Во текот на месец декември, Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ од 1 до 25 декември ќе реализира Фејсбук кампања за здрави читачки навики кај најмладите деца и ученици. Целта на кампањата е да се подигне свеста за важноста на почетната јазична и математичка писменост и да се поттикнат родителите и останатите членови од семејството на најмладите ученици редовно да читаат со своите деца во домот.
Кампањата ќе се одвива на официјалните Facebook страници на УСАИД Македонија и Фондацијата „Чекор по чекор“ и во рамки на истата редовно ќе се споделуваат совети за тоа како може да им помогнеме на најмладите да изградат здрави навики и култура на читање и учење. Доктор Читко, маскотата и херојот на кампањата, редовно ќе споделува совети, идеи и ресурси за да ги поттикне родителите да читаат по 20 минути на ден со своите деца.
Во рамки на кампањата ќе биде отворен и повик за споделување фотографии и видеа од родителите додека читаат со своите деца, за што секој учесник ќе биде награден со сликовници и останати изненадувања.
Проектот на УСАИД „Со читање го лидерство“ го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, во соработка со Министерството за образование и наука и сите основни училишта во Република Македонија. Целта на проектот е да се проценат и подобрат јазичните и математичките вештини на учениците од почетните одделенија, да се унапредат педагошките вештини на наставниците и да се подигне свеста на целокупната јавност за важноста од овие почетни вештини неопходни за развој и успех на најмладите ученици.