Постпородилна депресија кај татковците постои, но ретко се препознава

Истражувањата покажале дека околината не ја забележува депресијата кај татковците. Така, тие треба сами да се справуваат со тоа, наместо да побараат стручна помош.

0
86

Постпородилната депресија кај мајките генерално лесно се препознава. Но, кај татковците, истите симптоми често погрешно се толкуваат или едноставно се игнорираат. Ова го покажала една британска научна студија објавена во The Journal of Mental Health.

На водачот на студијата му била дијагностицирана постпородилна депресија

Водечкиот автор на студијата, Вирен Свами, професор по социјална психологија на Универзитетот Англиа Раскин во Кембриџ, Велика Британија, одлучил да го спроведе истражувањето откако му била дијагностицирана постпородилна депресија.

„Кога ми поставија дијагноза, сакав да се истражам себеси и да откријам зошто толку многу луѓе, како мене, мислат дека мажите не можат да бидат погодени од постнаталната депресија“, изјавил Свами за Ројтерс.

Постпородилната депресија се манифестира како анксиозност, депресија, исцрпеност…

Научниците предупредуваат дека треба да бидеме свесни дека менталното здравје може да биде нарушено кај двајцата родители и да трае до една година од раѓањето на детето.

Новите татковци, исто како и мајките, можат да се борат со анксиозност, депресија и трауми за да се поврзат со новороденчето, вели Марк Вилијамс, основач на „Fathers Reaching Out“ со седиште во Велика Британија, која поттикнува свесност за менталното здравје. Вилијамс не учествувал во спроведувањето на новата студија.

Во една, претходно објавена студија, било откриено дека секој четврти татко доживува постпородилна депресија во период од 3-6 месеци по раѓањето на детето.

Полова дискриминација на испитаниците – кај жените препознале, а кај мажите не препознале постпородилна депресија

Свами и неговите колеги интервјуирале 406 волонтери на возраст од 18 до 27 години. Им било дадено да прочитаат два текста во кои се опишуваат идентични ситуации на постпородилна депресија, но едниот се однесувал на жена, а другиот на маж.

На прашањето дали мислат дека нешто не е во ред со овие две лица, речиси сите – 97%, одговориле со „да“ кога се во прашање жените, а 79,5% „да“ кога се во прашање мажите.

На прашањето што не е во ред, 90,1% од нив точно процениле дека се работи за постпородилна депресија, постнатална депресија или депресија, а само 46,4% одговориле така во случајот со таткото.

За текстот во кој се опишува новопечената мајка, мнозинството од 92,2% одговориле дека депресијата е проблем. Но, кога станува збор за мажите, само 61% одговориле така.

Депресијата кај татковците не се препознава во нивната околина, па затоа најчесто не бараат стручна помош

Сепак, 20,8% од испитаниците одговориле дека симптомите кај таткото од текстот што го опишувал укажуваат на стрес. 11% од нив одговориле дека се работи за замор и стрес. Некои мислеле дека тоа е анксиозност, чувство на запоставување или „бејби блуз“.

Истражувањата покажале дека околината не забележува депресија кај татковците. Така, тие треба сами да се справат со тоа, наместо да бараат стручна помош.

Недостаток на студијата е тоа што учесниците биле избрани преку Интернет, така што примерокот можеби не е доволно репрезентативен.

„Бидејќи многу луѓе не сфаќаат дека мажите можат да имаат и постнатална (постпородилна) депресија (ПНД), полесно е да се минимизираат симптомите“, вели Брендон Еди, доцент на Универзитетот во Невада, кој не учествувал во студијата.

Но тој смета дека новите резултати се охрабрувачки бидејќи значителен број од испитаниците забележале знаци на постнатална депресија кај татко.испитаниците забележале знаци на постнатална депресија кај таткото.

„Постпородилната депресија е болест од која страдаат многу татковци. Тие самите тврдат дека никој не ги гледа нивните маки. Сега се повеќе луѓе почнуваат да го препознаваат тоа “, рекол тој.

Претходните истражувања покажале дека образованието им помага на мајките да се борат против постпородилната депресија, па затоа „итно се потребни слични програми за помош на новите татковци и подигање на свеста за постпородилната татковска депресија“, заклучил истражувачкиот тим на проф. Свами.

По ова истражување спроведено во 2019 година, уште неколку научни студии потврдиле дека постпородилната депресија ги погодува и татковците. Според некои проценки, меѓу 6 и 14% од татковците и мајките страдаат од тоа во одреден дел од нивниот живот со новороденото бебе.

Фото: Pexels-Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]