Кога се пораѓате во Нов Зеланд не може да „одберете“ царски рез, но можете музика и светло

ТВ водителката Хелена Роза раскажува за своето искуство од породувањето во Нов Зеланд, за тоа дека таму и во зима децата се боси, а родителите опуштени, иако немаат „баба-сервис“ и помош од државата

0
8148

ТВ водителката Хелена Роза по неполни три години откако се пресели на Нов Зеланд, минатиот месец слета во родното Скопје со малечкиот Тиан и ќерката Кјара која на ова патување го зеде и своето момче. Иако кога тргна на овој пат имаше само месец и половина, малиот Тиан не само што прелета повеќе од 20 илјади километри, туку за два месеци од својот живот веќе помина три, а на враќање дома, во Окланд, го чека и четвртото годишно време.

Патувањето, како што ни раскажа Хелена, лесно го поднел. Од Окланд до Скопје траело 30 часа со тоа што во Доха морале да чекаат на аеродром 5-6 часа.
„Во авион, додека полетавме, се разбира, го држев во раце, а веднаш потоа дојде стјуардесата и ми донесе креветче кое се закачува веднаш пред мајката и Тиан речиси цело време си спиеше, освен кога требаше да го нахранам. Патувавме заедно со Кјара и со нејзиното момче, такашто немаше никаков проблем. На аеродром ти даваат количка за бебето па не мораше цело време да се држиме во раце. Се на се, патот помина одлично, а сите ние поминавме четири годишни времиња, бидејќи тргнавме во зима, тука стасавме во лето, еве дочекавме есен, а кога ќе се вратиме на Нов Зеланд ќе биде пролет“, објаснува Хелена.

Тиан во „авионското“ креветче за време на патувањето

Таа, за порталот „Мајка и дете“ ни го раскажа своето искуство и направи паралела помеѓу начинот на кој се третираат и се породуваат трудниците во Нов Зеланд и кај нас, но ги искоментира и разликите во чувањето на децата таму и кај нас, како и разликите во цените на пелените и облеката за бебиња.

„Помеѓу бременоста со Кјара во Скопје, пред 19 години, и оваа со Тиан во Окланд, Нов Зеланд, навистина има голема разлика. Прво, сметам дека нашите жени се многу размазени во однос на новозеландските. На пример, кај нас не е ништо необично трудницата да му бара на сопругот или партнерот да ѝ донесе нешто за јадење среде ноќ, додека таму мислам дека таквите би ги испратиле на психијатар“, се смее Хелена.

За својата втора бременост вели дека ја воделе како ризична, бидејќи имаше 39 години (наполни 40 еден месец по раѓањето на Тиан), и висок крвен притисок. Затоа одела на малку повеќе прегледи од останатите трудници таму кои за време на целата бременост одат на лекар три пати, прават ехо првпат во деветата недела, вторпат во 22-рата и тертпат – во 36-тата. Исто толку пати се даваат на преглед и крв и урина, а од другите прегледи, доколку некој сака, може да направи амниоцинтеза, но сам си го плаќа прегледот, додека овие редовните и самото породување се на државна сметка, во државните болници. Меѓутоа, и тоа, според Хелена, е навистина далеку од она кај нас.

„Прво, интересно е што таму, на гинеколог се оди само за женски болести, а кога станува збор за бременост, се оди кај лекар кој е специјализиран само за бременост. Но и кај него се оди многу малку, најчесто само кога постои некаков проблем, инаку бременоста ја водат бабици. Тоа се бабици со завршен медицински факултет за бабици. Кога ќе се утврди бременоста, лекарот ти нуди избор па самата трудница одлучува каква бабица ќе ја следи во бременоста и по породувањето. Постои здружение на бабици, но и самостојни бабици па може да се бира помеѓи бабици со холистички пристап (јас одбрав таква, бидејќи сум против примена на лекарства), потоа бабици со алтернативен пристап, повозрасни, помлади, и така натаму. Кога одиш кај бабицата таа ти дава една тетратка за целата процедура, колку пати се оди на прегледи, и слично, те запознава со се што те интересира, едноставно, си правиш муабет и прашуваш се што сакаш да знаеш.

