Дали треба да се лечат млечните заби?

0
471

Кариесот е најчестото заболување во усната шуплина. Тој е последица на недоволно одржување на оралната хигиена, зголемена употреба на шеќери, лоши навики, неправилна исхрана.

Кариесот често ги зафаќа и млечните заби. Одредени нивни карактеристики доведуваат до негово побрзо ширење. Глеѓта кај млечните заби е потенка и послабо минерализирана, дентинските каналчиња се пошироки, дентинот има помала моќ да создаде терциерен (репараторен) дентин, пулпата е поволуминозна.

Често ми се поставува прашањето дали млечните заби мора да се лекуваат? Мојот одговор е секогаш дека лекувањето е неопходно и е од особена важност тоа да се направи што порано, додека кариесот е ограничен на глеѓта.

Во почетната фаза на ова заболување се појавува само една „бела дамка“ на површината на забот, без дефект на неговата површина. Како се шири процесот, се зафаќа дентинот и тука кариесот напредува побрзо. Најчесто тогаш се јавува и првата болка. Ако и тогаш не се стопира кариесот, на крај тој ја зафаќа забната пулпа и тука симптомите се најизразени. Се јавува интензивна болка и оток, отежнато е хранењето, детето е многу вознемирано.

Терапијата на кариесот на млечните заби е комплексна и специфична имајќи ја предвид возраста на детето. Колку е детето помало толку е потешко да се обезбедат услови за успешна терапија. Постапката на чистењето и пломбирањето на млечниот заб не се разликува многу од пломбирање на траен заб. Употребата на современата опрема, користењето анестезија и најновите материјали за реставрација во голем дел ја олеснуваат работата. Од посебно значење е употребата на гласјономерните цементи кои се биокомпатибилни, подобро се врзуваат за забот, ослободуваат флуор и многу се едноставни за употреба.

За целосон успех на терапијата неопходно е тргање на лошите навики, редовно и правилно одржување на оралната хигиена, воведување на флуор профилаксата, редовна посета на стоматолог.

Важно е да се запамети дека нелечењето и губењето на млечните заби доведува до неправилно џвакање на храната, пореметување во развојот и никнењето на трајните заби, нарушена фонација и естетика, појава на голем број ортодонтски аномалии.

д-р Јасмина Трајкова – Пети

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]