Кога станува збор за подигање на тинејџер, со сигурност може да се каже дека ништо не е нужно лесно – всушност, ова може да биде едноставно фрустрирачко! Ако ова чувство е она што го чувствувате во моментов, тогаш имаме неколку совети за вас, кои само може да ви помогнат да го задржите мирот во овие тешки адолесцентски години.
Еве 3 работи кои никогаш не треба да ги направите за вашиот тинејџер …
Да бидете постојано недостапни
Тука не зборуваме само за зафатен распоред на вработените родители. Дури и оние што се дома можат да бидат емотивно недостапни или едноставно расеани. Додека експертите се согласуваат дека тинејџерите можеби не мора да бидат свесни за ова, ваквото однесување може да доведе до оддалеченост, депресија или недостаток на самодоверба додека преминуваат во периодот на зрелоста.
Најдете начини да бидете во близина, кадешто сте потенцијално достапни, без да изгледате како да ги принудувате на контакт. Ова може да изгледа очигледно, но сепак наведете ја вашата достапност со која го повикувате на контакт кој можеби инаку не би се случил. На пример:
„Ќе бидам во студиото кадешто ќе работам ако ти требам“ или „Морам да одам во продавница, но повикај ме ако ти требам“.
Поради ова вашиот тинејџер може да се почувствува непријатно или неприродно, особено ако е склон кон превртување со очи, но откако ќе се создаде оваа навика, вашиот адолесцент можеби ќе се чувствува доволно комфорно за да ја прифати понудата.
Да ги отфрлате нивните амбиции
Секој тинејџер има соништа, без разлика дали тие се големи или мали, и природно е родителите да се чувствуваат загрижени кога за прв пат ќе го слушнат нивниот „мал голем човек“ како прогласува што сака да биде.
Да речеме дека имате дете кое сака да биде олимписки тркач кога ќе порасне. Тоа е чесна амбиција, но што ако тој или таа е многу надарен во природните науки, и наставникот по физика смета дека вашиот тинејџер има големи шанси да добие стипендија на некој познат универзитет?
Тоа може да биде тешка ситуација која сигурно бара големо внимание.
Значи, ако се најдете во ситуација кадешто чувствувате дека на вашето дете му треба добар поттик или помош кога станува збор за идната кариера, следете го советот на Роберт Хелман, консултант за кариера во Менхетен и професор на Њујоршкиот универзитет.
Според него, клучот за помагање на вашето дете е да го натера да се потсети на седум случаи во својот живот кои биле најинтересни за него.
Откако тој или таа ќе ги посочи, прашајте: „Што е тоа поради што уживаше во ова? Што мислиш дека си направил најдобро? Зошто го стори тоа? Каков беше твојот однос со другите луѓе во текот на тие активности?“
Тоа е едноставна вежба која може да изгради и однос на доверба и комуникација, како и да му помогне на тинејџерот да дојде до заклучок самостојно. Крајниот резултат можеби нема да е точно во онаа форма која ја сакате за вашето дете, но тоа ќе му помогне на вашиот тинејџер да донесе важни животни одлуки кои се вкоренети во искуството, а не во соништата.
Постојано да ги критикувате
Можеби не е изненадувачки што психолозите кои се специјализирани за адолесцентното однесување велат дека критикувањето на тинејџерите само ги влошува работите. Карл Пикхард, автор и психолог од Остин, признава дека иако е „примамливо“ да се критикува кога тој или таа не се однесуваат како што треба, но спротивставувањето на децата е природна форма на развој што родителите мора да ја препознаат.
Ние дефинитивно се согласуваме дека на тинејџерите не треба да им биде дозволено да се облекуваат, да прават или да кажуваат точно она што го сакаат во секое време, но тоа исто така не значи дека на родителот му е дозволено да употребува презирен јазик во обраќањето кон него или неа.
Во една статија Пикхард тврди дека улогата на родителот е „да не го напаѓаат карактерот, туку одлуките“. На пример, наместо да му кажете на вашиот неорганизиран тинејџер дека е, едноставно, „неуреден“, кажете му: Знам дека не ти се допаѓаат овие домашни обврски сега откако си поголем, но тие сепак треба да се завршат.
Секако, тоа е стратегија која веројатно нема да има непосредни резултати, но е важен чекор во отстранувањето на токсичните елементи од релацијата со тинејџерот.