Малите деца не ги разбираат сарказмот и иронијата, а возрасните кои сакаат да ги задеваат и да се шегуваат со нив на овој начин, често се изненадуваат од резултатот на ваквата комуникација.
Ситуација 1.
На детето му паѓа играчката и деловите се распрснуваат по подот. Детето погледнува во таткото очекувајќи реакција, а тој му вели: „Така, така, фрли ја посилно, сигурно ќе се поправи!“ Детето ја зема играчката и ја треска од подот. Таткото е изненаден и му се лути на детето. Детето повторно ја зема играчкјата и ја фрла наивно очекувајќи да се „поправи“. Таткото се лути уште повеќе, му вели дека е безобразно и му ја зема играчката. Детето е збунето.
Ситуација 2.
„Што има да учиш толку“, му вели дедото на внукот затоа што му е жал што детето толку седи и учи, наместо да си играат. „Кога јас бев мал ја ставав книгата под перница и наутро знаев се!“
Пред спиење детето полно со надеж ја става книгата под перница. Следниот ден добива укор од учителката, а родителите му се лути. Детето се чувствува изневерено.
Ситуација 3.
Мајката, таткото и детето се шетаат низ град и јадат сладолед. Сладоледот на детето се топи побрзо отколку што тоа може да го изеде. Ја гледа мајката прашално, а таа вели: „Сано ти лижи полека и целиот измачкај се, нека ти тече низ брада, по рацете, на новата маица. Мајката му го зема остатокот и му го дава на таткото, и грубо го брише со марамчиња. Детето е изненадено што сега таткото го јаде неговиот сладолед и што мајка му се лути…
Малите деца (посебно до предучилишна возраст), не го разбираат начинот на возрасните се шегуваат со нив, особено ако тие шеги имаат примеса на сарказам, иронија, потсмевање. Децата го разбираат буквално она што им се кажува, не го доведуваат во прашање кажаното затоа што немаат искуство дека нешто може да се каже на еден начин, а на целосно спротивен да се направи. Иако на возраснитe им е некогаш симпатично вака да ги задеваат и да ги збунуваат децата, за нив тоа нема никаков смисол, а неретко го извлекуваат и подебелиот крај затоа што ќе го направат она што им е речено. Не само што ова не е фер кон децата, туку нема никаква поента да се зборува со нив на овој начин. Освен што ништо не можат да научат од ваквиот тип на комуникација, таа на нив делува збунувачки, а понекогаш и понижувачки. Дури на возраст од седум-осум години, ваквите шеги ќе имаат малку повеќе смисол, со тоа што и тогаш на детето треба да му се каже дека се шегуваме. Барем ќе може да разбере.