Освен тоа, има и цела листа на желби кои ти ги нудат во врска со самиот чин на породувањето. И сето тоа е во државна болница кадешто е се платено. На пример, те прашуваат каква музика сакаш додека се породуваш, какво осветлување, (јас се пораѓав со ѕвездено небо и музика за релаксација и медитација што ми ја пушташе Игор), те прашуваат кој сакаш да ја пресече папочната врвка, дали сакаш да ја земеш со себе плацентата, дали сакаш бебето веднаш да ти го стават на гради или сакаш прво да го измијат да го средат па да ти го дадат, дали сакаш веднаш да го подоиш и уште милион прашања и можности.

Болничкиот апартман на Хелена

Секоја трудница има своја соба со туш кабина, со пилатес топка, јаже и слични опции кои се нудат за породувањето. Некои бираат да се породат во вода (тоа беше и моја желба, но не ми препорачуваа бидејќи заради високиот притисок ми кажаа дека доколку дојде до некакви компликации нема да има можност да се реагира соодветно), некои на пилатес топка, некои на јаже,….

Како опција беше и да се биде под туш па јас цело време стоев под тушот се додека Тиан не почна да излегува и тогаш бабицата ме праша дали сакам да продолжиме таму или на кревет. Одбрав да го родам на кревет.

Веднаш откако излезе ми го ставија на градите, тој веднаш почна да цица па го чекавме едно пола саат додека не се нацица за да го измерат и да го средат. Се шегувавме дека веројатно послендите 50-тина грама од оние 3.550 колку што покажа дека тежи, се од млекото што го исцица.

Мама, тато и Тиан

Игор ја пресече папочната врвца, а бидејќи беше ноќе, останав таму до утрото, инаку, доколку мајката се чувствува добро, и таа и бебето веднаш ги испраќаат дома. Јас се породив со провокации бидејќи докај 40-тата/41-та недела од бременоста Тиан се уште се немаше наместено за излегување, па докторот кај кој само тогаш и отидов, ме прашуваше како се чувствувам во врска со тоа.

Интересно е и тоа што помеѓу прашањата кои ти ги поставуваат во врска со породувањето е и она, дали има некој што не сакаш да дојдеш. Имено, таму, за разлика од кај нас, може да дојде да те види кога ќе се породиш буквално секој.

Претходно, додека се уште бев бремена, со група од 20-тина луѓе бевме во обиколка на болницата за да видиме какви се условите, и тогаш додека ние таму се шетаме, слушавме како се пораѓаат жените зад завеси.

Нема стерилни услови, маски за лица и слично, па на пример, додека се уште лежев во кревет со Тиан на градите дојдоа да ме видат Кјара и нејзиното момче, другарка ми Весна која вози такси, директно од таксито влета во соба кај мене.

И уште нешто што е многу различно во Нов Зеланд е тоа што со царски рез ги пораѓаат жените само во краен случај, доколку постои некаква опасност по животот на мајката или детето. Никако поинаку. Тие сметаат дека доколку процесот на бременост не се заврши со природно породување, тоа може да се одрази негативно врз здравјето на жената подоцна во животот па до последно се оди на тоа детето да се донесе на свет природно.

По одењето дома, бабицата доаѓа еднаш неделно во текот на шест месеци. Интересно беше што кога Игор првите денови ја праша дали смееме да го изнесеме на прошетка, таа мислејќи дека прашува за мене, му кажа дека доколку има можности, можеби е подобро првите две недели да се одмарам, а кога сфати дека тој прашува за бебето, му кажа дека може уште веднаш.

Тука многу често можете да видите мајки со бебиња од една-две недели како стојат на пример на ред во банка или пак мајка со двомесечно бебе во рацете, со едно кое има нешто повеќе од годинка во количка и со тригодишно дете за рака да оди на пазарење, наваму натаму, да си ги извршува обврските. Тука луѓето имаат многу деца, намалку по две-три иако од државата имаат само 4 ипол месеци платено породилно отсуство и немаат „баба-сервис“.

Значи, мора да имаш работен стаж од барем една година за да добиеш 4 ипол месеци платено породилно, кога се земаат 70 отсто од просечната плата што си ја земал во текот на годината, а работното место ти го чуваат една година откако си го напуштил, во после тие 4 ипол месеци, не земаш ништо. И јас ќе се вратам на работа таму кадешто работев пред да останам бремена, кога Тиан ќе има девет месеци, бидејќи го зедов породилното малку порано, при крајот на бременоста.

