Депресијата на мајката го прави и детето депресивно

Како се подобрува расположението на мајката така и однесувањето кај детето се менува. За време на терапијата мајката ги преиспитува своите негативни погледи и доживувања кон своето дете и се учи на позитивна грижа, чувствителност и трепеливост.

0
1720

Кај околу 8 до 10% од жените се јавува хронична депресија – од слаби до силни чувства на тага, повлеченост и стрес кои можат да траат со месеци или со години. Понекогаш причините не можат конкретно да се одредат за депресивната состојба, едноставно овие чувства стануваат дел од животот на личноста. Во други случаи почетокот на депресијата се јавува после породување и не поминува и покрај стабилизирањето на хормоните кај жената и добивањето сигурност во грижата за бебето. Овој тип на депресија се вика после-породилна депресија. Во причинители се вбројуваат генетските, но и социјалните и културолошките фактори.

Депресивното расположение на мајката брзо влијае и на самото бебе. Во неделите после породувањето, новороденчињата на жени со депресија полошо спијат, помалку внимаваат и реагираат на околината и имаат покачено ниво на стрес хормони. Колку е потешка депресијата на мајката и колку повеќе има присутни стресни фактори (брачни проблеми, лоша економска состојба, слаба социјална поддршка) толку повеќе страда врската помеѓу мајката и бебето. Мајките ретко им се насмевнуваат, ретко ги смируваат или им зборуваат на своите бебиња кои пак како резултат на тоа реагираат со вртење на главата настрана, вознемиреност и плачење. Ако оваа состојба продолжи со месеци детето веќе на 6 месеци може да пројави симптоми на ментално и емоционално доцнење во развојот и потешкотии во поврзувањето со мајката. Депресивните мајки ги гледаат своите деца понегативно од другите луѓе и често се непостојани во дисциплинирањето што може понатаму да предизвика проблеми во однесувањето на детето.


ДЕЦАТА ГО ИМИТИРААТ РОДИТЕЛОТ


Со тек на времето се случува децата да почнат да го имитираат однесувањето на родителот и да развијат песимистичен поглед кон светот, да имаат намалена самодоверба и да ги доживуваат своите родители и луѓето како закана. Иако децата на родители кои страдаат од депресија може се поподложни на емоционални потешкотии, сепак квалитетот на родителството игра голема улога во прилагодувањето на децата.

Раниот третман на мајката е клучен за да не се наруши врската помеѓу мајката и детето. Често има потреба членовите на семејството да ѝ помогнат на мајката да побара помош бидејќи самата мајка нема да има доволно сила сама да го направи тоа. Во некои случаи има потреба од препишување на антидепресивна терапија. Во повеќето случаи кратка психотерапија или советување вродува со голем успех и расположението се подобрува.

Како се подобрува расположението на мајката така и однесувањето кај детето се менува. За време на терапијата мајката ги преиспитува своите негативни погледи и доживувања кон своето дете и се учи на позитивна грижа, чувствителност и трепеливост. Со позитивните промени кај мајката се подобрува поврзаноста со детето и се подобрува и напредува самиот развој на детето. Во случај мајката да не реагира на пружената интервенција тогаш таткото или некој друг член од смејството би требало да ја преземе грижата за детето.

Калина Пиперевска, специјалист по медицинска психологија,
Калинка – Центар за ментално здравје, стимулација на развој и третман на развојни отстапувања

[better-ads type='banner' banner='999' ]