Како да се справите со вашето инаетливо дете?

Што би можеле да направите кога вашето мало дете одбива да се облече или кога вашиот адолесцент одбива да изврши некоја домашна работа, советува нашата соработничка, дел од тимот на експерти кои одговараат на бесплатната Линија за родители која се нудат совети и практични решенија за родителските дилеми.

0
371

Еден од почестите предизвици со кои може да се соочат некои родители е инаетливоста или опозиционалното однесување на нивното дете.

Опозиционалноста инстинктивно се јавува во моментот кога личноста има потреба да се спротивстави доколку се почувствува контролирана или присилена. Ова е во човековата природа и како и сите инстинкти, има важна функција, како што е можноста за градење на сопствено размислување, ставови, самостојно носење одлуки, препознавање на сопствените желби и разграничување на истите од желбите на другите. Предизвик за родителите е дека незрелоста го прави детето поподложно на изразување на отпор и многу често обидувајќи се да го променат таквото однесување со примена на казни и критики, ситуацијата ескалира до уште поголема напнатост, па дури и конфликт.

Постојаните препирања можат да создадат несигурност и вознемиреност кај децата и можат негативно да влијаат на нивниот развој.

Што би можеле да направите кога вашето мало дете одбива да се облече или кога вашиот адолесцент одбива да изврши некоја домашна работа?

· Пред да ги насочите кон она што треба да го направат, обидете се да се спуштите на нивна висина, да ги погледнете во очи и со насмевка на лицето дадете ја инструкцијата. На тој начин ќе му помогнете на вашето дете да се фокусира на она што му го говорите.

· Внимавајте на тонот, да биде смирен и на начинот на кој ја формулирате реченицата. Не звучите заповеднички и не употребувајте закани. Ако почувствувате дека сте преплавени од емоции во моментот и немате сила дајте му таканаречена „пауза“. Тоа може да го направите на следниот начин:

„Ти давам малку време да размислиш за ова и ќе се вратам да разговараме“ или „Одлучив дека не е добро време за решавање на ова прашање“.

· Дајте му можност за изразување на сопствени идеи и иницијатива. Ако детето е доволно возрасно за да може да се облече или да ги организира домашните задачи, тогаш можеби е време да му го препуштите тоа како обврска. На тој начин го уважувате и му помагате да ја изгради својата самодоверба.

· Без оглед колку и да сте во право, инаетливото дете ќе верува дека неговото тврдење е секогаш исправно. Ниту една расправија нема да го смени неговото мислење. Затоа е бескорисно да влезете во непотребни расправии со него. Тргнете се од расправиите, освен ако не станува збор за особено важни правила кои мора да се почитуваат.

· Избегнувајте ги прашањата на кои би добиле одговор ДА или НЕ, наместо тоа поставувајте отворени прашања со неколку понудени одговори, како на пример: „Што би сакал за појадок утрово: кифла, тост или омлет?“ Ова му овозможува на детето чувство дека само ја носи својата одлука.

· Фокусирајте се на позитивните постапки. Децата сакаат внимание во која било форма што можат да ја добијат. Честопати, можат да го привлечат вниманието на возрасните многу побрзо преку негативно однесување. Ова особено се однесува за инаетливите деца. Колку повеќе добиваат внимание со помош на негативното однесување толку повеќе и го применуваат. Затоа обидете се почесто да ги пофалувате дури и за многу малите успеси.

· Секогаш кога сте во можност и кога сте сигурни дека вашето дете нема да се повреди себеси или некој друг со своите постапки, обидете се да го игнорирате неговото негативно однесување.

· Научете го на природните последици, односно на фактот дека постојат правила, кои доколку не се почитуваат, за тоа ќе следи последица. На тој начин го учите да биде одговорно за своите постапки. Тоа може да го направите со тоа што ќе му ја земете омилената играчка на одредено време или ќе му го скратите времето предвидено за игра. Секогаш објаснете му на кој начин и со кое однесување придонело да се случи тоа.

Фото: Pexels

Александра Стојановска, психолог, системски семеен советник, дел од тимот на експерти кои одговараат на повиците на бесплатната Линија за родители (075 230-530), преку која се нудат совети и практични решенија за родителските дилеми. 

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]