Играта го движи детето во животот

Помеѓу играта и развојот постои меѓусебна условеност, додека развојот отвора нови можности за игра, играта го потпомага природниот тек на развојот.

0
1397

Активноста која е најзначајна во развојот на детето на предучилишната возраст е играта, неговата игровна активност. Детето има потреба и право да биде тоа што е, да расте и да се развива. Детскиот развој е уникатен, бидејќи секое дете се развива по сопствено темпо. Тоа има потреба од возрасни луѓе и од деца на негова возраст. Секое дете има потреба да го разбере светот што го опкружува, и кај него постои одредена мотивација да учи и да сознава, но тоа не може да го прави само. Детето учи кога има лична причина, кога она што го учи има значење за него. Учењето е процес на градење, а не на усвојување на знаењата. Тоа по пат на интеракција со социјалната и физичката средина го менува своето претходно искуство и сознанијата.

Играта е движечка сила во детскиот живот. Таа за децата е примарна алатка за нивниот развој, но исто така и показател за нивото на менталниот развој на децата. Таа им овозможува на децата да напредуваат, да ја развиваат својата сетилно-моторна интелегенција до конкретно насочено размислување. Родителот треба да ги насочува децата, да им даде иницијатива и секогаш играта да биде основа за стекнување на нови знаења и вештини.

Помеѓу играта и развојот постои меѓусебна условеност, додека развојот отвора нови можности за игра, играта го потпомага природниот тек на развојот. Основните промени кои настануваат во одреден период од развојот на детето најнепосредно зависат од содржината и од интензитетот на играта, а повторувањето на играта го означува функционалното напредување кон повисок стадиум на развој. Развивајќи специфични вештини и однесувања, детето преку играта стекнува искуства, открива, учи и создава. Преку играта детето може:

Да истражува и да ги претстави своите искуства во учењето кое ќе му помогне да даде смисла на светот

  • Да ги вежба и изгради своите идеи, концепти и вештини

  • Да научи како да ги контролира импулсите и да ги разбере поставените правила

  • Да биде само, заедно со другите или да соработува кога разговараат или ги вежбаат своите чувства

  • Да презема ризици и прави грешки

  • Да мисли креативно и имагинативно

  • Да комуницира со другите истражувајќи и решавајќи ги проблемите

  • Да ги изразува стравовите и се ослободува од негативните искуства во контролирана и безбедна средина

Преку играта и игровните активности кај децата се зацврстуваат стекнатите знаења, способности и вештини. Играта за децата значи слобода и спонтаност, затоа не треба секогаш возрасните да се наметнуваат, тие во одредени ситуации можат да ги поддржат и насочат децата.

Многу важно е секоја играчка да има едукативен карактер. Играчката може и да не биде купена од продавница, играчка може да биде и еден обичен камен. Детето преку каменот може да ги осознае формата, обликот, тежината, дебелината, големината итн. како поими. Може да ги развива сетилата за допир, слух итн. Каменот може да му послужи на детето во конструктивните игри, со каменот може да експериментира, да ги научи својствата на водата. Со еден камен детето може да научи многу работи, но нам возрасните ни се чини дека тоа е само еден обичен камен. Возрасниот е тој што може да ја направи магијата на каменот преку разни игри и игровни активности.

м-р Соња Чаловска, педагог, директорка на градинка „Спирит“, Скопје

spirit

[better-ads type='banner' banner='999' ]