Се повеќе жалам што не живеам онака како што живееле нашите баби и прабаби и уште повеќе ми одат на нерви оние машкуданести феминистки, кои толку се бореле за некојаси глупава еманципација и за таканаречените женски права.
Мене животот на нашите прабаби баш и не ми изгледа многу назадно.
Всушност, се посигурна сум што сакам сега.
Сакам да сум една од оние, демек, нееманципирани и слаби жени, кои не носат одлуки, не се разбираат во сметки, компјутери, машини за перење и телевизори и кои не само што не мораат, туку и не смеат да комуницираат со мајсторите за истите.
Што им фалело на нашите прабаби?!
Џанам! Како да, ако само еднаш го заборавам телефонот дома. ќе ми пропадне
бизнисот. А верувајте, немам ниту една акција на берза.
Посакувам во чантата да си задржам само еден несесер со шминки и до крајот на животот да глумам слаба и чувствителна женичка, неспособна за какви било комплицирани работи, ангажмани и расправии.
Посакувам да сум една најобична нееманципирана домаќинка, која освен за ручекот, за децата и за куќата, нема да мора да се грижи за ништо друго.
И што му фали на готвењето?
Не можам да се изначудам! Можеше ли да се толку глупави, па од еден обичен ручек, валкани алишта и замастени садови да направат проблем?
Што е пак толку тешко и нееманципирано да се зготви нешто, да замириса куќата на топло лепче, растопен путер, па дури и на кисела зелка?! И да, дефинитивно повеќе би сакала секој ден да готвам, да чистам и да мијам садови, отколку сосема сама, вака еманципирана, да се расправам со сите оние мајсторишта, кои кога-тогаш мора да влезат во сечиј дом. Преку глава ми е од нивниот став и од оној нивен поглед со кој како да велат: „А кај ви е мажот, немате маж?! Ооо, па како ќе се разбереме сега?!?“
Мразам математика
Исто така, мразам да пазарам затоа што ништо немало во фрижидерот (сакам да пазарам само кога ми е кејф), не сакам да стојам ни во редот во банка, не сакам да пресметувам и да собирам сметки и рати (математиката никогаш не ми одела од рака), да ги плаќам картичките, да се плашам од инкасатори. Зошто за тоа да не се грижи некој друг?
И зошто воопшто си ги натоваривме на грб овие глупави обврски?! Ова го сметаме за напредок и еманципација?!
Поголема еманципација, повеќе обврски
Точно е дека сега можеме да патуваме без машка придружба, можеме да избираме дали ќе се омажиме или не, дали ќе се разведеме, постои контрацепција и право на избор.
Светот е навистина напреднат, ама тоа нели ни донесе повеќе главоболки од кога и да е?
Забележувате?
Сега само имаме повеќе обврски и повеќе грижи.
Особено ние, џанам, ептен еманципираните, што живееме сами.
Драгица Христова