Да ги ставиме децата пред нашите повредени суети!

Првата асоцијација за разводот на бракот е земјотрес, рече Елизабета Петровиќ, педагог, системски и семеен терапевт, во рамките на својата дискусија на денешната национална конференција на тема: Детето во фокусот – потребата за воведување на заедничко родителство по разводот.

0
253

Денеска, во организација на народниот правобранител, Граѓанската иницијатива за воведување на заедничко и одговорно родителство по развод и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ), се одржа конференција за потребата од воведување на заедничко родителство по развод и влијанието на овој концепт врз остварувањето на правата на детето.

Група родители бараат измени на Законот на семејството и воведување на заедничко старателство и одговорно родителство и по развод. Наум Рибароски од родителската Иницијатива вели дека  моделот на заедничко старателство е комплетна спротивност на досегашната пракса и основната цел на иницијативата на групата родители е воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство со што би се остварила праведна положба на родителите во однос на остварувањето на родителските права по развод. Поддржувајќи ја оваа иницијатива, од Детската амбасада „Меѓаши“ нагласуваат дека децата имаат право и заслужуваат квалитетно и одговорно родителство и по разводот на нивните родители.

Во таа насока, потребни се измени на Законот за семејството со кој ќе се овозможи остварување на целите на одговорно родителство и по разводот.

Сегашната пракса е таква што на децата им се одзема едниот родител со посредство на државата благодарение на застареното законодавство и праксата на центрите за социјални работи кои во случај на развод децата ги доделуваат само на еден родител, а другиот добива крајно рестриктивни видувања со што нема можност да оствари нормално родителство, истакна Наум Рибароски, претставник на граѓанската иницијатива за воведување на заедничко старателство по развод. Тој побара регулирање на времето кое децата ќе го поминуваат со родителите со кои не живеат, односно минимум загарантирано време од една третина или околу 120 дена годишно. Со овие права на децата, како што рече, ќе им се овозможи да ги имаат двата родители, а и ќе се намалат разводите.

Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска информира дека престанувањето на заедничкото живеење меѓу партнерите или развод на бракот е всушност престанок меѓу двајца кои некогаш решиле дека можат да живеат заедно. Таа нагласи дека со тоа не престанува родителството и не престануваат правата и обврските на двајцата родители.

– Детето и неговиот најголем интерес секогаш треба да бидат во центарот на вниманието и на родителите и на поширокото семејство, но и на органите кои треба мериторно да одлучуваат за ова право на детето. Тоа треба да продолжи да живее опкружено со љубов и внимание, а не да биде принудено да одбере со кого од родителите да го продолжи заедничкото живеење, истакна Бајрамовска.

Информираше дека најголем број претставки доставени до Народниот правобранител од оваа област се токму за заштита на правото на лични односи и непосредни контакти.

Драги Змијац од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ја поддржа иницијативата која, како што рече, во фокус има остварување на правата на детото. Според него, кога ќе се разведат партнерите – родителите, тие се родители на детето цел живот, односно дека треба да ја разграничат улогата на партнер и родител. Порача дека само во тој случај можат да градат квалитетен однос со детето и по разводот.

„Споделената родителска одговорност значи дека родителите имаат права, обврски и одговорности во однос на своите деца. Инволвирањето на двајцата родители во одгледување на нивното дете е благопријатно за развојот на тоа дете. Разделбата на родителот од детето има непоправливи последици врз нивната врска. Една таква разделба треба да се наложи од страна на суд и тоа само во исклучителни околности кои предвидуваат тешки ризици за интересот на детето“, се вели во Резолуцијата на Советот на Европа во која се нагласува и улогата на татковците во однос на нивните деца.

„За жал, родителите по разводот или престанувањето на заедничкиот живот како да забораваат дека тие не се единствените страни, дека има уште една страна, а тоа е детето, плодот на нивната љубов. Во тој нивен меѓусебен ‘натпревар’ по разводот, забораваат дека со тоа му наштетуваат на детето. Уште пострашно е што некои родители сметаат дека по разводот детето воопшто не треба да се гледа со другиот родител. И така децата стануваат жртви на своите родители, кои ги користат како инструмент не водејќи сметка за нивните права и најдобриот интерес на детето непречено да остварува контакти со родителот со кој не живее“, истакна Бајрамовска.

Практиката на народниот правобранител, посочи Бајрамовска, потврдува дека многу деца  по разводот на родителите живеат разделено од едниот родител и воопшто немаат контакти. Како што посочи Бајрамовска, претставки за нарушување на родителското право не поднесувале само родителите туку и децата.

Во своите обраќања до народниот правобранител, децата го изразувале и својот страв дека по разводот веќе нема да се гледаат со еден од своите родители или, пак, дека нема да можат да остваруваат контакти како порано пред разводот. Родителите, пак, до народниот правобранител се жалеле на неадекватна примена на прописите и неефикасност на институциите, особено на центрите за социјална работа.  Повикувајќи се на практиката на Европскиот суд за човековите права и конвенциското право за заштита на правата на детето, Бајрамовска истакна дека е неопходно да се разгледаат прашањата за потребата од менување на семејното законодавство, што покажува практиката и како да се подобри функционирањето на институциите за чија неефикасност говорат и податоците на народниот правобранител.

Досегашниот концепт на еден главен родител, истакна Наум Рибароски, на кого му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство е, пред сѐ, штетен за децата кои де факто го губат едниот родител.

Од тие причини, вели Рибароски, предлагаме нов концепт со кој двата родитела, и по развод, ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак. Едноставно ние, подвлече Рибароски, не сакаме да бидеме родители од втор ред затоа што тоа првенствено е на штета на детето. Интересите на детето, нагласи Рибароски, сепак се најважни.

[better-ads type='banner' banner='999' ]