Новата училишна година штотуку почна, а вие – како и милиони други родители – веројатно се прашувате што можете да направите за своите деца за да бидат поуспешни во училиштето. Па, можеби следните 10 навики на успешни ученици можат да помогнат децата да добијат добри оценки…
Навика број 1: Секогаш ја пишуваат домашната задача
Домашната задача не е некој сеприсутен заговор на сите учители на светот за со нив да се мачат сите кутри деца, туку е, всушност, најдобар начин децата да го повторат она што веќе го научиле во училиштето и да се ангажираат повеќе во истражувањето на прекрасниот свет на знење. Затоа, најдобрите ученици никогаш не забораваат да ја напишат својата домашна задача, уште повеќе, тие прават и повеќе од она што од нив се бара!
Навика број 2: Никогаш не доцнат
Да се доцни во училиште наутро или да се влезе во училницата пет минути подоцна откако големиот одмор поминал вам можеби ви се чини како наивна работа кога се во прашање децата (а можеби и вие самите), но тоа е далеку од вистината! Да се појавите во договореното време е основа за формирање одговорен однос со почитување кон училишните обврски, па погрижете се вашите деца да знаат како да го испланираат своето време.
Навика број 3: Да спијат доволно
Одморот е битен за сите нас – зошто инаку би ни биле потребни 8 часа сон во текот на секоја ноќ? Но, уште побитно е за младите умови кои одат во училиште, бидејќи на нивните вијуги им е потребно доволно сон за правилно да се формираат нервните врски и да се обработат стекнатите информации.
Навика број 4: Одговорни се
Учениците кои дома носат добри оценки ретко кога се неодговорни. Обично се малку позрели од своите врсници, што им овозможува правилно да се однесуваат кон училишните обврски, без потреба нивните родители да се мешаат во се што прават. Тие, исто така, доволно се возрасни да бидат во можност да учествуваат и во секојдневните задачи на семејството кои немаат никаквi врски со училиштето. Тоа ви дава добра идеја, зарем не?
Навика број 5: Имаат уредни тетратки
Уредните тетратки не ги прават среќни само учителите, туку, исто така, им овозможуваат и на учениците полесно да учат. Уредната тетратка ги содржи сите битни информации кои наставникот ги споделува со одделението, а покрај тоа и визуелно игледа поубаво па го повикува својот сопственик да ја прегледа, а не го обесхрабрува никогаш да не ја допре…
Навика број 6: Активно учествуваат на часот
Кога се во училиште, учениците имаат две опции: или можат внимателно да слушаат и активно да учествуваат во часовите или да чекаат времето што побрзо да им помине така што некако поинаку ќе се забавуваат – цртајќи, разговарајќи, гледајќи низ прозорецот… Очигледно е која опција е подобра, зарем не? Доколку веќе се принудени да седат таму каде што се, би можеле нешто од тоа и да имаат, зарем не?
Навика број 7: Имаат распоред
Структурата и добрата организација е она што ги издвојува повеќето натпросечни ученици од оние кои не се толку успешни. Најдобрите ученици обично имаат распоред на дневни обврски до кои се држат. На пример, по училиштето можат да се одморат неколку часови или да имаат дополнителни активности, но потоа да се грижат за домашните работи и да вложуваат време од еден или два часа во училишните задачи. И така од ден во ден…
Навика број 8: Раскажуваат за училиштето со своите родители
Добрата мотивација е проблем на младите умови кои немаат најдобри резултати во училиштето. Само кога би постоело некое решение да бидат помотивирани… Чекајте! Па и има! Децата навистина сакаат кога родителите покажуваат интерес за нивните активности, вклучувајќи го и училиштето. Прашајте ги што се случува во училиштето повремено и издвојте време понекогаш да седнете и да ги прегледате заедно тетратките. Тоа може многу да значи за успехот во училиштето!
Навика број 9: Почитувајте ги своите наставници
Секако, наставниците се луѓе како и сите ние, што значи дека имаат свои подобри страни, а некои баш и не. Но, учениците кои се успешни во училиштето секогаш имаат почит кон своите учители, без оглед на се. Тоа едноставно е така – наставниците се тука за да водат, а учениците за да ги следат. Она што учениците го мислат за нив кога се сами, меѓутоа, е сосема друга работа…
Навика број 10: Знаат кога да се забавуваат
Да се забавуваат е, исто така, битно! По напорниот ден во училиштето, секогаш би требало да постои награда во вид на нешто забавно. Што тоа точно значи, оставаме на вам и на вашиот вреден ученик!
Фото: www.detinjarije.com