Ако не порано, за престанок со пушењето девојките и жените што пушат главно размислуваат кога разговараат за мајчинство и во контекст на некоја идна бременост. Без оглед колку ја сакале својата навика и биле зависни од никотинот, повеќето жени се добро информирани и свесни дека за време на бременоста цигарите треба да се отфрлат за доброто на нивното бебе. Но таа „жртва“ треба да се поднесе дури некогаш во иднина и секоја жена мисли дека ќе има време да се подготви за тешкиот период на одвикнување и дека ќе престане да пуши уште и пред бременоста. Но често се случува жена која пуши да остане непланирано бремена и да мора буквално преку ноќ да ги фрли цигарите во ѓубре и да почне со одвикнување. Цигарите создаваат многу силна физичка и психичка зависност и да се престане со пушењето не е воопшто лесно, особено кај страстните пушачи. Секако, секогаш ќе постојат и жени кои без никаков проблем ќе ја изгаснат својата последна цигара и ќе го префрлат фокусот на бебето во стомакот и претанувањето со пушење нема да им падне тешко.
Кога зборуваме за тешкотиите од одвикнување од никотин често се среќаваме со митот според кој не е добро жената нагло да престане да пуши кога ќе дознае дека е бремена, затоа што со тоа, наводно, го фрла својот организам во апстиненцијална криза и шок. Освен тоа, жената станува психолошки чувствителна и напната, а се јавува и емоционална реакција дополнително поттикната од хормоналните промени. Сето тоа, наводно, не е добро за фетусот, ниту за трудницата, а може да биде дури и опасно во првите недели од бременоста. Според тој мит, со пушењето треба да се престане постепено.
Мит за штетноста од наглото престанување со пушење
Сето споменато е навистина само мит. Ниту едно научно истражување не ја докажало таа врска, туку токму спротивното. Сите студии потврдиле дека бременоста и пушењето никако не одат заедно и препирака на сите доктори и стручњаци е дека жената во истиот момент кога ќе дознае дека е бремена треба да ги фрли цигарите во ѓубре. Факт е дека нема ненагло или помалку нагло престанување. Или престанувате да пушите или не. Среден пат не постои, затоа што ако го намалите пушењето, вие и понатаму сте пушач.
Во моментот кога ќе дознаете дека сте бремени, престанувањето со пушење е најдоброто што можете да го направите за своето дете и за себе. Да потсетиме, првите три месеци од бременоста се клучни за развојот на бебето и сите витални органи и физиолошки системи се формираат токму во тој период. Затоа е клучно бремената жена да биде во колку што е можно поздраво опкружување.
Што се случува со бебето и со трудницата веднаш по престанувањето со пушење?
Првите три дена можат да се појават главоболки, иритабилност, зголемен апетит, па дури и вртоглавици, грчеви и неспокој. Но токму три дена се доволни за од организмот да се исчисти никотинот од последната запалена цигара. На трудницата ќе и се стабилизираат притисокот и пулсот, во организмот ќе се намали количината на отровниот јаглероден моноксид, ќе се обноват чувството на вкус и на мирис. После две до три недели ќе се подобри циркулацијата, варењето, ќе се продлабочи дишењето и ќе се поврати енергијата, а ќе се зголеми и имунитетот, односно ќе се намали ризикот од дишни и други инфекции.
А како се чувствува бебето?
Во моментот кога ќе престанете да пушите, беето ќе добива повеќе кислород, а со тоа автоматски ќе се намали ризикот од спонтан абортус, од прерано породување, премала тежина на бебето и други можни компликации.
Трудницата може да чувствува апситенцијална криза додека телото се навикнува на живот без никотин, но бебето нема да ги дели со неа тие маки. Токму спротивно од ова, на бебето ниту за момент нема да му недостасуваат катранот и јаглеродниот моноксид. Не постои ниту еден доказ дека бебињата во стомакот преживуваат никотинска криза.
Сепак, со оглед на тоа што физiчката зависност релативно брзо се надминува, но психолошката останува уште со месеци или години, на сите жени им се советува да побараат помош доколку имаат проблем да се откажат од цигарите на психолошко-емоционално ниво. Постојат многу методи на одвикнување, меѓу нив и низа алтернативни кои ќе ја намалат напнатоста и стресот на трудницата.