Обидот да го фатите детето во лага е целосно бесмислен и е губење на време. Би требало да развиете нови методи со кои ќе бидете нешто посигурни дека детето не лаже.
Со казнување нема да постигнете ништо освен што ќе го направите детето подобар лажго. Би било идеално кога на детето би му овозможиле да се чувствува пријатно кога треба да ви ја каже вистината, и тоа уште од најрана возраст. Ако е детето веќе тинејџер, не е доцна да изградите доверба затоа што таа е клучна кога станува збор за искреноста.
Можеби ќе ви требаат неколку месеци па и цела година за да изградите со детето таков однос и да постигнете тоа да ви верува во таква мерка што секогаш ќе ви ја кажува вистината.
Поминувајте време со детето секој ден
Тоа не мора да биде повеќечасовно дружење. Споделете со него само неколку ситници кои ви се случиле тој ден. Предложете да одите заедно да правите нешто во што вашиот тинејџер ужива, на пример, да одите во шопинг или да играте видео игри.
Очекувајте тестирање
Детето нема веднаш да ви се довери. Можеби ќе ви каже дека неговиот пријател почнал да пуши само за да ја види вашата реакција. Ако почнете да кревате паника и да му велите дека не смее повеќе да се дружи со него, детето сигурно нема да ви се довери. Но ако реагирате на тој начин што ќе се интересирате како се чувствува тој негов пријател, дали планира да престане да пуши и дали можеби му треба вашата помош, детето ќе сфати дека може да ви се довери и да смета на вас.
Не реагирајте претерано
Кога вашиот тинејџер ќе ви каже нешто што ве вознемирува, смирете се и почнете длабоко да дишете. Ако треба гризнете си го и јазикот. Кога тинејџерот ќе почне да ви се доверува треба да знаете дека сте направиле важна работа за негово добро. Но тоа не значи да нема последици за неодговорно однесување. Важно е да ви се доверува постојано и сте упатени во неговиот живот, колку и да ве вознемирува вистината.
Помогнете му да го реши проблемот
Кога тинејџерот ќе ви каже на пример дека неговите пријатели возат и пијат, инстинктвната реакција би била вознемиреност. Но ако кажете дека со нив повеќе никогаш нема да се вози бидете сигурни дека ќе го направи токму тоа. Но ако го прашате што мисли тој за сето тоа и ако му дозволите да ги искаже своите мисли и чувства, ќе знае како да реагира. Можеби му е на детето непријатно да му се спротивстави на друштвото и да им каже дека не сака да се вози во автомобил со пијан возач, мора да реагирате мудро и да му кажете дека ќе најдете начин да се наоѓа повеќе во такви ситуации.
Секој родител сака да верува дека детето не го лаже, но такво нешто не постои. Колку и да сте добар, разумен и грижлив родител, тинејџерите барем во еден момент од својот адолесцентен период нешто ќе излажат, ако не за друго, колку да проверат колку вешти лажговци се. Ако не ви е баш јасно зошто сето тоа, вратете се малку во минатото и сетете се на себеси во тие години. Дали секогаш им кажувавте се на родителите? Веројатно не, а што е најдобро од се, некои работи премолчувате пред нив и ден денеска!