Дислексија, дисграфија, дискалкулија: Кога да се сомневате дека детето има тешкотии во учењето?

Децата со тешкотии во учењето често имаат дури и натпросечно интелектуално функционирање, но постојат специфични тешкотии во учењето најчесто поврзани со одредени ментални активности.

0
1828

Вашето дете тргна во училиште и однеднаш има тешкотии во учењето коишто не сте ги забележале претходно? Веројатно станува збор за специфични тешкотии во учењето кои се поврзани со одреден предмет, на пример, тешко му оди сметањето, има проблеми со пишувањето на буквите па го заменува редоследот на буквите во зборовите, отежнато чита… Таквите тешкотии не треба да се занемарат туку треба на нив да се обрне внимание и да се обидете на детето да му го олесните процесот на усвојување на знаењето. 

Вистинската терапија помага

Најпрво е потребна детална (невро)психолошка проценка со која ќе се утврди дали вашето дете навистина има одредени тешкотии во читањето, пишувањето и/или сметањето или во некои други когнитивни способности или можеби станува збор за психолошки проблеми, на пример, адаптирање на училиштето и училишното опкружување. Сеопфатната и деталната (невро)психолошка проценка е важна и затоа што одреден помал број деца немаат специфични тешкотии во учењето туку развојни тешкотии кои можеби не се дијагностицирани пред поаѓањето во училиште. Децата со развојни тешкотии често имаат намалено ниво на општо интелектуално функционирање како и последично и некои други когнитивни дефицити. 

Децата со тешкотии во учењето често имаат дури и натпросечно интелектуално функционирање, но постојат специфични тешкотии во учењето најчесто поврзани со одредени ментални активности. Таквите специфични тешкотии сигурно може да влијаат на нивниот успех во училиштетот, но и на нивното психолошко функционирање – самодовербата, социјалните контакти и слично. Нарушувањата во учењето можат, но и не мораат да бидат проследени и/или предизвикани и со хиперактивност/пречки во вниманието, за чии утврдување, исто така, е многу важна сеопфатна психолошка проценка. 

Во денешно време тешкотиите со учењето не се ретка појава – според некои истражувања дури и повеќе од 25 отсто деца покажуваат некои од тешкотиите. Ако ги забележиме, не смееме да ги негираме, тие нема самите да исчезнат туку само ќе се интензивираат и дополнително ќе се комплицираат со развој на анксиозноста и стравовите кај децата, како и со повлекување во себе и избегнување на социјалните контакти. Затоа, исклучително важна е правовремена дијагностика и следење како и различни рехабилитациски постапки кои на таквите деца ќе им овозможат тие недостатоци на некој начин да се надоместат или компензираат или со упорно вежбање барем да се намали нивната изразеност. 

Видови нарушувањa во учењето

Тука денес нема да зборуваме за децата со слушен и/или со тешкотии со видот и слухот како и за децата со нарушување во вниманието – хиперактивност, туку за децата кои во подоцнежна претучилиштна и/или рана училиштна возраст почнуваат да искажуваат одредени тешкотии. Тоа може да бидат тешкотии во читањето (дислексија), пишувањето (дисграфија) или сметањето (дискалкулија), а може да бидат присутни и одредени тешкотии во моторичките активности (диспраксија).

Тешкотиите во читањето или дислексијата може да се манифестира како тешкотии при изговарање на зборовите, при испуштање на слоговите или деловите на зборови при читањето или слично, но и како тешкотии во разбирањето на прочитаната содржина. Значи, може да се случи вашето дете да не може да научи некоја содржина затоа што не може добро да ја прочита и/или добро не ја разбира. Тешкотиите во пишувањето или дисграфија се однесуваат на вештините во пишувањето па детето исто така може да има тешкотии во испуштањето или заменувањето на буквите или слоговите, во организација на буквите на хартија, изразено нечиток ракопис и слично. Исто така, можно е детето да нема пречки во пишувањето туку само е бавно и му треба повеќе време за обработка на информациите. 

Дискалкулија или тешкотии во сметањето се однесува на тешкотиите при математичките операции без разлика дали станува збор за усно и/или писмено (не мора неопходно да биде на двата начини) решавање на проблематичните задачи, но може да се однесува и на тешкотиите со справување со парите во секојдневниот живот. Ако постои диспраксија, детето има моторички тешкотии па тие ќе влијаат на координацијата на движењата и фините моторички вештини, на пример, при пишувањето или писменото сметање. Исто така, можно е детето да има некој облик на развојна дисфазија (тешкотии во разбирањето на говорот и/или во вербалното изразување), кое тогаш многу често може да следи некои облици на дислексија, дисграфија или дискалкулија. 

Повторно да нагласиме дека за дијагностицирање на сите тие тешкотии исклучително е важна што порана сеопфатна (невро)психолошка проценка како и добра соработка меѓу децата блиски со лицата како што се родителите, воспитувачите во градинка или учителите, но и добра соработка со мултидисциплинарниот тим кој вклучува психолог и логопед како и по потреба на невролог, детски психотерапевт и други лекари-специјалисти по потреба).

Фото: www.naturala.hr

[better-ads type='banner' banner='999' ]