Како што реков, тука нема баба-сервис бидејќи луѓето кога заминуваат во пензија и се слободни, се пуштаат на шетање низ светот и на уживање, а не на чување внуци. Градинките не се скапи, но не се ни ефтини, а се плаќаат од час, односно, зависно од тоа колку часа ќе престојува детето таму, толку ти наплаќаат.

Тато Игор и малиот Тиан

Иако ги има сите услови за доење, па дури и опремени соби за доење во моловите, во Нов Зеланд мајките многу малку дојат токму поради тоа што најчесто рано се враќаат назад на работа, а и затоа што хранењето со формула им овозможува поголема слобода и помош која во тој случај можат да ја добијат од татковците. Јас го дојам Тиан и имало случаи кога ми приоѓале жени за да ми честитаат поради тоа што дојам со зборовите: „браво за храброста, ти се воодушевувам, јас моето не го дојам, само напред и слично“, раскажува Хелена.

Она што таа за неполни три години отсуство од државава го заборавила е нечистиот воздух за кој вели дека веднаш го почувствувале сите четворица откако слетале во Скопје. Ја зачудила и цената на пелените кои во Нов Зеланд се три пати поефтини отколку во Скопје, а платите таму се десет пати поголеми од овдешните. Ефтина е и облеката, вели таа, па не се ни мислиш дали да му купиш некои шпилхозни што ти се бендисале кога чинат само 5-6 долари, а едно кафе чини 3.

И таму луѓето дури и кога имаат пари не се срамат да побараат бебешка опрема и облека од мајките со поголеми бебиња и деца кои веќе ги надраснале или пак не им требаат. Има групи на фејсбук на кои жените уште пред да се породат си кажуваат што се им треба за бебето и секогаш има жени кои тоа ќе им го достават. Едноставно, не гледаат зошто би се купувале нови работи за нешто што нема да се користи многу долго.

И за разлика откај нас, таму родителите се многу полабави во однос на чувањето на децата. Во Нов Зеланд, ако однесеш бебе на лекар со температура 38/39, ќе му ја измерат и ќе ти кажат евентуално, дај му парацетамол ил бруфен, туширај го, изнеси го на свеж воздух и толку. Нема шанси да ти дадат антибиотик. Исто така и многу малку ги облекуваат и децата, а и себеси. Во зима кога температурата е на пример 5-6 степени, децата одат со голи ноџиња, и бебињата и децата што одат во школо. Кога е поладно, евентуално, може горе да им облечат јакничка.

Тука е проблем да се најдат чевли и во продавниците, бидејќи се продаваат главно сандали. И децата и возрасните и во зима, излегуваат со сандали, дури и навечер, кога излегуваат девојките носат сандали. Така се навикнати. А друга работа е па дека ќе видите на плажа дечиња како си јадат песок, си шлапкаат по океанот и никој не вика по нив и не им се притресува како што се прави кај нас, завршува Хелена.

Таа е задоволна од животот во Нов Зеланд, вели дека е среќна, иако ѝ недостасуваат најблиските, особено Маркијан (најстариот син на нејзината сестра Ребека). Сепак, вели, таму за само две ипол години, се средивме и не мораме да се грижиме дали ќе имаме пари за сметки, за пелени, за кирија или, не дај боже за храна.

Брат и сестра

Кјара наскоро ќе полни 19 години и е главен менаџер на една продавница, си заработува убаво, веќе си купи автомобил, а деновиве со момчето се шетаат низ Европа и на Јадран, со парите што сама си ги заштеди.

За односот на Кјара кон Тиан, со оглед на големата разлика во годините, Хелена вели: Кјара супер реагираше кога слушна дека сум бремена, малку ме зафркаваше, се шегуваше со мојот стомак, а сега е вљубена во Тиан па кога ќе си дојде од работа, а тој спие, се нервира што не може веднаш да си поигра со него. Многу ми помага, па сите ми завидуваат што си имам и бесплатен бејби ситер, се смее Хелена која наскоро со сега веќе двомесечниот Тиан, со Кјара и нејзиното момче, ќе мораат пак да го минат истиот пат, рикверц во својот нов дом, на Нов Зеланд.

[better-ads type='banner' banner='999' ]