Новиот срам не е да се разведете, туку да останете во брак

Се разбира, постојат моменти кога разводот е неизбежен, мудар потег или едноставно најдобриот излез за сите вклучени страни. Но, дали е тоа и најдобриот избор?

0
376

Развод. Во сите жестоки дискусии за верноста и неверството и во живо и преку социјалните мрежи, овој збор се појавува секој час. Ако не сакате да бидете верни, разведете се. Ако сте доволно несреќни за да изневерувате, тоа значи дека сте доволно несреќни за да заминете. Ако вашиот партнер има друга врска, веднаш одете кај адвокат.

Џесика, Њујорчанка во своите триесетти години и со двегодишен син, ме контактираше една недела откако дозна дека нејзиниот сопруг Џулијан, со кого беше во брак четири години, ја изневерил со својаата колешка.

„Најдов таен профил на Фејсбук со пораки до таа жена“.

Како дете на дигиталната ера, таа го изнела проблемот пред сајбер јавноста.

„Се што прочитав ме фрли во очај“, вели таа. „Тоа е како да читам клише совети од женско списание: Продолжи и не гледај назад! Ако ве изневерил еднаш, повторно ќе ве изневери! Шутни го во меѓуножјето!“

„На ниту еден од форумите што ги прочитав, никој не го коментираше фактот дека се уште имам силни чувства кон тој човек“, продолжува таа.

„Го планиравме целиот наш заеднички живот и тој е татко на нашиот син. Јас сум врзана за неговото семејство и тие ми беа голема поддршка во текот на минатата недела. Сите овие написи и нивните автори, а да не ги спомнувам моите родители, ми велат дека тој е ѓубре и дека грешам што се уште го сакам. Татко ми дури отиде дотаму што ми рече дека имам Стокхолмски синдром! Се чувствувам осудено, како да сум една од оние „жени“ кои на своите сопрузи кои ги изневеруваат им гледаат низ прсти“.

Џесика е економски независна жена, која има широк избор пред себе, за разлика од многу други, кои заради патријархалните привилегии на своите сопрузи, немаат сопствен извор на приход.

И токму затоа што живее според различни правила, нашата култура бара да ги спроведе тие правила. Додека ја слушам, се сеќавам на работилницата што неодамна ја одржав за група жени од едно село во Мароко. Кога им објаснив дека денес во Америка, жените како Џесика се охрабруваат да се залагаат за своите права и да ги напуштат своите сопрузи, се насмеа една млада жена. „Но, госпоѓо, ако ги оставиме сите своите сопрузи кои трчаат по здолништа, целиот Мароко ќе биде разведен!

Порано разводот беше најголемиот срам. Денес, срамно е ако останете во брак кога можете да се разведете. Доказ број еден е Хилари Клинтон. Многу жени кои инаку ѝ се восхитуваат, никогаш не се помирија со нејзината одлука да остане со сопругот кога била во позиција да си замине. „Каде е нејзината самопочит?“

Се разбира, постојат моменти кога разводот е неизбежен, мудар потег или едноставно најдобриот излез за сите вклучени страни. Но, дали е тоа и најдобриот избор? Ризикот е во тоа што во канџите на повреденоста и пониженоста, премногу нагло ги изедначуваме нашите реакции на аферата со нашите чувства кон целата наша врска. Се пишува нова историја, мостовите зад нас се палат заедно со свадбените фотографии, а децата го делат својот живот во две куќи.

Џесика не е подготвена да го „шутне“ својот сопруг.

„Ние сме луѓе и грешиме. И јас не сум светец. Мора да се признае, јас не спијам со други мажи, но честопати не се снаоѓам со проблемите – се затворам во себе и премногу пијам кога работите ќе тргнат надолу или кога сум под голем стрес. Ако не му дозволиме на партнерот да запне некогаш во животот, сите ќе бевме осамени и тажни“. Таа е подготвена да му даде уште една шанса на Џулијан.

Брзањето за развод не дозволува простливи грешки, човечка ранливост. Исто така, не остава простор за корекција, еластичност и закрепнување. Затоа тој не дозволува помирување помеѓу луѓе како Џесика и Џулијан, кои сакаат да учат од своите грешки и да се развиваат.

Ми велат: „И двајцата сакаме да продолжиме заедно. Имавме неверојатно добри разговори по овој немил настан, разговори што беа искрени до суштината и конструктивни, како да не сме разговарале со години“.

Но, тогаш тие се прашуваат: „Дали навистина моравме да поминеме низ брачно неверство само за да можеме да бидеме целосно искрени еден со друг?”

Често го слушам ова прашање и го разбирам нивното каење. Но, еве една премолчена вистина за врските: за многу парови, ништо помалку екстремно не е доволно силно за да го привлече вниманието на партнерот и да го размрда застоениот систем.

На крајот на краиштата, проблемот со осудувачките, емоционално набиени и репресивни разговори за неверството е што тие ја исклучуваат секоја можност за подлабоко разбирање, а со тоа и можност за надеж и исцелување – одделно или заедно. Измамата ги прави браковите кревки.

Се разбира, кога Џулијан ја изневерува Џесика додека е таа дома и му ја менува пелената на детето, тоа секако ѝ помага да се соочи со својот гнев, што е адекватен одговор на тоа осакатување на нивната врска. Но, колку повеќе разговарам со луѓе кои страдале заради неверство – и со неверниците и со измамените, со љубовници, со деца – толку повеќе имам потреба да го набљудувам животот и љубовта, избегнувајќи да обвинувам никого. Ништо не добиваме со негување горчливи, одмазднички и деструктивни чувства. Доказ број еден е жена што ја сретнав, чија огорченост беше толку силна што таа му кажа на својот петгодишен син за долгогодишното изневерување на нејзиниот сопруг, „затоа што детето треба да знае зошто мајка му плаче“.
Иако неверството стана еден од главните мотиви за развод, голем број брачни парови остануваат заедно и покрај изневерувањето. Но, колку долго и под кои услови? Дали тие ќе успеат да излезат посилни од целата приказна? Или ќе го закопаат неверството под брдото на срам и недоверба? Начинот на кој ќе ја издржат љубовната афера ќе ја трасира иднината на нивната врска и живот.

Денес во западниот свет повеќето од нас имаат две или три значајни долгорочни врски или бракови. Некои од нас дури и со иста личност. Кога ми доаѓа двојка по неверството на еден од нив, јас често им велам вака: Првиот брак ви заврши. Дали сакате во вториот да тргнете заедно?

Текстот е од ТУКА.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]