беше неочекуван и за мене. Имено, овде заедничкото родителство по развод е стандард, но во мојот случај Канадските социјални служби ми го доделија детето на мене (тоа беше привремена одлука додека не реши Судот, но можеше да се очекува дека судот ќе реши според препораките на стручните служби). Оваа одлука беше последица на несоодветниот настап на мајката пред институциите (пред се, изнесување на невистини), што резултираше со нивниот заклучок дека јас сум единствениот подобен родител за детето.
Сепак, во интерес на мојата ќерка започнав да практикувам заедничко родителство. Мајката имаше непречен и чест пристап до детето. Гледајќи дека тензијата брзо спласнува, се согласив дури и детето da се врати да живее назад кај мајката, бидејќи јас бев тој што се пресели и сметав дека за детето е подобро да не го менува местото на живеење. Јас исто така немав проблем со видување на детето во тој период.
Проблемот започна по неколку месеци, кога мајката реши да ја однесе ќерка ми на одмор во Македонија. Дадов дозвола детето да отпатува, со услов да се врати во Канада за најдоцна 6 месеци, според ветувањата на мајката.
Тоа беше мојата најголема грешка во животот. Ќерка ми отиде и не се врати повеќе во Канада. Случајот се префрли во надлежност на македонските институции и „благодарение“ на нив и нивното нереагирање на постапките на мајката, јас го изгубив контактот со ќерка ми.
Еве ја хронологијата на настаните. Откако ќерка ми стигна во Македонија, поранешната сопруга престана да крева телефон. Неколку месеци не знаев кај ми е детето, дали е живо… се додека заеднички пријатели кои ја играа улогата на посредници, не ја убедија сопругата дека треба да го крене телефонот.
Се слушавме со ќерката еднаш неделно, подоцна тоа стана еднаш во две недели. Но, и тоа не беше контакт како што треба – секогаш имаше некој до неа да ја слуша што зборува и да ја поучува што да каже. Дури и ја слушав ќерка ми како на секое слушање со мене, откако ќе го тргне телефонот и им вели на тие околу неа – немојте да зборувате така за мојот татко.
И одеднаш – ќерка ми престана да ми зборува. Се потешко беше да се разговара со неа, јас само зборував, таа не ми одговараше.
Бев беспомошен, сфатив дека на ќерка ми влијаат да ме отфрли. Сфатив дека мора да направам нешто.
Решив да стапам во контакт со Центарот за социјални работи во Штип (кадешто живее ќерка ми) за да обезбедам контакт на детето со мене и со моите најблиски. Првото решение што го добив беше деморализирачко – моите родители можеа да ја земат ќерка ми само секоја втора саботаод 11 до 17 часот. А јас кога ќе сум се враќал во Македонија, да сум се договарал со мајката кога да го гледам детето. Како функционираа тие договори, ќе ви опишам подолу.
Прво сакам да раскажам дека додека беше со моите родители, се гледаше огромен страв кај детето. Кога ќе ја прашав зошто не ми зборува кога е кај мајка ѝ, ми кажуваше дека другите дедо и баба ѝ викале ако зборува со мене.
Упорно не сакаше ништо да јаде додека беше кај нас, се плашевме дека нешто ќе ѝ се случи. Единствениот пат кога јадела во присуство на моите роднини беше кога на еден пикник брат ми ѝ рекол дека се сега во природа и никој, па ни дедо ѝ не може да ја види дали ќе јаде или не.
Дури и во една прилика кога славевме роденден, сите деца јадеа од тортата, а мојата ќерка не. Подоцна ни призна дека и кажале дека може да се отруе ако јаде нешто кај нас.
Страшни работи се овие, на детето твое му го перат мозокот, а ти не можеш ништо да направиш.
А сега за моите контакти со ќерката:
Летото, 2012.година бев кратко во Македонија. Цнетарот за социјални работи во Штип не мрднаа со мал прст да ми помогнат да ја видам ќерката. Сум се јавил доцна и тие немале доволно време да ја убедат мајката. Го добив само решението за моите родители.
Потоа, во февруари 2013., од Центарот инсистираа да се сретнат со мене за са ги проценеле моите родителски капацитети. Дојдов, разговаравме и останав потоа 20 дена во Македонија бидејќи сакав да си го видам детето. Цела недела траеше натегањето со мајката да остварам контакт со детето. На крај, го донесоа детето во Центарот, се уверија дека имам нормален контакт со ќерката, па ѝ наложија на мајката да ми го предаде детето наредниот ден и тоа да остане со мене додека сум во Македонија.
