Што да правите ако детето има воспаление на увото?

До воспаление на ушите доаѓа кога поради настинка, воспаление на грлото или инфекција, доаѓа до задржување на течности во средното уво.

0
7207

Воспалението на увото е сосема вообичаена појава кај децата, а речиси 70 отсто од нив барем еднаш до третата година од животот страдаат од ова заболување. Децата до тригодишна возраст почесто заболуваат од постарите деца, бидејќи нивниот имунолошки систем е неразвиен, па затоа се повеќе склони кон настинки и воспаленија на горните дишни органи. До воспаление на ушите доаѓа кога поради настинка, воспаление на грлото или инфекција, доаѓа до задржување на течности во средното уво.

Инфекцијата на уво е проследена со зголемена температура, силна болка во увото, дури и при самиот допир на ушната школка, течење на носот, воспалено грло, а понекогаш проследено и со вртоглавица. Исто така, ова заболување често се јавува и како „придружник“ на опаѓањето на имунитетот, вирусна инфекција, но и поради премногу голема температурна разлика, односно како последица на нагло излегување на сонце од климатизиран простор.

Нелекуваната инфекција на увото може да предизвика многу сериозни пречки, да помине во потешка респираторна инфекција, па затоа е важно да се јавите  кај лекар доколку кај детето забележите симптоми на воспаление.

Надворешниот ушен канал е обложен со кожа во која се сместени потни, лојни и церуминозни жлезди, кој ги создава церумен – жолтиот секрет од увото. Тој ја впива водата, понекогаш набабрува и го затнува ушниот канал. Поради тоа, педијатрите не препорачуваат користење стапчиња при хигиена на ушите, бидејќи тие восокот го буткаат подлабоко во каналот. Меѓутоа, дури и кога хигиената е правилна, децата се повеќе склони кон воспаленија на ушите од возрасните, па затоа бидете внимателни.
Пливањето е навистина омилено летно уживање, но многу е важно водата да биде чиста.
Доколку педијатарот, сепак, констатира воспаление на ушите, детето повеќе не смее да се капе, односно не смее да ги мокри ушите, а истото се однесува и во случај кога нема зголемена температура. Детето со воспаление би требало да престојува во проветрена просторија, да се чува од провев и да не пие газирани или студени пијалаци.

Ако детето се капе во јавни базени, најдобра превенција е чистење на ушите со трипроцентен хидроген по секое капење, а доколку имате базен дома, редовно менувајте ја или дезинфицирајте ја водата за да не дојде до инфекција. Детето треба да се искапе и да му се измијат нозете секогаш кога влегува во базенот, за да не се извалка водата, бидејќи тоа, всушност, ќе премине во магичен круг. Доколку детето влезе нечисто во базенот, ќе ја извалка и водата, а таквата вода ќе предизвика инфекции кај него.

После капењето во базен не внесувајте го детето во климатизирана просторија. Децата кои се склони на овој проблем треба да се капат со чепчиња за уши кои можат да се пронајдат во сите аптеки.

Првите симптоми се болка во увото и нервоза кај детето, но многу често се случува да исчезнат во рок од 24 часа. Ако тоа не се случи, посетете педијатар, а доколку болката исчезне, можете да му дозволите да се капе по два-три дена.
Децата постари од две години главно знаат да кажат што ги боли, но кај бебињата воспалението на увото понекогаш има симптоми кои родителите ги толкуваат како глад, проблеми со грчеви или со запчињата… Имено, бебето кое има болки во увото ненадејно станува вознемирено, ја трие главата од подлогата или ги принесува рачињата кон ушите. Може да се случи и да ги става рацете во уста и да одбива храна, бидејќи цицањето ја интензивира болката. Исто така, малите бебиња можат да реагираат со плачење на секое хранење или да одбиваат оброк бидејќи притисокот кој го чувствуваат во средното уво го прави голтањето поболно. Еден од сигурните знаци е болната реакција на детето дури и на благ допир на неговото уво.

Она што треба да го направите за детето, додека не го прегледа лекар и не препише соодветна терапија, е да му дадете аналгетик (до шестиот месец се препорачува само „парацетамол“) и да го загреете увото. Може да помогне и топла облога или само вашата дланка на бебешкото уво. Терапијата главно е антибиотска, со лекови за симнување на температурата и капки за нос или физиолошки раствор. Педијатрите советуваат капките за нос да не се користат подолго од пет дена.

Фото: zenski.ba

[better-ads type='banner' banner='999' ]