Цел на секој родител е неговото дете еден ден да порасне во функционална возрасна личност. Воспитувањето е процес на изградба на самостојна личност, одговорна кон себе и кон другите, која доволно добро функционира во општеството.
Процесот на социјализирање се заснива на тоа детето да ги меморира, односно да ги интернализира родителските фигури кои во различни ситуации му упатуваат одредени пораки со кои бараат од него да се однесува на прифатлив начин.
Строго гледано, детето не ги усвојува општествените норми како такви, туку ги усвојува семејните норми, вредности и погледи на свет. За да биде социјализацијата успешна, мора да постои доволна согласност помеѓу семејните и нормите на општеството.
Ако детето расте во семејство чиишто норми се во поголем несклад со нормите на општеството, тогаш тоа дете ќе биде прилагодено кон семејството, но неприлагодено кон пошироката заедница во која би требало да функционира кога ќе порасне.
Еден проблем е кога се семејните норми далеку под стандардите на пошироката заедница. Во тој случај детето ќе има проблеми во функционирањето надвор од дома, од градинка, училиште, се до животот како возрасен. Тоа ќе биде означено како „несоцијализирано“, со „пореметување во однесувањето“.
Кога се семејните норми значајно над нормите на пошироката заедница, тогаш настанува сосема спротивен проблем. И овие деца, иако прилагодени кон семејствата од кои потекнуваат, нема да бидат прилагодени во општеството.
Тоа е случај со децата кои се „премногу убаво“ воспитани, кои се придржуваат кон оние норми кон кои другите членови од заедницата не се придржуваат. Во својата генерација овие деца ќе бидат означени како неснаодливи и недоветни, затоа што нивните доблести ќе се сметаат за маани. Нивната претерана социјализираност ќе ги спречи да бидат оптимално прилагодени и успешни.
Додека проблемот на несоцијализираните деца е добро обработен во воспитните теории, проблемот на премногу социјализираните деца не е доволно препознаен.
Што им преостанува на оние кои се „премногу убаво“ воспитани?
Еден начин е да се променат, во извесна мерка да „подивеат“ за да можат да се прилагодат кон пошироката заедница. Друг начин е да се затворат во група или субкултура на оние кои им се слични, меѓу кои ќе се чувствуваат нормално.
Во таква група ќе функционираат добро, но и натаму ќе имаат проблем на неприлагоденост во пошироката заедница. Трет начин е да заминат од заедницата во која не фунцкионираат успешно, во некое друго општество, односно, во држава во која пошироките општествени норми им одговараат на нивните лични норми.
Овој трет начин е можеби најдобар за нив, но никако не е добар за заедницата од која потекнуваат.