Но, следниот ден – изненадување. Ќерка ми одеднаш се разболела и беше примена во болница. Отидов во болницата, но бев нападнат физички од семејството на мајката. Го пријавив тоа во ЦСР и МВР и тоа беше единствениот пат кога Центарот направи нешто за да ми помогнат. Дојдоа со мене во болницата и седнавме да разговараме со докторката што ја прими ќерка ми во болница. Не добив прецизен одговор што ѝ е. Седеше ќерка ми во болница цела недела, а никој ниту тогаш ниту подоцна не ми кажа, ниту ми покажа документ со дијагноза што ѝ е на ќерка ми. За среќа, со посредство на Центарот, дента поминав половина час во болничката соба на ќерка ми. После толку време, после цела година, само половина час! Но, и тоа беше доволно за да ми каже дека многу ме сака. Се стопив… Кога излезе од болница следниот ден, ја земав ќерка ми кај мене уште 3 дена, додека бев во Македонија. Преубаво ни беше заедно…но, тоа ни беше последната ваква средба, од 2012. година досега.
Во летото 2013.година планирав да бидам три недели во Македонија и се најавив навреме во Центарот за социјални работи дека доаѓам. Тие биле кај мајката отприлика една недела пред да кажат дека доаѓам. Стигнав во Македонија, од мајката и ќерката ни трага ни глас. Само бев известен дека детето е веројатно со мајката на одмор (непроверена претпоставка на ЦСР), никој не знаеше до кога. Видов дека чекаат да поминат тие три недели кои ги најавив и затоа решив да останам уште дополнителни три недели. Наместо поддршка од Центарот да остварам видување, тие престанаа да ми креваат телефон и одбиваа средба со мене, бидејќи сум бил премногу упорен. Поминаа и вторите три недели, не го видов детето…
Откако заминав, почнаа да се случуваат чудни работи во ЦСР. Целиот тим од мојот предмет беше сменет, никогаш не добив известување поради што. Следно, кон крајот на 2013., ЦСР го укина решението за видувањето на моите родители со детето. Образложението беше некаква си потврда од некоја приватна клиника „АМИГДАЛА“ во Скопје, дека детето се плашело од баба му и дедо му (од моите родители). Притоа, никој не ги контактирал моите родители, никој не видел како детето се однесува со нив. Некој напишал некое мислење и тоа беше доволно ЦСР да го скрати контактот на детето со мојата фамилија.
Започнав со правни постапки за да се смени решението, ништо не даде резултат. Никако не можев да добијам решение да го видиме детето, ниту јас, ниту моите. На крај, добивме решение дека моите родители имаат право да бидат со нивната внука само 1 час во месецот. Тоа решение никогаш не профункционира, мајката не се појавуваше со детето. Се жалевме во ЦСР, во МВР, немаше резултат, само не вртеа во круг.
Следен пат кога се видов со ќерка ми беше дури во летото 2015. година. После неколкудневно молење, ја викнаа мајката да го донесе детето во ЦСР. Половина час во просториите на Центарот имав право да бидам со ќерка ми, во присуство на уште петмина вработени. Само тие што го поминале ова го знаат чувството, како да сум криминалец зато што сакам да бидам со детето Очекував дека ќерка ми ќе се израдува што се гледаме, но ништо од тоа. Разменивме неколку зборови во присуство на мајката, станаа и си заминаа. Не можев да си го познаам детето.
Последен пат се видовме лани летото, повторно во ЦСР, повторно во присуство на мајката. Ќерка ми веќе беше оттуѓена, не сакаше да зборува со мене. Како да сум странец, како да не ме познава.
Тешко ми е да го напишам сето ова. Да се оттуѓи твоето дете од тебе е веројатно најтешкото нешто за еден родител. Не сум насилник, никогаш не сум бил осуден за ништо, никогаш не сум му направил ништо лошо на моето дете. Канадските служби мене ми го доделија детето, зарем тоа не покажува ништо за моите родителски способности?
Во Македонија наидов на рамнодушност. Најлесно на институциите им е детето да остане кајшто е и преовладува мислење дека само мајката е подобен родител. На никој не му е грижа како е детето, какви последици има оттуѓувањето од другиот родител. Цело време ми посочуваат да се договориме со поранешната сопруга. А не даваат совет како да се договорам со некој што не сака да се договори, па дури ниту телефон не крева.
Не знам дали е доцна за да се поправи мојот однос со ќерка ми. Можеби кога ќе порасне ќе сака да сме повторно заедно, но никогаш нема да ни се врати времето што го изгубивме. А можеби и нема да сака да слушне за мене. Сеедно, јас ќе продолжам да се борам за секое видување со неа.
Но, на сите родители што се во слична ситуација како мојата можеби ќе им помогне моето искуство. Сакам да порачам – што и да се случува, немојте да дозволите вашето дете да замине далеку од вас. Тоа е мојата најголема и единствена грешка и се надевам дека што помалку луѓе ќе ја повторат“, ја раскажа својата приказна И.Т.