Шеќерот не предизвикува хиперактивност кај децата

Иако научните студии покажуваат дека нема врска помеѓу шеќерот и хиперактивноста на децата, овој мит е тешко да се искорени. Сепак, само затоа што шеќерот не предизвикува хиперактивност не значи дека е добар за децата, нели?

0
122

„Ако им дадете сладолед, ќе скокаат по sидови. Од бонбоните ќе почнат да се тресат. Кога лижат лижавче, стануваат антихристи“. Или барем така велат повеќето родители. Сепак, според американскиот Национален институт за здравство, нема никаква врска помеѓу шеќерот и хиперактивноста, а научните студии покажуваат дека станува збор за мит.

Тешко е да се поверува во ова ако сте имале можност да ги видите тие подивени орди на деца со зажарени очи, но излегува дека е вистина – целата работа е мит. Шеќерот не ги полудува децата, и едвај дека има некакво влијание врз нив.

Со децении е познато дека шеќерот не предизвикува хиперактивност кај децата

Тоа е точно, и дефинитивно не е ново. Уште во 1995 година, случајот со шеќерот и хиперактивноста беше отфрлен како мит, откако беа анализирани 16 многу сериозни студии за влијанието на шеќерот врз децата и откри дека „шеќерот не влијае на однесувањето или когнитивните способности на децата“. Доказите од оваа мета-анализа беа толку силни што статистичарот кој ја оценувал статијата им рекол на авторите дека никогаш не наишол на вакви доследно негативни резултати во статистичката анализа. Дури и многу порано, во 1982 година, Националниот институт за здравство дошол до заклучок дека шеќерот не предизвикува вишок енергија кај децата, пишува порталот Fatherly.

Како тогаш се прошири овој мит?

Во суштина, крива е таканаречената лоша наука. Откако алергологот Бенџамин Фајнголд во 1973.година ја направил т.н. фајнголд диета (и ја раширил приказната дека одредени намирници може да влијаат на однесувањето), студија објавена во списанието Food and Cosmetics тврдела дека шеќерот предизвикува хиперактивност кај децата. Во студијата учествувале 265 деца чии родители се жалеле дека нивните деца се премногу живи и не можат да се концентрираат, а истражувачите откриле дека овие деца имаат премногу ниско ниво на шеќер во крвта. Парадоксално, нискиот шеќер во крвта е еден од показателите за прекумерно внесување шеќер, а студиите покажале дека тоа може да предизвика промени во расположението кај возрасните. Така настанала приказната за шеќерот како главен виновник за хиперактивноста.

Но, резултатите од оваа студија биле брзо побиени. Понатамошното истражување докажало дека децата од студијата немале премногу ниско ниво на шеќер во крвта, туку вредности во нормалниот опсег. Ниту една студија не докажала поврзаност помеѓу шеќерот и хиперактивноста, туку само корелација – што може да значи дека живите деца едноставно повеќе сакаат да јадат слатки.

Но, видов како шеќерот влијае на моето дете. Вистина е!

Ако мислите дека вашето искуство е поавторитетно од научните студии, разгледајте ги резултатите од следното истражување. Научниците собрале 50 деца чии родители тврдле дека нивните малечки се чувствителни на шеќер. Секое дете било ставено на диета која вклучувала или шеќер, или аспартам или сахарин (засладувач без калории). Родителите знаеле дека нивните деца јадат слатки, но не знаеле дали содржат шеќер, вештачки засладувач или нискокалорични замени. А сепак, сите родители пријавиле дека нивните деца се однесувале поинаку откако јаделе слатки. Се чини дека родителите се убедиле толку многу во тоа дека шеќерот предизвикува хиперактивност, што ги виделе неговите „ефекти“ дури и кога нивните деца не консумирале шеќер.

Една теорија што може да го објасни ова верување на родителите е дека ние им даваме слатки на децата претежно во посебни прилики кога тие се опкружени со други деца и се предиспонирани за хиперактивност. Друга, поинтересна теорија е дека родителите, поради нивното верување во моќта на шеќерот да го промени однесувањето на децата, не вложуваат толку многу напор да ги контролираат своите деца после јадење слатки, што ги прави децата уште поневозможни.

Во студија од 1994 година, научниците снимиле 35 мајки кои тврдат дека нивните петгодишни деца се чувствителни на шеќер. На половина од мајките им било кажано дека нивните деца примаат големи количини шеќер, а на другата половина им било кажано дека нивните деца воопшто не јадат шеќер. Всушност, сите деца добивале плацебо, т.е. ‘кобајаги’ шеќер.

Мајките кои сметале дека нивните деца јаделе шеќер ги оцениле своите деца како похиперактивни. Но, анализата на снимките покажала дека овие мајки постојано ги облетувале своите деца, ги критикувале, повеќе ги набудувале и им се обраќале почесто од мајките кои не мислеле дека нивните деца јаделе шеќер. Ова значи дека пристапот на родителите може да влијае на појавата на т.н. шеќерна хиперактивност, како само-исполнувачко пророштво.

Но, само затоа што шеќерот не предизвикува хиперактивност не значи дека е добар за децата, нели?

Апсолутно. Премногу шеќер може да предизвика дијабетес и многу други здравствени проблеми – само не и хиперактивност. Сепак, малку е веројатно дека науката ќе може да ги промени верувањата на родителите. Како што објаснува научниот писател Том Чиверс, без оглед колку научни докази и податоци сме му покажале некому, личните впечатоци ќе надвладеат над рационалната мисла. Но, ако тоа значи дека децата ќе јадат помалку шеќер, тогаш и нема голема штета.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]