Неодамна на нашиот портал, својата приказна ни ја раскажа еден татко, родител кој минува низ пеколот што со себе го носи одвоеноста на еден родител од неговото чедо. Станува збор за канадски државјанин кој по негова „вина“, односно, по дозволата која ѝ ја дал на својата поранешна сопруга да отпатува со детето на одмор во Македонија, го изгубил контактот, а со тоа и блискоста со својата ќерка.
Деновиве, на Фејсбук страната на иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод осамна писмо од неговите пријатели и „соборци“ кое го објавуваме во целост.
Пријатели,
T. повторно дојде од Канада да го види своето дете после 5 години, но повторно не му беше овозможено.
Т. си замина, си замина и тагата со него, донесе надеж однесе тага. Се надеваше и тој и сите ние дека после 5 години ова ќе биде годината кога ќе ги пресретнат погледите со своето дете, се надевавме сите дека ќе се оправдавме, ќе се почувствувавме доблесно, радосно споделувајќи ја радоста на родителот и детето. Сите сочувствувавме со него, сите се надевавме со него дека после толку време препатуваните илјадници километри ќе му помогнат да ја залечи тагата, да го залепи срцето, да продолжи да дише длабоко, да заспива со насмевката на своето дете.
Т. замина да продолжи со својот професионален живот но останаа децата, останаа нашите мисли, останаа децата да тагуваат, останаа луѓето да се прашуваат дали оваа наша дружба во вид на држава ќе ни е од корист или ќе ни е тегоба.
Сите сочувствувавме, сите очекувавме, сите го чекавме моментот и денот кога родителот кој со години секојдневно е со нас, секојдневно споделува и сочувствува со нас, конечно ќе си го види своето дете, конечно барем на 5 минути ќе може да го погали и да воздивне вдишувајќи надеж за себе, за своето дете и за сите други деца.
Го пречекаа прашливите простории на Центарот за социјална работа, го пречека дрвениот мебел и ладните погледи на луѓето кои се дел од нас во оваа дружба, луѓето на кои сме им довериле позиција со која се надеваме дека точно во овие моменти ќе бидат со нас, ќе ни помогнат, но напразно, луѓето ги подигнаа рамената, ја подотворија устата и изрекоа зборови, зборови на немоќ, незнаење, и самите се посомневаа во себе, и самите се почудија која ни е целта на сите нас, што ли правиме, зошто ….
Останаа празни надежите пријатели, останаа насолзените очи на родителот, останаа несподелените детски приказни, останавме сите, останавме збунети, се прашувавме сите дали е можно, сите се погледнавме пак прашувајќи се од каде доаѓа тоа драги пријатели, од каде доаѓа таа желба, од каде извира таа потреба, од каде, од каде….
Каков е тој човек, какви се тие луѓе, какви сме сите ние, како може да му го ускратите на детето неговиот родител, која ви е сатисфакцијата, што ли си мислите, која ли ви е идеjата, која ли ви е целта, ја има ли целта, се прашувате ли, се погледнувате ли во огледало, го погледнувате ли детето, што гледате, што мислите дека правите, што, што …..
Т. си замина, мислејќи дека си замина, детето остана скриено, мислеа дека го скрија, не пријатели, не си замина, не пријатели, не го скрија, не, тоа е само плод на нечија нечиста мисла, на нечија нефункционална и зла мисла. Никој не си замина, никое дете не остана скриено од родител, никој родител не остана скриен, тоа е само краткотрајна сатисфакција на злите, тоа е само доказ дека ние сите сме нечовечна дружина, нефункционална или можеби злофункционална дружина во форма на држава и државни институции…
Сите останавме приајтели, сите сме тука, дали ќе продолжи овој џелатски систем кој е плод на сите нас, останува ние самите да одлучиме, самите да се разбудиме, самите да се запрашаме на каде врвиме, имаме ли идеја на каде врвиме, имаме ли цел, свесни ли сме на кој и што му правиме …
Затоа пријатели, да се разбудиме, да ги разбудиме сите, да ги разбудиме нашите пријатели, нашите соседи, нашите личности, да престанеме со ова измачување на децата, да го сопреме овој терор, да застанеме на страната на децата, да не одземаме никогаш повеќе родител на дете, да не одземаме дете на родител, затоа советувајте ги вашите пријатели, комшии, непријатели, разбудете ги дека за децата се работи, дека сите бевме деца, дека кој не сочувствува со децата не е човек, разбудете ги институциите, разбудете ги министрите, советувајте ги пратениците, оние кои ги избравме да бидат на чело на дружината, замолете ги да се разбудат, замолете ги да погледнат понадалеку, да го видат богатството и во иднината на нашите деца, и во иднината на нашата заедница и дружина, онаа со која ќе ги делиме идните денови во кои можеби ќе имаме друга улога …
Затоа пријатели не барајте вина во родителите кои си ги бараат децата, поддржете ги, дури и да прават грешка тоа го прават за своето дете, тоа го прават за сите нас.
Заедно да станеме погласни, поуверени и порешителни, заедно да не дозволиме да има повеќе обесправени деца, заедно до едно праведно општество за нашите деца.
Тоа се наши деца, ние им го должиме тоа нив …..