Само 15 земји ширум светот располагаат со трите основни национални политики кои помагаат да се гарантира времето и ресурсите кои им се неопходни на родителите во поддршка на здравиот развој на мозокот на нивните деца, сe наведува денеска во новиот извештај на УНИЦЕФ. Состојбата е уште полоша во 32 земји – кои се дом на едно од осум деца под петгодишна возраст во светот – за кои не се воспоставени ниедна од овие политики.
Според извештајот, Early Moments Matter for Every Child (Првите моменти се важни за секое дете), предучилишно образование во траење од две години, платени паузи за доење во текот на првите шест месеци од животот на детето, и шест месеци платено породилно отсуство, како и четири седмици платено отсуство за таткото, помагаат да се постави клучната основа за оптимален развој во раното детство. Овие политики им помагаат на родителите да обезбедат подобра заштита за своите деца и подобра исхрана, игра и рани искуства преку учењето во клучните први години од животот кога мозокот се развива со стапка која потоа никогаш нема да се повтори.
Во извештајот се истакнува дека Куба, Франција, Португалија, Русија и Шведска се вбројуваат меѓу земјите кои ги гарантираат овие три политики. Меѓутоа, 85 милиони деца под петгодишна возраст растат во 32 земји без да се воведени овие три клучни политики. Изненадувачки е тоа што 40 проценти од овие деца живеат во само две земји – Бангладеш и САД.
„Која е најважната работа која ја имаат децата? Тоа е нивниот мозок. Но, ние не се грижиме за детскиот мозок на начин на кој се грижиме за телото кај децата – особено во раното детство, кога научно е покажано дека рапидно се оформуваат детските мозоци и особеностите кај децата,” рече извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк. „Треба да направиме повеќе за да им ја дадеме поддршката на родителите и негувателите на малите деца која им е неопходна во овој критичен период за развој на мозокот.”
Во извештајот, исто така, се истакнува дека милиони деца под петгодишна возраст ги поминуваат годините на нивно формирање во небезбедна и нестимулативна средина:
• Околу 75 милиони деца во областите зафатени со конфликт, се изложени на зголемен ризик од токсичен стрес, кое пак може да ги инхибира врските помеѓу мозочните ќелии во раното детство;
• На глобално ниво, лошата исхрана, нездравото опкружување и болестите се причината заради која 155 милиони деца под петгодишна возраст имаат забавен раст, а заради тоа нивните тела и мозоци се лишени од развивање на целосниот потенцијал;
• Една четвртина од сите деца на возраст помеѓу 2 и 4 години во 64 земји не учествуваат во активности кои се суштински за развојот на мозокот, како што се игра, читање и пеење;
• Околу 300 милиони деца на глобално ниво живеат во области каде воздухот е загаден, а новите истражувања покажуваат дека тоа може да ги оштети мозоците кои се развиваат кај децата.
Неуспехот да се заштитат најобесправените деца и да им се обезбедат можности за ран развој, го поткопува развојот на цели општества и економии, се предупредува во извештајот, каде се цитира една студија која открива дека децата од сиромашните домаќинства кои имаат искуства преку игра и рано учење на рана возраст заработиле во просек 25 проценти повеќе како возрасни лица отколку оние кои ги немале тие искуства.
„Доколку сега не инвестираме во најранливите деца и семејства ќе продолжиме да ги одржуваме меѓугенерациските циклуси на обесправеност и нерамноправност. Живот по живот, пропуштена можност по пропуштена можност, само го зголемуваат јазот помеѓу богатите и сиромашните и тоа ја поткопува нашата долгорочна сила и стабилност” рече Лејк.
Владите ширум светот, во просек трошат помалку од 2 проценти од нивните буџети за образование на програмите во раното детство. Сепак, извештајот истакнува дека ако денеска инвестираме во првите години кај децата, во иднина се остваруваат значителни економски добивки. Од секој 1 американски долар кој е инвестиран во програмите за поддршка на доењето за возврат се добиваат 35 американски долари; и од секој 1 американски долар кој е инвестиран за грижа во раното детство и образование за најобесправените деца може за возврат да се остварат до 17 американски долари.
Со извештајот се повикуваат владите и приватниот сектор да ги поддржат основните национални политики за поддршка на развојот во раното детство, вклучувајќи и преку:
• Инвестиции во и проширување на услугите за развој во раното детство во домовите, училиштата, заедниците и здравствените клиники – а приоритет се дава на најранливите деца;
• Креирање на политики по мерка на семејствата, вклучувајќи две години бесплатно предучилишно образование, платено родителско/породилно отсуство и платени паузи за доење, како национален приоритет;
• Обезбедување на неопходното време и ресурси за вработените родители во поддршка на развојот на мозокот кај нивните мали деца;
• Собирање и распределба на податоци за развојот во раното детство и следење на напредокот во опфатот на најранливите деца и семејства.
„Политиките со кои се поддржува развојот во раното детство претставуваат клучна инвестиција во мозоците на нашите деца, а со тоа и во граѓаните и работната сила на иднината – и буквално за иднината на светот,” рече Лејк.
Варијаблите за оваа анализа на УНИЦЕФ беа обезбедени од страна на WORLD Policy Analysis Center при Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес. Податоците за населението во 2017 ги обезбеди УНДП. Варијаблите вклучуваат: две години бесплатно предучилишно образование; платени паузи за доење на новите мајки во првите шест месеци; и шест месеци платено породилно отсуство и четири седмици платено отсуство за татковците.
Земји кои ги имаат воведено трите политики се: Белорусија, Бугарија, Куба, Франција, Унгарија, Италија, Летонија, Луксембург, Португалија, Романија, Руска Федерација, Сан Марино, Шведска, Туркменистан, и Украина.
Земји во кои не е воведена ниедна од трите политики: Алжир, Австралија, Бангладеш, Барбадос, Белизе, Бутан, Босна и Херцеговина, Брунеј, Доминика, Гамбиа, Гренада, Кенија, Демократска Народна Република Кореја, Либерија, Малави, Малезија, Федерални Држави на Микронезија, Мијанмар, Намибија, Оман, Сиера Леоне, Сингапур, Јужна Африка, Свети Кристофер и Невис, Света Луција, Свазиланд, Тонга, Тринидад и Тобаго, Уганда, САД, Јемен и Замбија.
Извештајот ќе биде промовиран на настан на високо ниво, на 72-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации.