Словенечката влада поддржала проект на медицински експерти чија цел е да предупредат на штетните последици од фактот дека младите и децата поминуваат сè повеќе време пред екраните, појава која епидемијата на ковид-19 дополнително ја зголемила и дала насоки за намалување на ваквата зависност.
Упатствата биле презентирани од страна на словенечката лекарска комора.
Постои загрижувачки податок дека педијатрите веќе ги забележуваат последиците од прекумерното седење пред екраните кај двегодишни и тригодишни деца, а истражувањето исто така покажало дека зависноста од видеоигри е присутна кај 10,2 проценти од малолетниците. 8,3 проценти од младите поминуваат премногу време користејќи ги социјалните мрежи.
Во анализата на состојбата која ја спровеле лекари од различни профили се наведува дека поради новиот вид на зависност кај децата, треба да се реагира навремено за да не се повтори приказната со доцните предупредувања на браншата за зависноста од тутун и штетните последици од пушењето.
Јавна поддршка за насоките била дадена од министерот за здравство Јанез Поклукар и министерката за образование Симона Кустец.
За потребата од навремено постапување постигнат е широк консензус меѓу педијатрите, училишните лекари, детските психијатри и психолози, работните терапевти, логопеди, медицински сестри и специјални педагози, посочува словенечката лекарска комора.
Како илустрација за штетноста од прекумерната употреба на паметни телефони и гледање во екраните, лекарите наведуваат дека кај децата од предучилишна возраст кои поминуваат повеќе од два часа на ден пред екраните имаат речиси осум пати поголем ризик од развој на нарушувања на концентрацијата и синдром на хиперактивност, а поради намалено движење може да се развие дебелина и други последици.
Истражувањата исто така укажуваат на тоа дека малолетни лица кои поминуваат премногу време пред екраните имаат проблеми со спиењето, 18 проценти користат апчиња за спиење, а кај некои како резултат се развил синдром на кратковидост и синдром на уморни очи.
Лекарите во упатствата препорачуваат децата до две години воопшто да не бидат изложени на екраните, дека оние од 2 до 5 години тоа можат да го прават само еден час дневно во присуство на родители, а оние до 9 годишна возраст, исто така еден час, но без контрола.
На децата на возраст од 10 до 12 години им е дозволено да бидат пред екранот до еден ипол час на ден за време на нивното слободно време, а оние на возраст од 13 до 18 години најмногу два часа, се некои од препораките на словенечките доктори.
Фото: Freepik